Пишува: ЕМИЛИЈА ЦЕЛАКОСКА
Кога ќе се погледне во малкуте векови после почетоците на Просветителството, изгледа како два спротивни светогледи, постојано да се во конфликт. Не дека претходно конфликтите не биле за светогледи, но некако не била зафатена сржта – слободната мисла, резонирањето, потрагата по вистината.
Всушност, од Просветителството, да речеме, од Њутновата „Принципиа математика“ во 1687 г. или можеби и малку порано со Декартовиот „Дискурс за методот за правилно насочување на резонирањето во барањето на вистина во науките“ од 1637 г., човештвото успеало да фати насока која го развива интердисциплинарно, сѐ до сржта на проблемот на светогледот – како навистина е конципиран светот и што да се прави со него. Претходно, светогледот – религија од некоја деноминација, со врховен бог – средувач „на светот“, се комбинира со уште постариот вид на светоглед за империја, со еден врховен управител (исто, средувач „на светот“) – император. Често во комбинирањето се ставани како 2 во 1 – навика на која авторитарниот дух закоравено се држи до денес.
Но, во текот на Просветителството се воведува и поимот за „идеологија“, па комбинациите со религијата и империјалистичките принципи (верување дека едно општество има право, а можеби и должност, да освојува или доминира со други места и да владее, да потчинува други луѓе), уште повеќе се комплицираат. Воведувањето на поимот „идеологија“ всушност има намера да ги расчисти верувањата во врховни ентитети „средувачи“ со кои е забрането спорење, барајќи решение за исправен светоглед преку знаењата од природата и општеството, а уште повеќе, за користење на ресурсите преку науките. До денес, економијата и инженерството особено се истакнуваат во интердисциплинарноста меѓу природноста и општественоста, а со тоа, во корисноста и напредокот. Да се верува, од тој момент наваму почна да значи – да се знае. А ако не се знае, да се провери, да се тестира. А ако не може ни тоа, тогаш да се искористи претходното знаење за да се предвиди можно решение и често последново е плоден метод во општествените науки. А ако дури и тоа не може, тогаш наменски да се освојат уште знаења и да се одвои од ресурсите за тоа, за да се остварат претходните чекори. Да забележиме, притоа, како распределбата на средствата во општеството низ вековите се стреми да биде сѐ поцивилизирана – резонирањата од општествените науки оттогаш се насочени кон поголема ефективност на тој процес, мерен преку благосостојбата на што поширока маса луѓе. Веројатно, економските науки во најголем дел го прават темелот на светогледот во едно општество, а инженерството, заедно со прагмата на политиките со задолжително стручни кадри за секоја посебна гранка, целат кон напредок формирајќи го градбениот материјал на светогледот.
Од воведувањето на поимот „идеологија“ се појавуваат прво хуманистички идеи – утопии, заедно со механизми за постигнување на благосостојбата. Стремежот, дури и од претходно, јасно се очитува: Благосостојба за сите во одржлив систем. Либералните економисти и социјални мислители во оваа смисла имаат направено уште еден пресврт во изградбата на идеологиите, користејќи ги методите на резонирање детално насочени кон разумот и реалноста и со избегнување на утописки концепти (Маркс е многу експлицитен во тој стремеж). За разлика од светските текови, нам овде, народски, зборот „идеологија“, од моментот на одвојувањето од Југославија одеднаш ни добива пежоративно значење (дотогаш, специфично за капитализмот, се велеше дека е „трули“). Нашиот специјален момент на одвојување од југословенските ресурси и од економскиот систем на таа распределба, направи невкусна каша, во која некои до ден-денес останаа нешто слично на псевдо-идеологии.
Псевдо-идеологија е назив што дури и им дава зрнце кредит, како во познатиот случај – расната „теорија“ да се протурка за идеологија: Нејзините пропоненти го наведуваат империјалистичкиот принцип и социјалниот Дарвинизам – псевдонаучната теорија од која изникнуваат ужасните еугенички идеи за расно „прочистување“ и фашизмот. Всушност, освен стандардната социјал-демократија што речиси цел свет ја практикува во разни варијанти – сите со изразени социјални елементи, а низ дијапазон од демократичност, ние тука имаме и партија што не се квалификува идеолошки на ниеден тие модерни начини. Поточно – Внатрешната македонска револуционерна организација – Демократската партија за македонско национално единство.
Прво, навистина ли е „демократска“ со таков статут и авторитарното минато со кое не раскинала? Навистина ли е за „единство“ со такво разединување на граѓанското ткиво меѓусебно и од развојните вредности за Македонија? И со таква еуфемистичка кованица „македонско национално единство“ која е типично „кучешко свирче“ (dog whistle) – за националисти? А за анахроноста и неточноста на придавката „револуционерна“ – освен што оттогаш сѐ уште е индикатор за терористичка организација, каква е таа „револуционерност“ ако ја држиш закочена сопствената земја во статус кво?
Но второ и поважно, никој не го видел нивниот план и концепт пред ниедни избори (програмите им се виножитни тралалајки без механизми). Без претерување, затоа не спаѓа ни во „псевдо-идео-мантија“, камоли во идеологија, а во пропагандата си црпи националистички еквиваленти на готовите псевдо-концепти од расната „теорија“. ДПМНЕ нема ниту транспарентен, ниту искрен хуманистички, ниту реалистичен концепт, план, алгоритам – ништо. На пример, како да се дојде до благосостојба – еднаш е едно (до 2019 –„Никако зголемување плати!“), а потоа сосем обратно – „Важно е да има поголеми плати“ (и тоа на веќе зголемените), третирајќи го работниот народ како статист во Летечкиот циркус на Монти Пајтон, а не реална општествена категорија. Исклучиво на „жими-мајка“ пред секои избори се колне дека ЌЕ постапува либерално, со отворени социјалистички или вистински социјалдемократски норми (да имало повеќе градинки, да биле поголеми платите, да имало подобро јавно здравство, правда(!), итн). Небаре е СД-ПМНЕ, ама за жал, грижата за социјалните категории и демократијата (социјал-демократичноста) од ДПМНЕ секогаш испаѓала уште пофалц отколку од Али-експрес. Тоа е површноста на плагијатот наспроти оригиналот како и за сите други работи.
Кај нас, значи, две насоки на поставување (не може да се каже „два светогледи“ кога едниот не се квалификува за тоа), се многу силно поларизирани, поради ништовилото од идеја кај страната која површно плагира, заедно со немање план за иднината. Односно, социјал-демократичноста е етаблиран светоглед, и тоа компатибилен со 2-3 вековното напорно светско осознавање на вредноста на недискриминациите, поддршка на различностите, анти-авторитарноста, солидарноста, преведено и во пазарни принципи кои внимаваат laissez-faire да не се претвори во финансиски Дарвинизам, а комплетно конгруентно со благородните принципи на Европската Унија, кои докажано водат до благосостојба. А другото поставување е имитација на светоглед (моја конструкција е „псевдоидеомантија“) – во основа е само про-фашистички вирус на благородните идеали.
Верувам дека овдешната поларизација на модерниот светоглед со ништовилото од поставување кое имитира светоглед е поконтрастна од било каде во светот, бидејќи сите модерни држави ги живееле идеите на своите мислители, додека ние тоа сне го немале. Односно сме имале нешто делумно и разлабавено: Само низ догматски поставените вредности во Југославија (сепак, просветителски правилни) – на братството и единството. Германските, француските, јапонските, кинеските граѓани, или оние од нордиските земји подобро знаат, вдолж и попреку на своето битие, што не чини како систем и светоглед, па продолжуваат кон похумани, посолидарни, полиберални а стабилни општества и автентично го усовршуваат својот светоглед. Модерноста на идејата за хумани и слободни општества, на идејата на ЕУ, всушност, или на слично благородно ниво од источните традиции од кои системите на источните држави црпат мудрост – не само што не исчезнува, туку сѐ побистро станува дека таа е вистинската идеја, светоглед за човештвото. Вистинска, во смисла – вистина која опстојува во сегашноста и заради тоа ќе продолжи да биде вистина во иднината за сите. Она што се случува сега е болно раскинување со сѐ што во минатото не било компатибилно со оваа хуманистичка идеја и кое пречи на зачетоците на иднината во сегашноста.
Запазувањето на анахроните норми (со површни религиски и империјалистички елементи) во разбирањето на светот, кај нас се случува така што ДПМНЕ, својата замена за идеологија ја влече од симболиката на акронимот ВМРО. Прво, од свети букви на борбата направи супа од букви (Alphabet soup fallacy во еквивокациска смисла). Имено, кога ќе се каже денес овој акроним, повеќе не се мисли првенствено на историјата како македонското автентично минато, туку кашаво се меша некакво пренесување на историското херојство во денешните ликови со сомнителен интегритет. Потоа, зачините од про-форма аналози на „метании“ кои немаат врска ни со религиозност, ни со светоглед, како и кич-„империозните“ пропагандни изблици, претендираат да дадат мирис на идеологија. Доцнат со векови во „идејата“ да форсираат врвен авторитет со кој не се спори.
Всушност, борбата против Османлиското ропство ДПМНЕ ја злоупотреби (и сè уште цели кон тоа) за воведување на авторитарно владеење со елементи на Führerprinzip, користејќи го акронимот ВМРО во улога на догматските религиски верувања и симболи, на начин како што светогледот се формирал од пред Просветителството. Така, својата назадност, немодерност, анахроност во „идеологизирањето“, ДПМНЕ не ја дефинира отворено и јасно, бидејќи тоа е како да излезе во јавност по валкана долна облека, туку само ја практикува. Догмата е срамота и тоа така ќе остане. За да го скрие тој срам, се кити час со крпчиња од модерни социјал-демократски норми (сите „важно-е“-а се суштински, социјалдемократски норми), а час со империјалистички крпчиња, од антиката, па сѐ до 1945 г. На пример, идејата за македонска фаланга „прокичете“ ја со химна наутро и униформи во основните училишта и добивате – кич вмро-jugend.
„Кловнирањето“ на авторитаристички „метании“ ваму и таму нема да ги направи ниту забавни, ниту полесни за прифаќање. Колку и да игнорираат самите про-авторитарни замислувачи, Македонија сепак има антифашистичка традиција, а Просветителството, како револуција над назадноста на догмите, се развивало и под ова поднебје. Во суштина, она што може да се очита како збир од случувања, и кај нас, и во светот, е борба меѓу авторитарноста и анти-авторитарноста. На авторитарноста не ѝ е битна десна/лева провиниенција, или социјалните категории, или други детали – нејзината борба е со сѐ што е анти-авторитарно. Така е и кај нас – небитно е за авторитарната желба на ДПМНЕ дали опонира на социјалдемократија, или на граѓанско слободарство, или на Конрададенауерското визионерство на Soziale+Democratische (CSU+CDU под К.Аденауер), или на космички „свестизам“: Ако намириса дека се анти-авторитарни, главниот механизам за напад е да си направи плиток плагијат од анти-авторитарните идеи како лушпа, а потоа да се стреми да ја поништи либералната, социјалната и демократската срж, полнејќи ја плагијат-лушпата со назадни квазирелигиски и империјалистички светогледи или проста, нелогична блесавост. Како со инструраниот медиумски анти-дочек на Фон Дер Лајен во Скопје (член на CDU, од божем формално истата идеолошка „деноминација“ како ДПМНЕ-овската, од што станува нацртано јасно дека ДПМНЕ немаат никаква идеологија). Тој кичест сиромашки ВИП што го изигрува ДПМНЕ со Македонија, како скапа суетна забава на сиромавиот, тоа коњовидно кич-чудовиште со фалц содржина насред плоштад, таа барокна бесмислица со стиропорна содржина, ни ги дава сите траги дека сака да се самопотврди како токму такво – отстранувач на вредносната содржина, воедно туркајќи се да биде идеологија.
Механизмот спроведуван во пракса, со цел догмата од безвредности да стане идеологија е двочекор: 1) Се имитира вистината со огромен број на повторувања на разнослојни лаги и 2) се напаѓаат групите и личностите-носители на идеологија, а не самата идеологија (инаку, како би ја плагирале). Така, Македонија заостанува зад светскиот курс уште пред проблемот на 2/3-ско мнозинство за развојните преструктурирања – ова е само последица од верувањето во фалцот на ВМРО-ДПМНЕ на исто ниво како во некаков народен шарлатан „исцелител“. Меѓутоа, колку и да е исцрпно споделувањето на лагата и анулирањето на содржајноста со блесавиот речник на пратениците од ДПМНЕ, а и на нивните шефови (и двајцата), кашата од безвредности само конечно пати може да се репродуцира и само кратко време да опстои, за разлика од вистината и вредностите. Ширењето омраза, пак, кон автентични групи и личности со модерна идеологија е тактика која има за цел да го оневозможи правото на глас преку откажување на самиот граѓанин од своето право („за КОГО бре…“ е сржта на тактиката). Трислојно наметнатата лажност во неа е ваква: а) Сите други, освен ДПМНЕ, се лишени од идеали, светогледи и желба за решение. Кој ќе ја пробие оваа лага се заплеткува во б) Сите, сосе ДПМНЕ, се лишени од идеали, светогледи и желба за решение. Кој излезе здрав од ова ќе се заплеткува во лагата в) Не постои идеологија, постојат само личности.
Анахроната авторитарна псевдо-идеологија е во терминален процес дури и во светот (јасно – поголемите имаат можности да ги држат империјалистичките бајки подолго, но сѐ поболно), бидејќи догматизмот одамна е срамотно немодерен. Така, како и секој терминален болен, таа има силни изблици на луцидност и лажлив златен период на подмладување, но распадот е неминовен. Се покажа дека авторитарното управување не успева да постигне веќе структура, оти догматизмот е мртов – за разлика од времето на империите. Односно она што се замислува како „цврста рака“, прави дисјунктна поделеност меѓу контролерот авторитарец и контролираните, па на тој поделок авторитаризмот веќе редовно се крши – луѓето во добар дел не се неписмени овци и робови па да се потчинуваат на обична (а во нашиот случај и суетна) личност. Настрана што и покрај силните усилби, никој не верува дека постои барем еден од главните ликови на ДПМНЕ кој би подметнал грб во некаква, недајбоже, збрка. Наспроти тоа, демократијата, недискриминацијата, слободата, солидарноста, грижата за сите социјални категории во општеството (како и сите модерни држави), исправната морална матична плоча со која сме родени, откривана низ периодите во стара Атина, во Ренесансата, а особено во Просветителството – се живи корени во нас и таа вмреженост за препознавање на модерниот светоглед врз основа на знаење, не може веќе да се искорне ниту во Македонија.