Во приоритетите на претседавањето на Северна Македонија со ОБСЕ решивме младинската компонента да ја ставиме високо во тие приоритети и оттука ние сме прва земја претседавач која што назначи специјален претставник на претседавачот за младински прашања, односно за млади, како што поставивме и специјален претставник за цивилно општество бидејќи нашето претседавање е под мотото „За луѓето се работи“, изјави шефот на дипломатијата Бујар Османи по конференцијата за млади на тема „Младински иновации и претприемништво: создавање одржлива иднина во регионот на ОБСЕ“.
-Сакавме да ставиме акцент на тоа што ОБСЕ го прави за луѓето и не само за луѓето како корисници на услугите на ОБСЕ, туку и луѓето коишто се дел од ОБСЕ, а младите се една многу важна компонента на ОБСЕ која што се провлекува од Хелсиншкиот финален акт како основачки документ на ОБСЕ уште тогаш е одредено дека за да се промовира мир, за да се промовира безбедност мора да се создаде платформа за комуникација помеѓу младите, за дијалог помеѓу младите. Имаме одлично искуство во регионот преку RYCO како регионална младинска платформа за соработка и тоа се разбира сакавме да на некој начин да го пренесеме и во ОБСЕ. Оттука и јас понудив да имаме ваков Младински центар каков што го имаме во Балканот да го има и во Јужен Кавказ за да можат младите од Азербејџан, Ерменија и од Грузија да соработуваат. И затоа го одржуваме и овој форум за да не биде еден настан само, туку еден целокупен процес во којшто што младинската перспектива ќе влезе во сите три димензии, истакна Османи.
Конференцијата за млади на тема „Младински иновации и претприемништво: создавање одржлива иднина во регионот на ОБСЕ“ се одржа во едукативниот центар М6 во присуство на младински претставници од земјите-учеснички во ОБСЕ.
Во своето обраќање Османи истакна дека вклучувањето на младите е клучно за улогата на ОБСЕ во промовирањето на мирот и безбедноста, и тоа уште од Хелсиншкиот акт од 1975 година кога земјите-учеснички се обврзаа да ги вклучат младите „со посебен осврт на оние главни проблеми на човештвото чие решение бара заеднички пристап и поширока меѓународна соработка“.
Тој додаде дека оваа посветеност и натаму е гаранција дека ОБСЕ претставува платформа за зајакнување и засилување на гласовите на генерациите што доаѓаат.
-Зајакнувањето на младите е еден од нашите централни приоритети. Северна Македонија и нашиот регион имаат само корист од регионалната младинска соработка и иницијативите кои ја промовираат културата на дијалог, толеранцијата и помирувањето. Со оглед на тоа што денешниот свет се бори со толку многу предизвици, со цело срце верувам дека младите се најдобрата инвестиција за иднината, рече Османи.
Тој ја искористи приликата и да му се заблагодари на својот специјален претставник за млади, Мемет Жаку, за енергијата и посветеноста со која ја исполнува својата улога и истакна дека резултат на нивната работа е токму и денешниот младински форум.
Зборувајќи за важноста од интерактивно вклучување на младите и на институционално ниво, тој подвлече дека резултатите, идеите и препораките на младите ќе бидат дел од дневниот ред и на Министерскиот совет, највисокото тело за одлучување, кој ќе се одржи на крајот на овој месец во Скопје.
Во рамките на ОБСЕ, младите не само што можат да зборуваат, туку нивните гласови навистина се слушаат, а вашата енергија, вашиот идеализам и вашата решителност е она што може да поттикне промени и да изнуди решенија за многуте тешки предизвици со кои заеднички се соочуваме, рече Османи.
На крајот од своето обраќање, Османи додаде и дека дијалогот е клучен и лежи во срцето на Организацијата, и тоа дијалог помеѓу младите, помеѓу генерациите, помеѓу државите, преку границите, низ континентите.
-Мораме да се слушаме, да ги почитуваме различните мислења, да соработуваме на заеднички цели, да ги вклучиме сите. Бидејќи младите не се само корисници на нашите постапки, туку и партнери во нашата мисија како ОБСЕ, нашите вредности и принципи и нашата улога како единствена платформа за дијалог, заклучи Османи.