Субвенциите се важни за земјоделците, а финансиска поддршка овозможува развој за најразлични гранки во земјоделието како тутун, лозарството, производството на зеленчук и овошје, овчарството, козарството и органското производство, но и производи со пониска продуктивност кои се важни за обезбедување на основна храна за населението, како житните култури и кравјото млеко. На овој начин се создаваат услови за зголемување на извозот, но и намалување на увозот на дефицитарните прехрамбени производи, стимулирајќи го домашното производство.
Германските земјоделци веќе една недела протестираат поради укинувањето на субвенциите, но и затоа што сметаат дека политичките одлуки се носат без нивно учество. Протестите избија поради одлуката на Владата да ја укине субвенцијата за зелената нафта во обид да се балансира буџетот за 2024 година, откако одлуката на Уставниот суд ги наруши плановите за трошење на буџетот.
Секоја задоцнета исплата води кон неизвесност, па и неодржливост на производството, а германската влада одлучи кратењата и ребалансот на буџетот да го направи врз грбот токму на земјоделците кои и покрај неколкудневните протести на студот откако германскиот министер за финансии Кристијан Линднер им порача дека нема повеќе пари за продолжување на субвенциите бидејќи земјата планира да вложува во безбедноста во земјата која е загрозена поради војната во Украина.
Освен во Германија, протестираат и земјоделците во Романија. Стотици романски земјоделци и возачи на камиони протестираа денеска на граничниот премин со Украина и во близина на поголемите градови низ земјата додека продолжуваат преговорите со владата за високите трошоци за водење бизнис.
Тие протестираа главно против високите цени на дизелот, скапите осигурителни полиси, мерките на ЕУ за заштита на животната средина и особено против притисокот на увозните украински земјоделски производи на домашниот пазар. Колони трактори и камиони почнаа да се собираат пред шест дена на националните автопати, главно во близина на поголемите градови, блокирајќи го сообраќајот. Демонстрантите бараат мораториум на отплатата на заемите, побрзо плаќање на стимулации и специјални линии на граничните премини и на црноморското пристаниште Констанца за камиони од ЕУ и камиони надвор од европскиот блок, вклучително и Украина.
Што се случува во Македонија?
За разлика од Германија, Владата преку новиот пакет на антикризни мерки се насочи кон најранливите категории на граѓани, а за земјоделците кои имаат посеви со полјоделски и градинарски култури, лозови и овошни насади и кои се занимаваат со сточарството, Владата предвиде 8,1 милиони евра.
За 2023 година во земјоделскиот сектор исплатени се вкупно 157 милиони евра, а оваа година беше посветена на малите производители, а доделени беа над 450 договори за грант од 10.000 и 5000 евра, успешно реализирајќи ги програмите за поддршка во набавка на опрема за малите производители на храна, малите винарии, малите дестилерии и мерката бизнис план во земјоделството.
Но, субвенциите се важни и за сите даночни обврзници бидејќи, според податоците што од Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството, годишно Буџетот го чинат околу 110 милиони евра. Или, во последните цели пет години, од 2017 заклучно со 2021 година, исплатени се околу 552 милиони евра за субвенции во земјоделството.
Минатата година 50.000 земјоделци добија електронска картичка за субвенционирано гориво. За оваа мерка беа обезбедени 275 милиони денари. Финансиската поддршка е 50 проценти од трошоците за набавка на дизел гориво, но не повеќе од 100.000 денари по земјоделско стопанство.Висината на поддршката зависи од видот на културата и големината на површината која е пријавена во барањата за финансиска помош. Корисници се полјоделците, овоштарите, лозарите и градинарите. За житните култури поддршката за хектар изнесува 1.400 денари, за индустриските скоро 2.000, а за градинарските и лозовите култури 4.000 денари.
Во овоштарството субвенцијата изнесува 5.000, а за ореви и питоми костени 2.600 денари за еден хектар.
Земјоделците треба лично да ги подигнат картичките од подрачните единици, а со нив ќе можат да набават гориво најдоцна до 30-ти април 2024 година. Парите можат да се користи повеќекратно сè додека средствата не се потрошат. Доколку до овој рок не ги искористат, картичките ќе им бидат блокирани.
Со мерката „зелена нафта“ се опфатени 50 илјади земјоделци, а на еден земјоделец му следуваат најмалку по 500 денари.
Кои се очекувањата за 2024 година
Како што најави МЗШВ во текот на оваа година планирано е зголемување на субвенциите за дополнителни 20 – 30 денари по класи предаден тутут со што субвенцијата ќе достигне рекоркдни 100 – 110 денари, зависно од пресметките на крајот од откупот, а од 2024 година тутунарите ќе добијат стопроцентна поддршка за „зелена нафта“, мерка која досега не ја користеа, како и 6 000 денари поддршка за хектар површина.
Од оваа реколта, 2023-та, тутунарите ќе плаќаат и помалку за поверниците кои го контролираат откупот на пунктовите. Оваа сума која досега им се одбиваше од преданите количини тутун, наместо 0,35 отсто, ќе биде 0,25 проценти.
Исто така како што посочи министерот за Љупчо Николовски обезбедено е субвенционирање за косење и одржување на ливадите од 6.000 денари по хектар, дополнителни субвенции за производство на грозје со висок квалитет за добивање на високо квалитетни вина со износ од 40.000 денари по хектар, кои заедно со основните 20.000 денари по хектар вкупно би изнесувале 60.000 денари по хектар како и зголемување на субвенции за заклано јагне и јаре од 400 денари на 1.000 денари
-Со автохтоната сорта Станушина во моментот кај 400 лозари се засадени околу 500 хектари, со што на директните субвенции лозарите ќе добијат дополнителни 5.000 денари по хектар или вкупно само за ова мерка би се издвоиле дополнително 2.500.000 денари Исто така за прв пат воведуваме една мерка која се однесува на корисници на ливади и тоа ливади кои ги користат за напасување на добиток и секако косење и одржување на ливадите Зголемување на плата за овчари од 360.000 денари на овчар на 620.000, каде се трга критериумот над 700 метри надморска висина, додава Николовски.
Во текот на 2023 година, вкупната реализација на Програмата за директни плаќања достигнува 127 милиони евра. Потоа реализацијата на Програмата за рурален развој достигнува над 11 милиони евра. Реализациајта на Програмата за поттикнување на потрошувачката на свежо овошје и зеленчук достигнува близу 500.000 евра. Потоа реализацијата на Интервентниот фонд достигнува скоро 5 милиони евра. Додека вкупната исплата на средства од ИПАРД 2 програмата во 2023 година достигнува 13,3 милиони евра. Вкупно до сега исплатени се 157 милиони евра директно вбризгани во земјоделскиот сектор.
Преку програмата за рурален развој обезбедена е поддршка во набавка на педигриран добиток за земјоделците, како и набавка на механизација, а за прв пат ја реализирана и новата мерка поддршка за бизнис план во земјоделството.
Авансна исплата е реализирана до 22.562 производители на житни култури, за мерката 1.1, во вредност од 403,7 милиони денари. Производителите на житни култури добиваат авансна исплата од 6.000 денари по хектар. Кон 9.155 земјоделци од мерката 1.4 за градинарско производство, реализирана е авансна исплата во вредност од 65,3 милиони денари. Секој земјоделец производител на градинарски култури добива авансна исплата од 10.000 денари по хектар. За земјоделците од мерката 1.8 овошни насади исплатени се 131,8 милиони денари до 9.462 земјоделци. Поддршката по корисник кај оваа мерка изнесува 12.000 денари по хектар. Кон 12.876 лозари исплатени се 151,2 милиони денари за мерката 1.12. Поддршката по корисник кај оваа мерка изнесува 12.000 денари по хектар.
Дали се задоволни земјоделците?
Авансната исплата на субвенциите е нова можност за земјоделците, која доаѓа од новиот модел за субвенционирање, подготвена заедно со земјоделците, а стартуваше со примена од декември 2023 година. Модел кој на земјоделците им гарантира навремена исплата на субвенциите, поголема поддршка и мотив за зголемување на домашното производство. Модел кој ги насочува земјоделците да го произведуваат она што е стратешки важно за државата, а домашното производство да заврши во домашните капацитети, или за сопствени потреби во подготовка на финален производ.
Дополнително и за млекопроизводителите беа успешно е реализирана исплатата на премиите за произведено и предадено млеко за фазите октомври – декември 2022 и јануари – април 2023 година. До сметките на 4.311 млекопроизводители исплатени се 277,9 милиони денари. Вредноста на премијата изнесува 5 денари за литар произведено и предадено кравјо млеко и 6 денари по литар за произведено и предадено овчо и козјо млеко.
Извор: Слободен Печат