Откако беззаконието на Хаити почна да излегува од контрола, Кенија беше повикана од мешународната заедница да застане на чело на мултинационалните безбедносни сили чија цел е да ја олабават контролата на бандите.
Мисијата ќе ја водат кениски полицајци кои имаат докажана историја на кршење на човековите права дома, обвинети за убиство на повеќе од 100 луѓе оваа година и за употреба на прекумерна сила за борба против политичките протести и за спроведување на заклучувањата за Ковид, пренесува Њу Јорк Тајмс.
Кениските полицајци застрелаа и претепаа стотици демонстранти оваа година, рекоа групите за човекови права, предизвикувајќи загриженост за тоа кое ниво на сила ќе се употреби за борба против организираните криминални групи на Хаити и дали таквата сила ќе ги доведе цивилите на штета.
Мисијата, која беше одобрена од Советот за безбедност на ОН оваа недела, доаѓа по 13-годишната мировна операција на Хаити, која беше нарушена со смртоносна епидемија на колера и сексуална експлоатација, која заврши во 2017 година.
Како што безбедносната ситуација на Хаити се влошуваше, меѓународните лидери побараа помош од Кенија.
„Ние ги сметаме за наши браќа и сестри“, рече министерот за надворешни работи на Кенија, Алфред Мутуа. „Го правиме тоа како што би го направиле за друга африканска земја“.
Загриженоста за досиејата за кршење на човековите права во Кенија фрли сенка врз одлуката на ОН со која на Кенија ѝ даде зелено светло да води вооружени мултинационални сили на Хаити во услови на брутално насилство од банди во оваа карипска земја.
За една година, мултинационалните сили, составени од 1.000 кениски полициски персонал, се очекува да се борат против криминалните банди одговорни за бранот убиства, киднапирања и силувања на Хаити.
Но, како што пренесува Си – Ен -Ен, групите за човекови права тврдат дека историјата на кршење на човековите права во Кенија мора да се земе предвид.
Во вторникот, Амнести интернешнал Кенија ги повика земјите-членки на ОН, организациите за човекови права и граѓаните темелно да ги испитаат „човековите права и хуманитарните импликации“ од распоредувањето на вооружени мултинационални сили на Хаити.
Кениската полиција често беше критикувана за насилен пристап кон задржување на демонстрациите. Десетици цивили беа убиени за време на антивладините протести во оваа источноафриканска земја во јули оваа година.
ОН тогаш изразија загриженост за полициската бруталност за време на протестите во Кенија, додавајќи дека можеби до 23 лица биле убиени за време на демонстрациите.
Кенискиот министер за надворешни работи Алфред Мутуа го отфрли коментарот на ОН, опишувајќи го како „неточен“, но не даде бројка за бројот на загинатите.
Кенискиот национален центар за граѓанско општество, исто така, се спротивстави на распоредувањето на полицискиот персонал на земјата на Хаити, обвинувајќи го за „вонсудски убиства“.
„Полициската служба на Кенија е озлогласена по прекумерната употреба на сила и продолжува да се спротивставува на големиот број вонсудски убиства и произволни егзекуции на демонстрантите за време на неодамнешните антивладини протести“, организацијата беше цитирана од филијалата на CNN, Citizen Digital. .
„Колективна морална должност“
Кенискиот претседател Вилијам Руто го нарече исходот од гласањето во понеделникот „задоцнет“ и „критичен инструмент“ кој „ќе обезбеди поинаков отпечаток во историјата на меѓународните интервенции на Хаити“.
Во изјавата за медиумите во вторникот, Руто рече дека е „воодушевен“ што Советот за безбедност на ОН директно одговорил на неговиот повик, цитирајќи го неговиот неодамнешен говор на Генералното собрание на Обединетите нации во врска со потребата од рамка на мултинационални сили за поддршка на Хаити.
Руто рече дека одлуката „означува важен момент во историјата на глобалниот мултилатерализам“ и тврди дека таа „им овозможува на нациите во светот да ја исполнат колективната морална должност за обезбедување правда и безбедност за сите народи од сите народи“.
„За нас во Кенија, оваа мисија е од посебно значење и критична итност. Го доживеавме ужасниот товар на колонијализмот, како и долгата, тешка и фрустрирачка борба… Во нашата борба, секогаш имавме пријатели… вистински, лојални и решителни пријатели. Народот на Хаити, нашите драги пријатели, денес имаат потреба. Наша основна морална обврска е да бидеме навистина нивни пријатели, стоејќи со нив“, рече Руто.
Кенија во минатото одигра голема улога во поддршката на мировните иницијативи на ОН и мировните мисии на Африканската унија. Висок претставник на администрацијата на Бајден рече дека Кенија „покажала капацитет да води меѓународни безбедносни мисии од овој тип и да се придржува до стандардите за човекови права и одговорност на ОН“.
„Голема коцка“
САД ветија дека ќе обезбедат 100 милиони долари директна поддршка за мултинационалните сили на Хаити, но некои во Кенија се скептични.
Политичкиот аналитичар Херман Манјора изјави за Си-Ен-Ен дека многу Кенијци веруваат дека мисијата на земјата во Хаити е „непотребен ризик“ и „голема коцка“ што е мотивирана од потегот на претседателот Руто „да ја задоволи меѓународната заедница“.
„Многу луѓе веруваат дека претседателот на Кенија сака да ја задоволи меѓународната заедница. Тој треба да биде миленик на западот. Тој беше во офанзива за да му угоди на надворешниот свет, да изгледа дека е Африкански државник“, рече Манјора, кој е предавач на Универзитетот во Најроби и основач на The Nairobi Review.
Maнјара, исто така, изрази загриженост дека јазичната бариера и непознатиот терен на Хаити може да претставуваат закана за кениските безбедносни сили.
„Хаити зборува француски, ние не зборуваме француски. Тие имаат своја единствена историја, ние дури и не ја разбираме таа историја. Има многу несигурност (на Хаити). Бандите се на слобода, пушките се насекаде – тешкото вооружување. Каков влог има Кенија за да може да ги искористи тие шанси на терен што е туѓ и опасен? … Тоа е толку голема коцка“.
Драган Мишев / Цивил Медиа