Во 2022 година во ЕУ на располагање на туристите биле околу 28,9 милиони легла во над 620.000 туристичко-сместувачки капацитети, што претставува нивно зголемување за по околу еден процент во споредба со предпандемиската 2019 година.
Според податоците на Европската статистичка служба – Евростат, над една третина од сите туристички легла биле во само две земји од ЕУ – Франција со околу 5,2 и Италија со речиси 5,1 милиони. Натаму следува Шпанија со 3,8 милиони легла, па Германија со 3,6 милиони.
Во исто време, лани вкупно во членките на ЕУ биле регистрирани речиси 2,8 милијарди ноќевања во туристичките капацитети, од кои речиси 1,6 милијарди отпаѓаат на домашни, а 1,2 милијарди од странски гости.
Вкупно 65,2 проценти од странските гости биле од други држави на ЕУ, што претставува намалување за околу 10 процентни поени споредено со 2021 година, кога околу три четвртини од странските туристите биле од членките на Унијата.
Од друга страна, 21,6 отсто од странските гости во ЕУ лани биле по потекло од европски земји што не се членки на Унијата, што претставува раст за 5,3 проценти поени во однос на претходната година.
Ако во 2021 година 8,9 отсто од ноќевањата на странските гости отпаѓале на туристи од региони надвор од Европа, лани тој удел се зголемил на 13,2 проценти.
Така, од Северна Америка лани биле 5,6 проценти од странските туристи во ЕУ, што претставува раст за 2,4 проценти поени на годишно ниво, 3,5 отсто биле од Азија (годишен раст од еден процентен поен), а два проценти од Централна и Јужна Америка, што е зголемување за 0,8 проценти поени. Процентот на туристи од Африка останал непроменет на 0,7 отсто, а на гостите од Океанија пораснал за 0,3 процентни поени на 0,5 отсто.