Во предвечерието на 44. издание на ИФФК „Браќа Манаки“, во Битола се одржа разговор на тема „Нарацијата во книжевноста и филмот“, на кој учествуваше македонската писателка, книжевна преведувачка и професорка, Румена Бужаровска.
Тоа што се памети е приказната. Сите најдобро паметиме приказни. Начинот на кој учиме е преку приказни, начинот на кој го пренесуваме знаењето е преку приказни. Но, и преку слики, во филмската уметност, истакна Бужаровска.
– Некои од сликите во детството се немаат најдено во моите раскази. На пример, кога бев малечка, ме нервираше едно девојче кое ни кажуваше постојано да ѝ зборуваме дека е убава, па еднаш ѝ реков да фати коприва. Таа слика кога таа ја фати копривата, ми остана во сеќавање. Сакав да сфати дека убавината не е нешто најважно на светот, рече Бужаровска.
Таа на посетителите им откри дека во последно време пишува во сцени.
– Прво сакам да завршам за една сцена каде има една локација визуелна, па потоа да започнам да пишувам во друга сцена. И тоа ми го олеснува пишувањето, додаде писателката.
Според неа, кога станува збор за филм, приказната е сржта на филмот.
– Режисерите често се преценуваат кога се обидуваат да напишат приказна за филм. И пишувањето и снимањето филм, се занаети. Режисерите треба да им дадат простор на раскажувачите и на писателите. Има начин како се пишува приказна, како што има начин како се снима филм. Тоа се вештини и тоа се учи. Но, сепак, не може да има филм без приказна, смета писателката.
Како што таа појасни, филмот е ниво на кое се соединуваат повеќе уметности.
– Многу полесно да се напише книга, во тој процес човек е сам. Но, многу е потешко да се сними филм бидејќи таму има екипа од многу луѓе, кои се „комплицирани“, додаде Бужаровска.
Во рамки на ИФФК „Браќа Манаки“ до 29 септември, како дел од Офф програмата, во Битола ќе се одржуваат презентации, изложби и работилници.