Санела Шкријељ е пратеничка во македонското Собрание и долгогодишна активистска за правата на жените, маргинализираните заедници и лицата во ризик. На самиот почеток на веќе турбулентната 2024-та година, ни одговори на неколку прашања поврзани со растот на десничарските движења, загрозеноста на некои прва за кои сметавме дека се добиени засекогаш, а и за Дедо Мраз.
Трн: По неодамнешните парламентарни избори во Полска за Mинистерка за семејство и социјална политика е назначена Агнешка Бак, борец против контраверзниот закон за абортус и активистка за човекови права, со што Полска се враќа кон европскиот пат и вредности. Има ли простор во Европа денес за враќање на конзервативни закони кои ги ограничуваат основните човекови права?
Санела: Изборите во Полска и победата на партиите кои застанаа во одбрана на демократијата и човековите права, навистина се случи во клучен момент кога на сите на европско тло ни треба верба во одбрана на тие вредности пред налетот на десничарскиот популизам и конзервативизам. И таа победа се случи благодарејќи на рекордната мобилизација на две групи, младите и жените, кои порачаа дека сакаат да се чувствуваат и да бидат безбедни, да одлучуваат за себе и едноставно да живеат повторно во демократија. Радикалните десничарски движења навистина се засилија изминатите години низ цела Европа и во САД, а тоа го чувствуваме и кај нас. И секогаш таквите движења ги таргетираат токму човековите права, особено правата на жените, родовата еднаквост и “тие другите”. Така што опасноста од враќање на конзервативни закони кои ги ограничуваат особено женските права е реална и за тоа треба сите да сме свесни и будни. Во таков контекст, повеќе од било кога мораме да вложиме максимална посветеност во понатамошното градење на хумано и демократско општество, во кое ќе владее правото и ќе се почитуваат човековите права и слободи преку унапредување на еднаквоста и почитување на различностите. А, тоа ќе го направиме само доколку сите кои веруваме во човековите права и прогресот застанеме заедно и се потсетиме на важноста на солидарноста за правично и праведно општество. Особено ние жените треба да се потсетиме дека не толку одамна ни се случи токму тоа, во 2013 тогашната власт ни го ограничи фундаменталното право да одлучуваме за себе и за сопственото тело. Успеавме да се избориме за ново законско решение во 2019 година, кое ги унапредува правата на жените и заштитата на женското здравје. Направивме значајни исчекори во превенцијата и заштитата од дискриминација по било која основа, но повторно се соочуваме со силен налет на антиродови, антидемократски движења кои се реална закана за нашите веќе стекнати прави. Мора да сме многу свесни дека, за жал, ниедно право не е стекнато засекогаш и борбата мора да е постојана и заедничка наспроти оние кои гледаме дека и тоа како се обидуваат повторно да посегнат по нашите права.
Трн:Во pоследниве неколку години се направија поместувања во делот на почитување и имплементирање на човековите права, пред се na маргинализираните заедници. Со последните законски измени се реши долгогодишниот проблем на лицата без документи. На што друго се работи?
Санела: Несомнено е дека изминатите години се случија значајни поместувања во позитивна насока во делот на почитување на човековите права и пред сè маргинализираните заедници. На пример, ратификувањето на Истанбулската конвенција, Законот за спречување и заштита од дискриминација со вклучување на сексуалната ориентација и родовиот идентитет како основи за дискриминација, измените на Кривичниот закон за усогласување со Истанбулската конвенција, Законот против насилство врз жени и семејно насилство… Решавањето на деценискиот проблем на лицата без документи, „фантоми“, навистина е нешто со што можеме да се гордееме како држава. Овие наши сограѓани, најчесто од најранливите општествени слоеви, долго време беа оставени да живеат на маргините на општеството. Практично, не постоеја за институциите. На ова прашање интензивно започнавме да работиме уште во 2018 година, согласно нашата заложба да сите граѓани имаат еднаков пристап до правата и услугите. Со измените во законите за матична евиденција, на законите за престојувалиште и живеалиште и за лична карта со отвори патот за целосно решавање на бездржавјанството во Република Северна Македонија. Со силна поддршка на граѓанските организации сме на патот да станеме првата држава во Европа која го решила проблемот со бездржавјанството.
Инклузивното образование е многу важен исчекор кој го направивме како држава кон образование засновано на човековите права и верувањето дека секое дете има право на квалитетно образование што го почитува и го поттикнува неговото достоинство и оптимален развој. Секако дека имплементацијата е полна со предизвици, од стереотипите и предрасудите на околината како во случајот на малата Ембла до потребата од инвестирање во училишната инфраструктура, доволен број на образовни асистенти, едукација на наставниот кадар и прилагодени наставни материјали. Но, останува фактот дека за првпат системски се работи на целосна промена на начинот на кој ние како општество гледаме на дечињата кои имаат различни образовни потреби и атипичен развој. Се фокусираме на нивните потенцијали, наместо на попреченоста и работиме на создавање услови за целосно остварување на тие можности. Секако, останува и задачата за донесување на ново законско решение за средно образование кое ќе биде во духот на инклузивноста, како и законот за основно образование.
Во делот на образование важно е да се напомене дека во процедура се измени и дополнувањата во Законот за основното образование со цел регулирање на воспитно-образовниот процес во воспитно-поправните и казнено поправните установи. Ова е важно за да се обезбеди континуиран образовен процес за малолетниците во воспитно-поправните и казнено поправните установи, чие образование ќе се заврши со документ за завршено формално основно образование свидетелство. Образованието е основа за ресоцијализација и за реинтеграција и државата има обврска да ја обезбеди таа можност за секоја индивидуа.
Оваа година усвоивме и значајни законски решенија кои овозможуваат конечно воведување на Регистар за лицата со попреченост, воведување на единствен систем на проценка на попреченост и реформа на системот за вработување на лицата со попреченост.
Да сумирам, унапредување на законската регулатива и позитивни исчекори во имплементацијата во делот на почитување на човековите права, особено на маргинализираните групи, неоспорно се направени. Секако дека се соочуваме со многу предизвици во имплементацијата, започнувајќи од институционалната подготвеност и посветеност до свеста и предрасудите кои гледаме дека упорно опстојуваат во општеството. Многу истражувања покажуваат дека отпорот и омразата кон “различните” не само што не исчезнале, туку и се засилуваат под влијание на неодговорноста и токсичната реторика што ја користат пред се политичарите, но и други јавни личности па и медиуми. И во тој дел сите треба да прифатиме дека имаме одговорност и должност да создадеме подобро општество за секој од нас поединечно преку заеднички напори и одговорност, меѓусебно почитување и разбирање. Гласно да повикуваме на одговорност, а институциите да реагираат на се поголемиот проблем со говорот на омраза кој многу лесно преминува во дела од омраза.
Трн:Еден од поубвите проекти беше Деинституционализацијата на децата во детските домови. Како од денешна перспектива гледате на тој проект?
Санела: Деинституционализацијата и фактот дека немаме веќе деца во големи безлични институции за мене е едно од најголемите достигнувања во делот на човековите права кое го направивме како држава. Животот во мал групен дом не се споредува со оној во институција, вниманието, грижата, семејната атмосфера. Без разлика дали станува збор за дете со попреченост, дете без родители, дете со воспитно социјални проблеми, децата се деца и секое дете заслужува дом и семејна атмосфера. Неизмерно сум горда и благодарна што имав можност да бидам дел од тимот кој го започна тој процес во 2017 година, заедно со тогашната министерка Мила Царовска. Неверојатна беше посветеноста на целиот тим заедно со граѓанските организации, УНИЦЕФ, ЕУ и сите останати партнери да се оствари таа амбициозна цел, прво да немаме веќе деца во институции, а потоа секако и возрасните. Сите се сеќаваме на епизодата со малиот групен дом во Тимјаник, место кое стана симбол на деинституционализацијата, но и на хуманоста која ја има во нашето општество. За сите нас кои бевме дел од тој процес, Тимјаник беше многу важна лекција за тоа дека мора да сме упорни, храбри и дека не смее да има откажување од борбата кога се во прашање човековите права. Но и лекција за човечноста и хуманоста, емпатијата која успеа да победи и да го обедини македонското општество.
Деинституционализацијата е долгорочен процес, кој не застанува и денес и Министерството за труд и социјална политика како врвен приоритет го поставува ова прашање. Во нашата држава, во овие неколку години навистина се покажуваат резултати во оваа област и секако мора да продолжи со иста енергија зашто целиот систем треба да се трансформира и оваа грижа да стане одржлива, за да децата и возрасните го добиваат најдоброто. За едно општество може да каже дека е хумано само ако покаже грижа за најранливите.
Трн: Неодамна заврши кампањата “Сложувалка” по повод 16 дена активизам против насилство врз жените. И покрај сите кампањи и зголемување на правата на жените, денес се уште имаме родово базирно насилство, семејно физичко, психичко и дигитално насилство, фемицид…
Санела: Насилството врз жените и девојчињата продолжува да биде една од најраспространетите повреди на човековите права и глобално низ целиот свет, а и кај нас. Усвоивме значајни измени на Кривичниот законик во Февруари 2023 година, со кои се регулираат кривичните дела на родово засновано насилство, но бројот на фемициди и кај нас и во регионот расте. Бројот на услуги кои обезбедуваат заштита и поддршка на жените кои се соочуваат со насилство е значително зголемен, но повторно секојдневно сме сведоци на случаеви на родово засновано насилство. И причините лежат во се уште патријархалното општество и нееднаквата дистрибуција на моќ меѓу жените и мажите. Реалноста е дека многу од жените и не го пријавуваат насилството. Стравот од осуда од околината, предрасудите, изгубената доверба во институциите, финансиската зависност од партнерот, но и фактот дека многу мал број од жените во Македонија поседуваат имот на свое име се едни од најчестите причини поради кои значителен број жени остануваат под ист покрив со насилникот. Од друга страна, постапувањето на надлежните институции кога има пријава за насилство мора да биде поефикасно. Значајна пречка за да се охрабрат жртвите да пријават насилство е и неефикасноста на судските постапки. Благата казнена политика на судовите е исто така значаен инхибирачки фактор кај жртвите на семејното насилство во поглед на пријавувањето на овие кривични дела до надлежните органи. Сметам дека единствен начин да превенираме насилни обрасци на однесување во семејството и во општеството е преку образованието, започнувајќи уште од предучилишното образование. Родовата еднаквост мора да биде еден од основните постулати на образованието. Само на тој начин можеме да градиме генерации кои растат со вредностите на еднаквост и ненасилна комуникација.
Трн: Велите дека жените се поодговорни како лидерки од мажите. Сепак, родовата еднаквост кај нас и понатаму останува во менгемето меѓу табуата и традиционализмот од една страна и реалноста од друга. Зошто е тоа така?
Санела: Сите истражувања на глобално ниво покажуваат дека жените се поодговорни и помалку подложни на корупција кога се на одлучувачки позиции. Компаниите кои промовираат диверзитет и еднаква застапеност на жените и мажите покажуваат подобри перформанси. Затоа родовата еднаквост не е само право, туку и економска и социјална неопходност за секоја држава која сака да зборува за одржлив развој. Едноставно не можете да ги занемарувате потребите и потенцијалите на половина од населението, а да има било каков развој во позитивна насока. Дали има подобрување? Секако да. Дали сме се уште далеку од целосна реализација на еднаквоста? Исто, да. Ние имаме значајно зголемување на застапеноста на жените на ниво на Собрание и совети, 40%, но само затоа што имаме квота. Таму каде нема квоти, како извршната власт, гледаме дека споро оди напредокот. Се уште не сме имале жена претседателка на држава, жена премиерка. И затоа е исклучително важно да се донесе нов закон за родова еднаквост која ќе ги зајакне институционалните механизми за остварување на еднаквоста во сите области на општественото живеење. 50/50 мора да биде принцип секаде каде станува збор за позиции со одлучувачка моќ, притоа никако не смееме да ги заборавиме жените со попреченост, жените од руралните средини, жените од помалку бројните заедници, ЛБГТИ лицата, односно сите оние кои се соочуваат со повеќекратни форми на дискриминација. Извештајот на Обединетите нации „Патот до еднаквоста“ покажува дека ниту една држава нема постигнато целосно родов паритет и дека помалку од 1 процент од жените и девојките живеат во држави со високо ниво на зајакнатост на жените и мал родов јаз. Истовремено повеќе од 90 проценти од женската светска популација, односно 3,1 милијарди девојки и жени, живеат во држави каде зајакнатоста на жените е ниска и каде постои голем родов јаз. Клучни мерки кон кои и ние како држава треба да работиме посветено за да имаме системско унапредување на родовата еднаквост се универзалниот пристап до услуги за сексуално и репродуктивно здравје, инвестирање во политики и услуги кои ќе го адресираат балансот меѓу работата и приватниот живот, што вклучува пристап до квалитетни предучилишни услуги, родителски отсуства и флексибилни работни ангажмани и овозможување на живот слободен од насилство на секоја една.
Трн: Веруваш ли во Дедо Мраз? Кои се твоите желби за 2024 година?
Санела: Дедо Мраз периодов е актуелен бидејќи со внучињата испраќаме писма со желби😊Мислам дека на сите ни е потребна таа позитивна енергија која ја имаат децата и вербата во нови убави спомени кои треба да ги создадеме. Новогодишни одлуки за 2024: да почнам да учам нешто ново, да поминувам доволно време со блиските, патувања со другарките и секако да продолжи борбата за родова еднаквост. Тие што секоја година си ги повторувам “ од 2 Јануари… “, нема да ги спомнам😊