„Чест ми е што вечерва сме овде, и 15-та година преку фестивалот ‘Музика на светот’ , Битола покажува дека е дел од глобалните процеси за обединување на светот, преку музиката и културата“, изјави синоќа министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска на отворањето на фестивалот во Битола.
Таа додаде дека особено радува тоа што преку овој фестивал и придружната програма, Битола покажува и подготвеност на високо ниво да се вклучи во европските процеси на поддршка на младите локални автори, и да ги поврзе националната со независната сцена.
„Интегрирани, отворени кон светот, го честитам овој јубилеј, и се гордеам што Битола гради култура на европски центар, отворен за светските имиња“, истакна Костадиновска-Стојчевска.
Таа додаде дека музиката има благородна мисија и дека низ целиот 20. век, таа извршила огромно влијание за надминување на границите и конфликтите, отвора дијалог, предупредува и соопштува.
„Широкиот поглед на уметниците кои ги прекршуваат стиловите и стереотипите, му посочуваат на човештвото дека секогаш има нови решенија за ширење на хумани идеи. Тоа е причина плус уште повеќе да го цениме и вреднуваме вашиот труд и придонес за обединување“, рече Костадиновска-Стојчевска.
Министерката нагласи дека поради тоа ќе продолжи поддршката за оваа мисија и визија со која светот станува подобро место за живеење и ветува подобро утре.