На почетокот на оваа година, Министерството за култура ја исполни својата обврска, и врз основа на работата и преземените мерки на Комисија за управување со природното и културното наследство на Охридскиот регион, со надлежност да ги следењето на состојбите пропишани со Законот за управување, усогласување на планските документи и активности со Планот за управување со природното и културното наследство на Охридскиот регион, во соработка со албанската држава како партнер во презервацијата на светското културно наследство Охрид и охридски регион, го достави извештајот меѓу две сесии на Комитетот за културно наседство на УНЕСКО кој треба да се произнесе за него деновиве на конференцијата што се одржува во Ријад, главниот град на Саудиска Арабија.
Заедничка координација на Македонија и Албанија
Во низата реализирани активности од препораките на Комитетот за светско наследство на УНЕСКО, Владата на Република Северна Македонија и Владата на Република Албанија преку нивните државни институции, формираа експертски Работна група и Меѓуинституционален експертски тим составен од експерти за културно и природно наследство, кои го изготвија Стратегискиот план за рехабилитација на природното и културното наследство на Охридскиот регион (2023 – 2030). Документот содржи мерки за рехабилитација и упатства за активности за сите засегнати страни кои директно или индиректно се вклучени во заштитата и/или управувањето со културните и природните вредности на регионот. Имплементацијата на мерките содржани во Стратегискиот има за цел да ја спречи понатамошната деградација на универзални вредности на Охрид, Охридското Езеро и регионот и да се обезбеди ефикасно градење на интегриран пристап за нивно зачувување.
Составен дел на Стратегискиот план е Акцискиот план во кој, врз основа на претходни анализи на состојбата и заканите по исклучителната универзална вредност на природното и културното наследство во Охридскиот регион, се дефинирани мерките за рехабилитација со кои ќе се отстранат односно ќе се намалат заканите, надлежните институции и степенот на реализација на активностите, а содржани се и показатели врз основа на кои ќе се утврди дали целта дефинирана со мерката е постигната.
Во насока на заедничка координација на активностите и задолженијата во однос на препораките од реактивните мониторинг мисии на УНЕСКО и неговите советодавни тела и преземените активности од страна на сите засегнати страни во однос на нивното исполнување, на иницијатива на министерката за култура и претседател на Националната комисија за УНЕСКО, Бисера Костадиновска – Стојчевска, беа одржани координативни состаноци со претставниците на централната и локалната власт, директори на институции и агенции, како и граѓанскиот сектор. На состаноците се дискутираше за отворените проблеми кои институциите ги имаат во насока на исполнување на препораките и заедничките напори за зачувувањето на исклучителната универзална вредност на Охридскиот регион.
Грижата за Охрид треба да е грижа и на локалната власт и на сите засегнати
По одржаните состаноци, согласно задолжувањата од страна на Владата, изработени се измени на Законот за прогласување на Старото градско јадро на Охрид за културно наследство од особено значење со кој се заострува режимот на заштита во Старото градско јадро, додека Управата за заштита на културното наследство, во соработка со Министерството за култура и Министерството за животна средина и просторно планирање изработи „Упатство за чинителите/имателите на заштитени добра во Охридскиот регион со насоки за примена на мерките за заштита“.
Како една од успешните активности на овој план може да се смета прифатената апликацијата на Заводот за заштита на спомениците на културата и Музеј – Охрид за реализација на проектот „Зајакнување на капацитетите за управување со културното наследство на Oхридскиот регион: Обука за развој на ГИС базата на податоци за Заводот и Музеј – Охрид“. За оваа своја активнносѕ на Заводот и мусеј во Охрид му беше доделена и меѓународна финансиска помош од Фондот за светско наследство во износ од 55.000 американски долари, а беше потврдена и номинацијата за црквата „Св. Ѓорѓи“ во Курбиново на Тентативната (привремена) листа на УНЕСКО за светско наследство.
Со цел утврдување на состојбата со хотел „Палас – Охрид“, согласно барањата на Советодавна мисија на УНЕСКО заклучено е да не се преземаат никакви активности на хотелскиот комплекс „Палас“ во Охрид додека не се утврдат можните ризици и штетни влијание кои би ја загрозиле животната средина.
На 7 февруари 2023 годинаво седиштето на УНЕСКО во Париз, Франција, министерката за култура и претседателка на Националната комисија за УНЕСКО Бисера Костадиновска-Стојчевска, на средба во Центарот за светско наследство, разговараше за повеќе актуелни прашања во однос на заштитата на светското природно и културно наследство на Охридскиот регион. Министерката ги истакна активностите кои нашата држава ги има реализирано и посочи дека Владата на Република Северна Македонија останува целосно посветена на успешната имплементација на Конвенцијата за светско наследство и во соработка со сите релевантни државни институции, општини, како и со граѓанското општество. На средбата во Париз министерката соопштила дека државата ги интензивира напорите за имплементација на препораките што произлегуваат од одлуките на Комитетот за светско наследство и на Реактивните мониторинг мисии. Од страна на УНЕСКО беа поздравени напорите меѓу владите и националните комисии на Република Северна Македонија и на Република Албанија во однос на имплементацијата на препораките на УНЕСКО и неговите советодавни тела кои се однесуваат на Охридскиот регион.
Националната комисија за УНЕСКО во текот на првата половина на оваа година во неколку наврати дискутираше за тековната ситуација со изградбата на објект – хотел на крајбрежјето на Охридското Езеро во Лагадин за кој се заклучи дека општина Охрид е потребно детално да ја утврди фактичката сосотојба во однос на издаденото одобрение за градење од 2016 година.
Се дискутираше и за јавниот оглас на општина Охрид за поставување урбана опрема – покриени и непокриени шанкови со локации на подрачје на општина Охрид за период 2023-2026 година, како и за Акцискиот план за преземање итни мерки од Стратегискиот план за рехабилитација на природното и културното наследство на Охридскиот регион 2023-2030.
Сите предизвици на Комисија за управување со природното и културното наследство на Охридскиот регион
Од 16 февруари 2021 година кога е основана, Комисијата за управување со природното и културното наследство на Охридскиот регион доследно и со несмален интензитет ги остварува своите надлежности во следењето на состојбите со природното и културното наследство во регионот, а кои се пропишани со Законот за управување, усогласување на планските документи и активности со Планот за управување со природното и културното наследство на Охридскиот регион донесен на 21 јануари 2020 година.
Најголемиот број предмети или барања кои се доставувани и разгледувани на седниците на Комисијата се однесуваат на барање мислење за изработка или измени и дополнувања на разновидна планска документација во Охридскиот регион, односно на територијата на општините Охрид, Струга и Дебрца, како и бројни предмети кои се однесуваат на состојбите со природното и културното наследство во регионот.
Во согласност со своите надлежности, и покрај бројните притисоци, Комисијата разгледуваше и дава свои мислења и укажувања или реакции и по барања доставени од граѓански здруженија, физички и правни лица или по своја констатација за неправилности во вршење одредени активности во Охридскиот регион со кои се загрозува природното и културното наследство. Во таа насока, а искажувајќи ја својата транспарентност во работењето, на нејзините седници присуствуваат и ги следат и претставници на граѓанските здруженија ФРОНТ 21/42 и Охрид ЅОЅ, како и засегнати странки чии предмети се тема на рагледување од страна на Комисијата.
Во своето работење Комисијата за управување во улога на координативно и советодавно тело го дава својот максимум со цел изнаоѓање начин за правично постапување по добиените предмети, при тоа имајќи ја предвид потребата од развој на општините, но и зачувување на вредностите поради кои овој регион е впишан на Листата на светско наследство на УНЕСКО. Со цел намалување на урбанистичката пресија Комисијата им укажуваше на планерите да го почитуваат процентот на изграденост, искористеност на градежните парцели, катноста, како и дозволеното пречекорување кое треба да влезе во вкупниот процент на изграденост, како и максимално почитување на пределските и амбиентални вредности на регионот како светско наследство.
Во текот на своето работење од Комисијата за управување информираа дека се справуваше со бројни проблеми кои произлегуваат од голем број недоследности, недоречености и несоодветни одредби кои произлегуваат од неусогласеноста на законската регулатива која го третира регионот на Охридското Езеро, но и одредени погрешни одлуки и акти издадени од институции надлежни за заштита и управување со природното и културното наследство на Охридскиот регион. Во таа насока оценето е дека е неопходно итно донесување на нов Закон за управување со светското природно и културно наследство на Охридскиот регион. Со донесување на нов Закон за управување се очекува дел од овие проблеми да се надминат, имајќи предвид дека во него би се допрецизирале улогата и надлежностите на Комисијата предвидени со Законот за управување со светското природно и културно наследство на Охридскиот регион.
Зоран Бојаровски / Рацин.мк