Заменикот на претседателот на Владата на Република Северна Македонија задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи и амбасадорката на САД, Анџела Агелер, денеска оствариле средба со претставници на Евро–Атлантскиот Совет на Северна Македонија.
– Полноправното членство на Северна Македонија во НАТО, обезбеди сигурност и стабилност, кои се основните предуслови за економски раст и развој на земјата, притоа овозможувајќи предвидлив амбиент за трговија и инвестиции, било заеднички констатирано на средбата, стои во соопштението од владината прес-служба.
Во контекст на евроинтегративните процеси на земјата заеднички било оценето и дека членството во НАТО игра клучна улога, покажувајќи посветеност на земјата кон демократските вредности, стабилноста и меѓународната соработка, што е од суштинско значење за полноправното членство во ЕУ.
– Се афирмираше и ставот дека е неопходно Северна Македонија да го задржи европскиот стратешки правец, како единствен кој промовира мир и води кон просперитет на целокупното општеството, соопшти владината прес-служба.