Меџити му посака здравје, среќа и безгрижно детство на новороденото бебе, а на родителите им ги честиташе новогодишните празници.
Министерката за труд и социјална политика Тренчевска информираше дека традиционално секоја година со министерот за здравство се во посета на јавно-здравствената установа кадешто се родило првото бебе.
„Оваа година е Универзитетската клиника за гинекологија и акушество, точно на полноќ се роди првото машко бебе Алек и им честитам воедно на родителите, на мајката и таткото Стефковски. Нека им е живо и здраво, да има среќно детство, секако да бидат и тие среќни родители, тоа им е прва рожба во фамилијата“, рече Тренчевска.
Директорката на ГАК д-р Викторија Јовановска потенцираше дека годината почна убаво со три родени бебиња во првите 15 минути веднаш по новата година.
„Годината почна убаво, со родени три бебиња во првите 15 минути веднаш после Новата година, што би требало да биде добар знак дека годината ќе ни биде многу подобра од претходната и се надеваме дека ќе имаме повеќе здрави и доносени бебиња и повеќе среќни родители“, изјави Јовановска.







