Пишува: НЕНАД ЈОВАНОВИЌ
Овие неколку денови ја преслушувам и потпевнувам песната на Арсен Дедиќ – “Девојка из мога краја” – само како би го вежбал духот (во време коe ми минува ужасно споро бидејќи сум закован за болнички кревет со систем в рака). И думам, пријателе, мислам, си вртат „тркалцата на воденицата” што би се рекло: вртат за себе, вртат за моите драги, вртат за околностите во нашето општество, вртат за лидерите кои ги полниме или празниме со/ и од содржина низ годините. Сега некој ќе рече – како тоа ние ги полниме кога „тие не нè шишаат два посто”, или некој ќе рече, „сите тие се исти” и слични празни метафори на резигнираност, циничност и во основа провинциска мрзливост.
Не постојат две исти деца, не постојат двајца идентично-возрасни луѓе, како што не постојат и никогаш не постоеле две исти политики, освен на филмови или во тоталитарни општества; а постојат и од секогаш постоеле две, а тоа е природниот минимум на две различни политики. Една која е проевропска политика, и вистинскa, а не лажна; политика која е почовечка, посензибилизирана за поединецот и неговото страдање, за малцинствата и нивното исклучување. Таквата политика обично ја нарекуваме „лево-либерална” и демократска.
И постои онаа другата, десно-конзервативна, тврда и крволочна; онаа политика која зајми, поточно користи деривати од фашизмот, популизмот и авторитаризмот. Како тоа практично изгледа, некој ќе праша? Па, од прилика изгледа вака.
Правеа сè што посакаа затоа што не се осмелија да прават поинаку. Или не се одважија да прават како што треба, ама суштината е иста.
Другите, оние разумни граѓани, велеа: ма нема шанса, не се до толку луди, не се толкави бараби. Кога види мајку му стара – да, има шанса, до толку се луди и до толку се бараби! Или што би се рекло, секое препредено муле од нашиот сокак ja има следната максима: ризик минимум, профит максимум.
Тие се тука за разликата од 13 илјади евра. Таа разлика е игра на светови. Како велеше Денко Малевски во книгата „Дете од катран”: јас им зборувам за светови, а тие мене за патлиџани
И да не се лажеме, имаат неверојатен инстинкт да намирисаат штета, како што одлично мирисаат дека ќе нема сериозен отпор во таквиот наум. Поточно, штетата која ја прават ни ја оставаат нам, граѓаните на оваа земја, да се носиме со тоа како знаеме и умееме.
Така беше со блокадата на Бугарите за Уставни измени; така беше и со двата најголеми национални интереси: ратификувањето за влезот во НАТО и мировниот договор од Преспа. Така беше и со блокадите за минимални плати, така беше и за блокадите за изградба на болници, патишта, улици, магистрални автопати… Така и ова последното – чисто како опскурен шлагворт на вмроовците: купуваат машина за сигнализација на патишта од фантастични 42 илјади евра. Ајде што се парите огромни – општина Центар-Скопје (чисто како пример) купува иста таква машина за 29 илјади евра – а разликата од 13 илјади евра не е тешко да ја пресметате, како што е уште полесно да се претпостави каде таа разлика завршила.
Глупаво би било да се правиме или нив да ги правиме нешто кое не се. Во машина од 42 илјади евра и разлика од 13 илјади евра лежи нашиот (или поточно нивниот национален интерес) „Н.И”. За муљање, за фринге-франге, за „лева рука десни џеб”, за фудбал на мали голчиња, тоа е нивниот национален интерес. Тие се тука за разликата од 13 илјади евра. Таа разлика е игра на светови. Како велеше Денко Малевски во книгата „Дете од катран”: јас им зборувам за светови, а тие мене за патлиџани. Убави се патлиџаните, не би сакал да го потценувам неговото лековито својство, ама кога мешате политика и патлиџани, на виделина не може да излезе ништо друго освен нечија провизија или личен беден интерес.
Таква е нивната политика, ама оваа политика доведува до тоа да ви исчезне еден Велес, како што ви исчезнува градоначалник кој пред твои очи се претвора во фиќфириќ што обавува функција градоначалник; така, на ваков начин исчезнуваат цели градови и држави, јазици и култури… Така исчезнуваат и оние млади луѓе кои гледаат дека испумпувањето на средства од локалните буџети се за врхушката на Мицкоски и за неговите пајташи. И што тука може да прави млад човек?
И како ние (од)реагиравме? Епа како кој, писатели, уметници, колумнисти и останата „менажерија”, во најдобар случај реагираа, критикуваа и ламентираа – како што ламентираа и до сега на секое вмровско насилство и раскрчмување на локалните буџети. А оние од „мнозинството” како и обично молчат со подвиен реп, засрамено молчат пред локалната барабска „елита” на Мицкоски. Се тркалаат низ локалните и провинциски улици, обезглавени и кастрирани од дух, од револт, од критика. Претворени во поданици кои не се повеќе за ништо и никого. Едноставно така вегетираат од денес за утре, пасивно чекајќи крај на нешто, ама точно не се знае на што.