Израел објави список на 300 Палестинци кои би можеле да бидат ослободени според договорот со Хамас.
Списокот, објавен на веб-страницата на израелското Министерство за правда, ги вклучува имињата, возраста и прекршоците на оние кои ги исполнуваат условите.
Во првата фаза се очекува да бидат ослободени само 150 затвореници.
Катар, кој посредуваше во договорот меѓу Израел и Хамас, претходно соопшти дека „број на палестински жени и деца приведени во израелските затвори“ ќе бидат ослободени во замена за 50 заложници.
Претставничка на Хјуман рајтс воч вчера за Би-Би-Си изјави дека има речиси 7.000 Палестинци во израелски притвор, вклучувајќи 200 жени и околу 60 деца.
Некои од децата биле приведени за „релативно помали прекршоци како фрлање камења“, изјави програмската директорка на ХРВ Сари Баши за програмата „Њузаур“ (Newshour).
Таа додаде дека палестинските деца подлежат на воениот закон, според кој се случило да „се апсат среде ноќ (…) да се испрашуваат без нивните родители или адвокат, и да се држат долги временски периоди за релативно помали прекршоци“.





