„Се грижиме за тие што се во пензискиот фонд. Наредната недела мислам дека ќе сме готови со антикризните мерки и одлуката е дека ќе бидат опфатени сите пензионери од ранливите категории на пензии до просечна плата со дополнителна помош која ќе им биде дадена во наредните неколку месеци“ рече вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи во интервјуто за „Слободен печат“.
Тој додаде дека пензионерите од ранливите категории ваква помош ќе добиваат најмалку до април месец идната година.
„Има неколку категории до 14.000, до 16.000 и до 19.000 денари – што е просечна пензија. И овие ќе добијат дополнителен финансиски додаток, како што преговараше работната група. Нема да биде ист додатокот за сите категории, тој ќе биде соодветен на пензиите“, најави Битиќи.
Вицепремиерот додаде дека различните категории ќе добијат различни износи на помош и исто така кажа дека се продолжува со мерката енергетски додаток за ранливите категории за социјалните пензии.
„Сите забораваме дека кога дојдовме на власт во 2017 година, скоро повеќе од 240.000 добиваа пензии под 14.000 денари. Денес, имаме 106 000 пензионери кои добиваат пензии до 14.000 денари, а овие другите 130.000 веќе добиваат пензии скоро до просечна пензија“ рече Битиќи.
Тој истакна дека овие 130 илјади пензионери се извлечени и сега добиваат подостоинствени пензии.
„За минимална пензија се прават последните анализи дали има услови и што тоа ќе значи за пензискиот фонд. За жал, ние кога ги анализираме често забораваме колкав е бројот на пензионери кои биле под некоја претпоставена минимална пензија“ вели Битиќи.