Во Брисел денеска продолжува дијалогот на земјите од Западен Балкан со Европската унија, за Планот за раст на Западен Балкан. Делегацијата од РС Македонија, која ќе учествува на билатералните состаноци во Брисел ја предводи министерот за финансии Фатмир Бесими.
-Состанокот е дел од утврдените активности за имплементација на предложениот План за раст и се случува само една недела по одржување на иницијалниот состанок во Скопје на кој беше презентиран Планот, откако беше усвоен во Брисел. Фокусот на состанокот во Брисел ќе биде на приоритетните области кои ќе бидат опфатени со реформската агенда која земјата треба да ја подготви во рамки на овој процес и инвестициите што треба да ја поддржат таа реформа. Интересот и на ЕУ и земјите од Западен Балкан, како што беше посочено на состанокот во Скопје, е овој процес да има брза динамика и бенефитите од него за земјите, граѓаните и бизнис заедницата побрзо да се почувствуваат, наведува Министерството за финансии (МФ).
Според МФ, Планот за раст на ЗБ е инструмент на ЕУ што ќе поттикне забрзано спроведување на реформите, со цел забрзан економски раст и социоекономска конвергенција. Се состои од четири столба: зајакнување на економската интеграција со единствениот пазар на Европската Унија, поттикнување на регионалната економска интеграција на Западен Балкан, забрзување на фундаменталните реформи и зголемување на финансиска поддршка за реформи и раст на земјите во регионот преку Инструментот за реформи и раст. Се очекува реформските агенди да бидат подготвени и доставени до ЕУ до почетокот на вториот квартал од 2024 година, а средствата со кои ќе се поддржат тие реформи веќе да почнат да се исплаќаат до крајот на следната година.