Пишува: СЕФЕР ТАХИРИ
Уставните измени како сигурна врата за продолжување на процесот на интеграциите на Северна Македонија во Европската Унија продолжуваат да бидат во фокусот на медиумите на албански јазик. И во летните месеци, оваа тема е онаа која најмногу се покриваше во информативниот и аналитичкиот простор во медиумите на албански јазик. Професионалниот пристап кон аналитичкото известување и толкување беше секогаш афирмативен, односно, уставните измени се гледаат како неопходна потреба што го отвора патот кон обединетата европска организација. Сепак, оваа медиумска тенденција беше секогаш поврзана со актуелизирање и политичка аргументација на албанските партии и јавното мислење дека уставните измени треба да опфатат и промена на статистичката дефиниција на албанскиот јазик како „јазик што го зборуваат повеќе од 20 проценти од населението“ и нејзина замена со терминот „албански јазик“.
Како што истакнавме во уште јули 2022 година, кога ја објавивме анализата со наслов „Како известуваа медиумите на албански јазик за „францускиот предлог“?[i], медиумите на албански јазик се разликуваат од македонските по пристапот кон уставните измени. Повторно потсетуваме на дел од таа анализа, за да докажеме дека во споредба со актуелниот политички и медиумски дискурс, нема големи разлики во пристапите на медиумите на различни јазици.
„Медиумите на албански јазик имаа главно афирмативно известување за „францускиот предлог“ за преговарачка рамка на ЕУ за почеток на преговорите за членство на Северна Македонија во Европската унија. Сепак, имаше случаи на сензационалистичко известување, како и дезинформации. Медиумите на албански јазик и дадоа големо значење на изјавата на премиерот Димитар Ковачевски, но и на изјавите на министерот за надворешни работи Бујар Османи, претседателот на државата, Стево Пендаровски, официјални претставници, но и регионални политичари и дипломати, кои со позитивна интонација се изразија на предлогот“.
Силна најава на седницата за уставни измени
Голем дел од медиумите на албански јазик, на 17 август 2023 година, најавија одржување на седницата на Собранието на која на дневен ред беа уставните измени, со кои Бугарите стануваат дел од Преамбулата на највисокиот правно акт на државата.
Голем дел од медиумите известуваа најавувајќи ја седницата, но со и објавување на писмото на министерот за надворешни работи на Северна Македонија, Бујар Османи упатено до пратениците, со кое ден пред седницата ги повика „Во петок одлучувате за иднината”:
- Уставни измени во РСМ, министерот за надворешни работи до пратениците: Во петок одлучувате за иднината (17 август 2023, Газета експрес)[ii].
- Писмо од министерот за надворешни работи до пратениците за уставните измени: Во петок одлучувате за иднината (17 август 2023, ТВ Шења)[iii].
- Писмо на Бујар Османи до пратениците: Уставните измени не се прават по бугарски диктат (17 август 2023, портал Телеграфи)[iv].
- Османи со отворено писмо до пратениците: Од вас зависи европската иднина на државата (17 август 2023, ТВ 21 Македонија)[v].
- Османи испраќа писмо до пратениците пред почетокот на дебатата за уставните измени (17 август 2023, портал Алмакос)[vi].
Балансиран простор за власта (СДСМ) и опозицијата (ВМРО-ДПМНЕ)
Дел од медиумите се фокусираа на позициите на Владата, односно на премиерот Димитар Ковачевски, како и на најголемата македонска опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ. Власта остана на ставот дека уставните измени мора да бидат усвоени, а македонската опозиција на ставот дека нема да ги поддржи под никакви услови. Позициите на власта и опозицијата беа главно претставени на објективен, коректен, но и избалансиран начин:
- Утре е денот „Д“ за уставни измени – Власта бара консензус, опозицијата не се откажува (17 август 2023, портал ИНА)[vii]
- Пленарна седница за уставни измени, СДСМ: Ќе се докаже кој ја поддржува интеграцијата (17 август 2023, портал Фљака)[viii]
- Пораки за седницата за уставни измени, Ковачевски: За европска Македонија потребни се 80 гласа (17 август 2023, ТВ 21 Македонија)[ix]
- ВМРО-ДПМНЕ: Нема да има уставни измени, Ковачевски ги нема пратениците (17 август 2023, портал Тетовасот)[x]
- Два дена пред седницата за уставните измени, ВМРО-ДПМНЕ не попушта: „Против сме, нема мнозинство“ (17 август 2023, ТВ 21 Македонија)[xi]
- ВМРО-ДПМНЕ: Остануваме против уставните измени (17 август 2023, портал Лајмпрес)[xii]
- Уставните промени: последна шанса на ВМРО да размисли за европскиот напредок на земјата (17 август, портал Пресонлајн)[xiii]
Некои медиуми со критички тонови кон ВМРО-ДПМНЕ
Некои портали на албански јазик имаа критички пристап кон ВМРО-ДПМНЕ, која според нив го блокира процесот на интеграција во Европската унија. Насловот на порталот Тетовасот „Патот на Северна Македонија кон ЕУ го блокираат само ВМРО и нејзините „сателити“!“ [xiv].Се чини дека имал само цел да се зголемат кликовите, бидејќи во веста се пренесуваат изјавите на премиерот Ковачевски, но не се објаснува кои се сателитите на партијата на Мицкоски кои ја блокираат интеграцијата.
И порталот Газетаекспрес објави „моќен“ наслов во врска со позициите на ВМРО-ДПМНЕ „Единствената идеологија што ја имаат ВМРО и Мицкоски е блокирањето на европската иднина“[xv], но насловот не објаснува дали е став на уредувачката политика на редакцијата на порталот, бидејќи не му се атрибуира на премиерот Ковачевски. Во самиот напис премиерот се парафразира дека единствена идеологија на ВМРО-ДПМНЕ е блокадата и изолацијата. „ВМРО-ДПМНЕ докажа дека немаат аргументи и дека немаат идеи за дебата. Докажуваат дека се подготвени да ја блокираат европската иднина на граѓаните само за лични цели“, изјави Ковачевски.
Порталот ИНА го објави коментарот на владиниот функционер, Марјан Забрчанец со наслов „Тајниот план на Мицкоски“[xvi], во кој тој наведува дека овој план „не може истовремено да биде антиевропски и македонски“.
„Какви тајни планови крои и крие Мицкоски? Дали некој во оваа држава има дилема дека секој таен план на ДПМНЕ е опасен план за Македонија? Дали тајниот план на Мицкоски е прекин на преговорите со ЕУ и нова изолација на државата? Дали тајниот план на Мицкоски е додавање масло во радевиот и куртиевиот жар и јавање на антибугарскиот и антиалбанскиот сентимент кај македонците? , пишува Забрчанец во објавениот коментар.
Албанската опозиција доби голем медиумски простор
Во меѓувреме, голем дел од медиумите им дадоа значителен простор на позициите на албанскиот опозициски фронт, составен од Демократското движење на Изет Меџити, Алтернатива на Африм Гаши и Движењето БЕСА на Билал Касами, кои побараа прогласување на предвремени парламентарни избори ако не се одобрат уставните амандмани:
- Опозицискиот блок со заеднички повик: Веднаш да се стават на гласање уставните измени! (17 август 2023, ТВ 21 Македонија)[xvii]
- Зошто не се прифаќаат амандманите на ДД кои нудат европско балканско решение (17 август 2023, портал Актуале)[xviii]
- Меџити, Касами и Гаши: Да гласаме за уставните измени и да се отстрани 20% (17 август 2023, ТВ Шења)[xix]
- Албанскиот опозициски фронт инсистира: Без отстранување на 20%, нема уставни измени (17 август, Порталб) [xx]
Порталот Журнал ја објави анализата со наслов „Анализа: Северна Македонија, невеста во бел фустан гори од љубов кон ЕУ, но и недостигаат 7-8 гласа за да се вери“[xxi].
„СИТЕ ВО СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА ЈА САКАМЕ ЕУ, НО ОВАА ЉУБОВ СÈ УШТЕ НЕ СЕ ‘РАЗГОРУВА; ПОРАДИ НЕДОСТИГОТ ОД 5-6 ИЛИ 7-8 ГЛАСОВИ НА ПРАТЕНИЦИТЕ, ЗА ДА СЕ КРУНИСА И ДА ПОЧНЕМЕ ПРОЦЕДУРА ЗА РАЗМЕНА НА ВЕРЕНИЧКИ ПРСТЕНИ. НЕФОРМАЛНИОТ РОК ОСТАНУВА НОЕМВРИ, НО ОПОЗИЦИЈАТА БАРА ДА НЕ СЕ ЧЕКА ДОТОГАШ, ТУКУ ПОРАНО ДА СЕ РАЗЈАСНАТ РАБОТИТЕ, ТЕСТИРАЈЌИ ГО РАСПОЛОЖЕНИЕТО ЗА ВОВЕДУВАЊЕ НА БУГАРИТЕ ВО ПРЕАМБУЛАТА, НО И ВОВЕДУВАЊЕ НА АЛБАНСКИ ЈАЗИК НАМЕСТО 20-ТЕ ПРОЦЕНТИ“, ПИШУВА ЖУРНАЛ.
Уставни измени – раскрсница меѓу Западот и Истокот!
Уставните измени како клуч за отворање на вратите на Европската унија, на националната телевизија на албански јазик, Алсат М, беа интерпретирани како пресвртница која ја одредува траекторијата на иднината на земјата на раскрсницата меѓу западноевропскиот блок и прорускиот источен блок.
Насловот на новинарскиот извештај е „Пратениците: Македонија денеска одлучува кон запад или кон исток!“[xxii], но во прилогот немаше опсервација поврзана со насловот. Во извештајот се вели: „Опуштената атмосфера беше видлива пред почетокот на седницата во Собранието. Пратениците имаа најголем проблем каде да ги паркираат автомобилите. Некои се грижеа да дојдат на ред за да имаат можност да зборуваат пред медиумите. Имаше различни мислења од сите политички партии во однос на очекувањата за уставните измени“. Од друга страна, ТВ Алсат коректно и избалансирано ги презентираше позициите на сите партии.
Зејд со „бомбастична“ изјава: Албанските општини самите во ЕУ
Во текот на политичката расправа за уставните измени, независниот пратеник Скендер Реџепи Зејд, кој ја формираше новата политичка партија Движењето Народ (Lëvizja Populli), излезе со голема идеја со моќен етно-политички наратив, иако мошне нереална, дека „албанските општини може да го бараат патот кон Европската унија одвоено од македонските општини“.
„Реџепи во Собрание: Може да се случи албанските општини да го бараат патот кон ЕУ одвоено од македонските“, беа насловите на порталите: Журнал[xxiii], Тетовасот[xxiv], Алмакос[xxv] и Телеграфи[xxvi].
Телевизија 21 ја пренесе изјавата на пратеникот Скендер Реџепи под наслов „Зејд алармира на опасност од национализам: Албанските општини во Македонија може да бараат пат кон ЕУ, одвоено од македонските“[xxvii].
„Независниот пратеник Скендер Реџепи-Зејд во својот говор за време на расправата за изгласување на потребата од уставни измени, зборуваше за ризикот од ширење на национализам во државата, во случај да не се изгласаат уставните амандмани. Реџепи вели дека во албанскиот политички табор може да се создаде националистичка партија, што би предизвикало дополнителни проблеми во судирот со македонските националистички партии. „Можно е во блиска иднина да се појават и други барања каде Албанците или албанските општини, водени од таков национализам, ќе бараат пат кон ЕУ, одвоено од македонските општини“, изјави Зејд, пренесе ТВ 21.
Треба да се нагласи дека сите медиуми на некритички начин ја пренесоа изјавата на пратеникот Реџепи, имено овој пратеник не беше прашан како ја замислува интеграцијата на албанските општини во ЕУ и дали овој проект ја дезинтегрира државата?
Дека уставните измени во албанската политичка хемисфера се гледаат како штит за спречување на антизападни сценарија, зборува и изјавата на лидерот на новата албанска партија, Партијата за европска иднина (ПАЕ), Аријанит Хоџа[xxviii].
„Доколку не се изгласаат уставните измени, Северна Македонија станува лесна мета за антизападни сценарија! Не треба да се изгубат шансите што ги даваат меѓународните партнери, затоа ги повикуваме сите политички фактори да излезат од рамката на партиските анкети и да размислуваат за иднината на граѓаните, новите генерации и државата“, рече Хоџа.
Религиозниот речник на политичарите во дебатата за уставните измени
Дека прашањето за уставните измени е многу важно, па дури и клучно за албанскиот политички табор, докажуваат и изјавите кои ја надминуваат политичката сфера. Дури и координаторот на пратеничката група на Демократската унија за интеграција, Арбр Адеми, сакајќи да ја оправда неопходноста од измени на Уставот, на денот на почетокот на расправата, копирајќи ги зборовите на лидерот на оваа партија, Али Ахмети, што зборува за негување на култ на водачот, со религиозен речник рече дека „денес одиме пред мостот Сират“[xxix] (Во исламската вера се проповеда дека мостот Сират е потенок од влакно и поостар од меч и на Судниот ден (Кијаметот), оние што ќе го преминат ќе влезат во рајот).
И професорот по уставно право на Универзитетот во Тетово, Мерсим Максути, сакајќи да објасни дека и покрај ригидноста, поточно уставната ригидност што треба да ја имаат демократските земји, во изјавата за ТВМ 2, програмата на албански јазик, вели дека „Од друга страна, тоа не значи дека уставот е свет документ кој никогаш не се менува. Не. Дури и овие измени што ги имаме денес во уставот се резултат на потребата, на деблокирање во нашиот случај на процесот на интеграција на патот кон ЕУ“.
Додека МТВ 2 го емитуваше прилогот со наслов „Честа измена на Уставот, Максути: Дозволено е, но актот мора да ја задржи својата ригидност“[xxx], поголем дел од порталите, како Тетова Сот[xxxi], Газета[xxxii], Алмакос[xxxiii], Фљака[xxxiv], ја реобјавија изјавата со наслов: „Максути: Уставот не е свет документ!“
Медиумите, политичарите и аналитичарите на албански јазик: Да се вклучи албанскиот јазик, да се отстрани „20 проценти“
И во анализата објавена во јуни 2023 година со наслов „Етноцентрично и партизирано медиумско известување за уставните измени“[xxxv], нагласивме дека „медиумите на албански јазик ставија акцент на фактот дека со уставните измени нема да се подобри статусот на Албанците, односно тие нема да бидат редефинирани од „припадници на заедницата, кои над 20%“ во Албанци, а ниту на албанскиот нема да му се отстрани именувањето како „јазикот што го зборуваат повеќе од 20% од населението““.
Покрај неопходноста од усвојување на уставните измени, албанската политика и во текот на летото не престана да бара албанскиот јазик да се внесе во Уставот, заменувајќи ја формулацијата „20 проценти“.
Изјавата на пратеникот на Алијансата за Албанците, Халил Снопче дека „Ова е барање што доаѓа од албанскиот народ, албанскиот јазик е меѓу најстарите јазици во Европа“[xxxvi] одекна силно во медиумите на албански јазик. Снопче е цитиран од медиумите дека рекол: „Албанскиот јазик е еден од најстарите јазици во Европа, стар 6.000 години и би било чест, вели Снопче, секоја европска земја да го има албанскиот јазик како службен јазик. Самите Македонци мора да се заложат за официјализирање на албанскиот јазик и замена на сегментот 20% со албански јазик“.
Порталот Нистори ги објави изјавите на Снопче под наслов „Снопче: Македонците да го сфатат како чест албанскиот јазик да е официјален“[xxxvii]. Но, Снопче во соопштението не бара албанскиот да биде официјален, туку да се отстранат 20-те проценти, притоа нагласувајќи дека „за секоја европска земја би била чест да го има албанскиот како официјален јазик“, односно слично на Северна Македонија.
Во меѓувреме, порталот „Ина-онлајн“ го објави коментарот на колумнистот Мухамер Пајазити со наслов „Каде одите во Европа без албанскиот јазик?“[xxxviii], дел од кој пренесуваме.
„Што прават македонците, каде е разликата, дали е тешко да се најдат причините зошто на Европската Унија и се потребни 24 официјални јазици, а Македонија не е во состојба да го официјализира јазикот на етничкиот народ кој сочинува околу 30 отсто од населението. Причините не е тешко да се најдат, тоа се: демократијата, транспарентноста и правото да се знае, што македонскиот менталитет не сака да ги прифати.
Како е можно Европската Унија да ја објави одобрената легислатива и да ја стави достапна на 24 официјални јазици, а на албанците во Македонија сè уште да им се ускратува ова право?! Зошто и Македонија не го почитува основниот принцип на ЕУ на сите свои граѓани и на избраните претставници да им понуди можност да комуницираат со институциите на нивниот народен јазик?“.
Коментарот, како што може да се види, е упатен до Македонците, кои според коментаторот немаат причина да не го признаат албанскиот во Уставот.
Познатиот новинар и публицист, Махи Несими, во својата анализа со наслов „Бугарите одат напред – Албанците во длабок сон“[xxxix], пишува дека правно-уставната положба во која историски живеат Албанците е неповолна:
„Бидејќи работите околу уставните измени видливо напредувале, додека ниту еден албански претставник (министер, пратеник, политичка партија итн.) Не отворил уста да бара промените во преамбулата да ги опфатат и албанците, обезбедувајќи им го статусот на државотворен народ, оваа 78-години стара желба на албанците остана (за жал) да биде претставувана од поединци надвор од политичките структури избрани и именувани од албанците кои се залагаат за доброто на албанците“, коментира Несими.
Порталот Журнал го објави ставот на аналитичарот Сулејман Мехази, кој апелира до лидерите на СДСМ, ВМРО ДПМНЕ и партијата Левица, но и ДУИ и АА – „Внимавајте со 20%! РСМ- историски е повеќе албанска отколку македонска“[xl].
Мехази, откако наброја некои големи личности од албанската историја со потекло од Северна Македонија, како што се: првиот министер за одбрана на албанската држава Мехмет Дерала; Војсава, мајката на Скендербег; Мустафа Шех Тетова, секретар на Албанската лига на Призрен; познатиот албанско-американски лекар, Ферид Мурад, кој ја доби Нобеловата награда како и света Мајка Тереза, исто така споменува дека „…Скопје бил вилает на Албанците, а не на Македонците“, како и дека „… Конгресот на албанската азбука се одржа во градот Битола во вашата Северна Македонија“.
Мехази на крајот заклучува: „Чувајте се од 20% за Албанци!, вие сограѓани Македонци, Мицкоски, Апасиев, Ковачевски, што се перчите кон Албанците, дека вашата држава РСМ е создадена од стент од болното срце на Илирида“.
Топонимот Илирида, според историчарот Неби Дервиши “е името на реката која во античко време ги допирала бреговите на трите илирски кралства: на Дарданците, Пајонците и Енкелеите. Реката Илирида според некои албански историчари од поново време. : како што се проф. Али Вишко, проф. Масар Кодра, проф. Јусуф Буџови и други, е денешната река Треска“. Овој топоним во јануари 1992 година беше искористен за да се прогласи политичката и територијалната автономија на Албанците во Северна Македонија[xli], проект кој не беше прифатен од институциите на независната држава, излезена од поранешната југословенска федерација.
Стари вести (и дезинформации) се објавуваат како нови
Кога има жестоки политички дебати, порталите често преобјавуваат стари вести, со цел преку сензационализам да ги зголемат нивните читатели. Ова се случи со изјавата на бугарската новинарка и аналитичарка на меѓународната политика, Зорница Илиева, која, како што пренесуваат порталите Ina-online.net[xlii], Telegrami.mk[xliii], Infoshqip.com[xliv] со речиси идентични текстови на 9 септември 2023 година (некои од нив реферираат на текст објавен на порталот на македонски јазик Expres.mk), оценила дека „Македонија ќе се федерализира без разлика дали ќе влезе во ЕУ“.
„По Охридскиот договор, албанците не само што добија права, туку пред нив остана само уште едно прашање – федерализацијата на рсм. Тоа е големата грижа на македонците. Тие се надеваат дека со нивниот влез во ЕУ тоа нема да се случи. Не, тоа ќе се случи, бидејќи најголем интегративен потенцијал на Балканот има кај албанскиот етнос, без разлика дали е во Албанија, Косово или во Македонија. Сите одлуки во Македонија се носат не само со учеството на албанските партии, туку и врз основа на тоа што ќе кажат тие. Без нив не може да има Влада, без нив не може да се донесе никаква одлука. Тие се во локалната власта. Во Тетовска, западна Македонија православни повеќе не живеат и Тирана врши директно влијание врз РСМ. Тоа е факт“, изјави Илиева за бугарската телевизија „Поглед“.
Но оваа изјава е пренесена од порталот Експрес пред една година и два месеци, на 9 јули 2022 година! Ова значи дека постои реална можност да се повторуваат вестите на исти датуми, но во различни месеци и години, што е необјективен, некоректен пристап и може да се смета како манипулација со јавноста.
Во врска со оваа изјава на аналитичарката Илиева, и во анализата за известувањето на албанските медиуми за францускиот предлог објавена од ИМА минатата година (септември 2022 година)[xlv], подвлековме дека покрај апострофираниот Ина онлајн, порталите Журнал , Медиал , Лајме.мк ја пренесоа изјавата на Илиева, првично објавена на порталот на македонски јазик Expres.mk , „но без аналитичко толкување на нејзините позиции. На пример, не беше побиено нејзиното тврдење дека во регионот на Тетово и Западна Македонија повеќе нема православни луѓе, Последниот попис на населението, но и самата општествена реалност докажува дека не само во Тетово, туку и низ западниот дел на државата живеат православни Македонци“.
Медиумите ги пренесуваат омекнувачките тонови на Имер Селмани
Поранешниот политичар и поранешен кандидат за претседател на државата, Имер Селмани, во интервјуто за Радио Слободна Европа[xlvi] на 20 август 2023 година, кое на големо го објавија медиумите на албански јазик, изјави дека „соништата за големи држави не постојат кај свесните граѓани. За граѓаните без разлика на етничката припадност е поважно да живеат во земја каде што има големи плати, подобар животен стандард и правда“.
Селмани, како и Максути, изјави дека Уставот не може да биде непроменет: „Ниту уставот на било која држава не е вечен, ниту законите се вечни, така што секогаш ќе има интенција за подобар напредок, за повеќе права. И Македонците имаат право да бараат повеќе права и Албанците имаат право секогаш да бараат повеќе права. Меѓутоа, кога живееме во една заедница тоа е исто како да живееш дома со деца и со сопруга и секогаш на крајот ќе бараш некој компромис“.
Посетата на Курти, општествените незадоволства – дали се оттргнување на вниманието од уставните измени?
Порталот Фљака го објави текстот со наслов „Кој сака прашањето за уставните измени да го премести на други теми?“[xlvii]. Во написот се нагласува дека некои незадоволства од различни општествени категории и посетата на косовскиот премиер Курти на Чаир и Тетово го оттргнуваат вниманието од уставните измени. „Невообичаено тензичниот летен период во пресрет на седницата за уставни амандмани, тензиите околу посетата на премиерот Курти, протестите на пензионерите, но и предупредувањата за нови протести од септември, очигледно не се поврзани со уставните измени, туку експертите (Владимир Божиновски и Ненад Марковиќ) велат дека ќе имаат влијание“, пишува Флака.
Со оглед на мноштвото реакции во македонскиот политички и медиумски табор за посетата на Курти, албанските медиуми се фокусираа на нивниот третман[xlviii]. Албанските медиуми објавија дека „доаѓањето на Албин Курти ја тресе Македонија“, но генерално, во однос на реакциите имаше главно коректно и избалансирано известување, бидејќи не беа забележани коментирачки извештаи, што е често практика на медиумите во земјава кога се занимаваат со прашање со етнички сензибилитет.
Во меѓувреме, неодамнешниот случај со откривањето на продажбата на лекови на Клиниката за онкологија[xlix] не беше директно поврзуван со уставните измени, поточно со дефокусирањето на јавното мислење од измените во Кривичниот законик. Како што може да се потврди преку информативниот портал Fax.al, во фокусот на албанските медиуми се протестите на кои се бараше кривична и политичка одговорност, политичките реакции, изјавите на министерот за здравство Фатмир Меџити и формирањето на Анкетна комисија за случајот на Клиниката за онкологија.
Од друга страна, за измените на Кривичниот законик[l] во албанските медиуми се известуваше објективно, но честопати акцентот беше ставен на покренатата дилема „Дали се спасуваат криминалните функционери? Бидејќи Кривичниот законик тивко се менува. опозицијата нема амандмани“. Медиумите ги пренесоа и реакциите на македонската опозиција дека „Власта го амнестира криминалот, наместо да го штити“, реакциите на албанската опозиција дека „Со измените во Кривичниот законик, власта сака да го врати Груевски“ за да се обезбедат неопходните гласови на пратениците за уставните измени, а се извести и за непотпишување на предлогот за измени Кривичниот законик од страна на министерот за правда, Кренар Лога и нивно оправдување од вицепремиерот Артан Груби.
Медиумите на албански јазик ги пренесуваат пораките на Габриел Ескобар и ЕУ
Посебно значење во медиумите е посветено на посетата на заменик-помошникот државен секретар на САД за Западен Балкан, Габриел Ескобар. Неколку месеци пред посетата, во мај 2023 година, медиумите ги објавија неговите пораки со наслов „Ескобар: Не бараме опозицијата да го поддржи премиерот, туку евроатлантскиот пат на Северна Македонија“[li], што беше интервју на американскиот претставник за Гласот на Америка. Албанските медиуми ја пренесоа оваа посета главно со наслов: „Ескобар: Силно го поддржуваме процесот за уставни измени во РСМ, посветени сме на тоа да нема нови барања од Бугарија“.
Пораките на „Вајмарското трио“: Ана Лирман – министерка за Европа на Германија, Лоренс Бун – државен секретар за Европа во француската влада и Шимон Сенк – министер за европски прашања на Полска, албанските медиуми главно ги пренесоа со наслов „Гласајте за уставните измени за блокирање на Русија!“[lii], но и подвлекувајќи го фактот дека овие измени не се поддржани од ВМРО-ДПМНЕ.
Заклучоци
Медиумите на албански јазик во последните неколку месеци имаа јасен и постојан фокус на предложените уставни измени, со кои и Бугарите стануваат дел од највисокиот правен акт во државата.
Според анализата на наративот на албанските медиуми, тие имаа афирмативен пристап кон измените, давајќи значителен простор на позициите на власта, избалансирани со оние на опозицијата, додека кон ВМРО-ДПМНЕ, иако во необемен простор, имаа и критички тон.
Во многу медиуми голем простор е даден на позициите на албанската опозиција, која бараше да се стават на дневен ред уставните измени и доколку нема гласови за усвојување да се прогласат предвремени парламентарни избори.
Ставот дека „албанските општини сами можат да се интегрираат во ЕУ“, искажан од пратеникот Скендер Реџепи Зејд, предизвика голем интерес кај медиумите, но за овој став немаше критички осврт, односно медиумите не анализираа ниту го прашаа пратеникот дали ова води кон федерализација, кантонизација или до поделба на државата.
Некои медиуми, сакајќи да бидат подопадливи за јавноста, не го штедеа ниту верскиот речник, донесувајќи пред јавноста формулации како „Денес се доаѓа пред мостот Сират“ или „Уставот не е свет“.
Некои, пак, „рециклираа“ стар вести и дезинформации, за да бидат посензационални и уште покликани, дејство што не треба да го прават медиумите, бидејќи публиката не заслужува манипулација, која може да се опише и како потценување на нејзината интелигенција.
Иако еден портал ја покрена дилемата дали можеби посетата на Курти и општествените незадоволства се со цел да се дефокусира јавното мислење од уставните измени, тоа не беше случај со скандалот на Клиниката за онкологија, бидејќи во медиумите на албански јазик немаше толкувања кои правеа релации меѓу овие два процеси.
Но, ова не беше начинот на кои се коментираа измените во Кривичниот законик, бидејќи тие се сметаат за амнестија за политичарите воопшто и за поранешниот премиер Никола Груевски, кој, според некои медиуми, би се вратил од Будимпешта, Унгарија и како „награда“ ќе обезбеди 10 пратеници на ВМРО-ДПМНЕ, со чии гласови ќе се достигне бројката од 80 пратеници за уставните измени.
Албанските медиуми ги пренесуваат пораките на високиот американски функционер Габриел Ескобар и на „европското дипломатско трио“ дека уставните измени се неопходни и дека, меѓу другото, преку нив Северна Македонија ќе се спротивстави на руската политика и пропаганда.
Во албанските медиуми голем простор е посветен на дебатата дека во уставните измени треба да се вклучи и албанскиот јазик со неговото вистинско име, додека во овој контекст доминираше позицијата на пратеникот Халил Снопче, но и на многу коментатори кои тврдеа дека албанскиот јазик треба да се спомене во Уставот, а има ставови дека во измените треба да се вклучи и промената на правно-уставниот статус на Албанците, кој би се изедначил со оној на македонскиот народ.
Извор: СМК
(Авторот е универзитетски професор од областа на новинарството и јавните комуникации)