Во видео интервју за 24инфо.мк министерката се осврна на актуелната безбедносна ситуација, поддршката кон Украина, но и за политичката состојба во државата и подготовките за претстојните двојни избори што треба да се одржат следната, 2024 година.
Министерке, неодамна објавивте дека во нашата држава се спровела обука на украински војници, а руската агресија не престанува. Дали има следни активности кои би значеле продолжување на помошта кон Украина?
За жал, руската агресија се уште трае, меѓутоа, Република Северна Македонија е непоколоблива во однос на поддршката и помошта што и ја пружаме на Украина. Неодамна заврши обуката, која за првпат откако започна руската агресија, имавме можност да спроведеме таква обука на припадници на укаринската армија овде, во Република Северна Македонија. Таа заврши успешно и беше димензионирана согласно побарувањата што беа доставени од украинска страна. Се разбира, и во наредниот период вратат на Република Северна Македонија ќе остане отворена за поддршка на Украина, се додека е тоа потребно, без разлика дали ќе биде во повторни тренинзи и обука на украински сили или со дополнителна воена поддршка и помош која ја имаме.
Македонија се покажа доста цврста во справувањето со руското влијание. Постои ли во иднина, особено во предизборниот период опасност, повторно да бидеме под закана на влијание од трети земји во внатрешните процеси во државата?
За жал, тие трети држави кои слободно ќе кажам, не и мислат добро на Република Северна Македонија не престануваат со своите влијанија. Но она што е добро, е што како институција и како држава ги препознаваме таквите влијанија кои ги нарекуваме штетни или малициозн. Сега за сега успешно се справуваме со нив, што значи дека институциите одговараат на тие предизвици.
Тоа значи дека имаме добра координација во безбедносно разузнавачката заедница и внатре во државата и се разбира и со нашите партнери и во рамки на НАТО Алијансата и надвор од неа и ги споделуваме информациите што ние ги добиваме од нашата безбедносно разузнавачка заедница или пак ги добиваме од нивна страна. Влијанието, како што реков постои, но добро е што тоа се намалува, пред се поради активностите што ги преземаме и така ќе продолжиме и во наредниот период. Многу е важно, оние процеси кои се започнати во државата и кои значат напредок на државата, да продолжат во тој правец. Јас сум свесна и јавноста е свесна дека особено Руската Федерација не сака да ја види Република Македонија како земја членка на ЕУ. Меѓутоа, останува на нас, прогресивните сили во државата, тој пат кон ЕУ на нашата држава да го обезбедиме во иднина.
На домашна сцена, актуелни сте со нападите од пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Драган Ковачки, кого и го тужевте за клевета. Дали неговите напади се само поради дневна политика или сметате дека има и други мотиви, што токму Ковачки како поранешен припадник на АРМ ја напаѓа министерката за одбрана и министерството?
Разочарува фактот што би кој припадник на Армијата, особено кога имате висок официцерски чин и одлучувате да ја напуштите Армијата и да се посветите на полиитчко дејствување или на активности во една политичка партија, но се разбира ова е демократска држава и секој може да носи сопствени одлуки. Но исто така разочарува фактот што нападите, не оние толку оние кон мене, туку повеќе оние кои беа насочени кон Армијата се неосновани и можам слободно да речам дека се лага.
Зошто велат дека разочарува? Затоа што кога сакате да измислите некоја приказна тоа може да трае долго, но кога сакате да ја кажете вистината, тогаш нема да прибегнете кон измислување лаги, туку слободно можете да ги погледнете бројките.Бројките кои се јавни, официјални и кои не се дел на никакви конспирации, всушност покажуваат каков напредок е направен во Армијата, за време на владеењето на СДСМ, од 2017 година па до денес, а каков е во оној пеколен период од 11 години кога припадниците на Армијата беа сосема заборавени.
И бидејќи се повикав на бројките, без многу да обременувам, јас ќе кажам само два податока. Првиот податок се однесува на инфраструктурата која е изградена во период од седум години од владеењето на ВМРО-ДПМНЕ и инвестициите што се направени и тие изнесуваат некаде околу 140 милиони денари. За разлика од тоа, за седумте години владеење на СДСМ, инвестициите во инфраструктурните објекти и инфраструктурата во Армијата се нешто околу 960 милиони денари. Тоа е едниот податок, вториот податок се на инвестициите во модернизација. Во 2014 година, година која скопјани и целата држава ја паметат многу добро и промоција на познатиот проект Скопје 2014, во 2014 година инвестициите во модернизација на Армија, значи опремување со софистицирана опрема се 340 милиони денари. Во една година, за време на владеењето на СДСМ се инвестирани три милијарди денари. Овие бројки, и во инфраструктурата и во модернизацијата, јасно отсликуваат кој е односот на Владата предводена од СДСМ кон Армијата, а кој е на ВМРО-ДПМНЕ.
Впрочем и најголемиот успех што го постигнавме, а тоа е реализација на нашата најголема стратешка цел членството во НАТО, се случува токму како резултат на овие големи вложувања и инвестирања во одбраната. Не само за да станеме членка на НАТО, туку затоа што инвестирањето во одбраната е основна задача на секоја една влада.
Процесот на носење уставни измени, како да падна во втор план. Има ли шанси до крајот на годината или барем до крајот на мандатот на овој парламентарен состав тие да бидат донесени?
Уставните измени се единствениот начин како да го продолжиме патот кон европската интеграција на нашата држава. И како што многумина претставници на ЕУ и амабсадори на земји членки на ЕУ кажаа, не постои друг начин. Мислам дека останува на домашните актери на политичката сцена во нашата држава, да ја донесат финалната одлука. Ако ВМРО-ДПМНЕ се плаши од уставните измени, тоа треба јавно да го каже. Јас не се плашам, затоа што со донесувањето на уставните измени или овој амандман кој е предложен, се гарантира и се зацврстува македонскиот идентитет. Затоа што со тој амандман ние велиме дека ги признаваме Бугарите како малцинство во Република Северна Македонија, а македонскиот народ, се разбира со другите, е државотворен народ. И тука се прави јасна разлика, меѓу она што долги години се зборуваше како фама или беше една од теориите за нас и нашата држава. Се зацврстуваат и позициите на македонскиот јазик, кој се повеќе држави го уважуваат како посебен македонски јазик.
Така што, сите оние теории на заговор што ВМРО-ДПМНЕ сака да ги презентира, бегајќи од одговорноста да донесе одлука, паѓаат во вода. На крајот, јас би рекла, ако гласаат за уставните измени, тогаш, им го прифаќаме барањето, нека нема техничка влада и да одиме на избори со редовна влада.
На неколку месеци сме пред изборите, партиите, меѓу нив и СДСМ, секојдневно се на терен. Какви се впечатоците од она што го гледате на терен и какви се вашите очекувања од двојните избори?
Присуството помеѓу граѓаните секогаш е добредојдено, затоа што така најдобро ќе знаете како меѓу граѓаните се рефлектираат одлуките што ние ги носиме во владата. Во периодот што претстои се разбира дека ќе се зголемат активностите на политичките партии и во блокот на власта меѓутоа и кај опозицијата, но неколку работи се многу важни.
Многу е важно за што ќе зборуваме пред граѓаните, но исто така многу е важно и нашето однесување и пред и зад камера. Многу е важно дали во периодот што претстои, вклучително и во изборната кампања, ќе зборува за економската состојба, ќе зборуваме за економската состојба, за економските програми, ќе зборуваме за програмите за развој на државата, како да ги задржиме младите, како да го подобриме образованието, здравството или ќе се враќаме, како што тоа се случува изминатиов период на некои стари приказни, на непотребно кревање на квазинационализмот.
Кога имате одредена позиција , кога немате со што да се пофалите или кога немате што да кажете дека сте се пофалиле, многу често, во Македонија но и на Балканот, тие функционери, без разлика дали е на централно или локално ниво, како во овој случај, да зборуваат многу повеќе за национализмот и за тоа кое знаме повисоко ќе се крене. Република Македонија и власта и Владата и сите субјекти, имаат обврска да го кренат стандардот на граѓаните, да ги подобрат условите за живот на овие граѓани.
Затоа впрочем ние изминатиот период, ги носевме и ќе ги носиме сите тие пакети антикризни мерки за поддршка и на граѓаните но и на општеството. Исто така е многу важно она што изминатио период се зборува за предлогот на ВМРО-ДПМНЕ односно нивното барање да нема техничка влада. Во 2015 година форматот техничка влада каков што го имаме во Законот, вели дека 100 дена пред завршување на мандатот на редовната влада и кога се организираат парламентарни избори, да постои техничка влада во која министри во два клучни ресори ќе бидат номинирани од опозициската партија. Тоа беше предлог на СДСМ во 2015 година затоа што тогаш бевме убедени, не само ние, туку целото општество и меѓународната заедница, дека Македонија е заробена држава, дека не се почитуваат основните човекови слободи и права, да зборувам за слободите на медиумите итн…и дека власта беше вплеткана или вкоренета во сите општествени процеси. Ние сметавме дека во такви услови, институциите беа слуги или служеа на политичка партија а не на граѓаните. Од тие причини го дадовме предлогот за формирање на техничка влада којашто во светот можеби никаде и ја нема, а особено во земјите на Западен Балкан сигурно ја нема. Го дадовме тоа како предлог и тоа се прифати и во 2016 година изборите беа организирани на таков начин. И во 2020 година исто така беа организирани на тој начин, со техничка влада.
Фактот што ВМРО-ДПМНЕ денеска бара да нема техничка влада, значи дека сево ова што било причина за формирање на техничката влада во 2015 година, веќе не постои. Тоа значи дека Република Северна Македонија веќе не е заробена држава, дека институциите се способни да организираат фер и демократски избори без да има какво било полиитчко влијание и јас би рекла дека за мене како член на СДСМ и министер за одбрана, ова всушност е и комплимент.
Б. Ѓорѓевски
Извор: 24Инфо.мк