Клиничката болница во Штип доби нова лапароскопска и ендоскопска опрема во вредност од 11 милиони денари што ја набави Министерството за здравство.
На примопредавањето на опремата присуствуваше министерот за здравство Фатмир Меџити, кој нагласи дека медицинската апаратура ќе ја користат специјалистите на одделенијата за хирургија, неврохирургија, ортопедија и урологија.
-Новата опрема ќе се користи за минимални инвазивни процедури со што ќе се обезбеди многу побрзо и полесно опоравување на пациентите отколку при отворените хируршки интервенции. Покрај овие уреди, набавивме и нов ултразвучен колор доплер апарат со две сонди за испитување на абдоменот и тироидната жлезда, во вредност од 2,5 милиони денари, а со средства од буџетот на Министерството обезбедивме и цистоуретроскопски комплет вреден 433 илјади денари, со што ги подобривме условите во штипската болница, истакна министерот Меџити.
Во изминатиот период ресорното министерство интензивно работело за зајакнување на капацитете на јавните здравствени установи со обезбедување нова опрема, реконструкција на објекти и вложување во медицинскиот кадар.
Лекарите специјалисти од Клиничката болница во Штип нагласија дека со лапароскопска хирургија има дваесет и петгодишна традиција и со новата опрема во наредните десетина години се обезбедува работење без проблеми за постоечките интервенции. Со еден лапароскопски столб просечно се прават по околу 2.000 интервенции, а лекарите ќе се ангажираат и на воведување нови видови оперативни зафати.