Комисијата за политички систем и односи помеѓу заедниците на денешната, 69. седница донесе одлука Предлог на законот за помилување и Предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за народниот правобранител да бидат дадени на понатамошно читање.
За измените на Законот за извршување на санкциите кои беа, исто така, на дневен ред на оваа седница, ќе се дискутира на продолжението кое треба да биде дополнително закажано.
Главна цел на донесувањето на Предлог на закон за помилување е да се отстранат лоцираните слабости во текот на неговата примена. Претставникот од Министерството за правда, Мухамед Точи, кој го образложи предлогот на денешната седница, истакна дека со овој предлог се уредува правото на претседателот да помилува лица од казна и кривично гонење, со тоа што со измените тој ќе може да даде помилување само за казни, но не и за кривично гонење.
Пратеникот Дајанчо Ефтимов од ВМРО-ДПМНЕ посочи дека треба да бидат исклучени членовите кои работат на измените во Кривичниот законик од работната група која работи на Законот за помилување, со цел, како што рече, „да не се доведеме до ситуација на комисија на законски одредби во законски решенија“.
На ова претставникот од Министерството за правда одговори дека групата ќе го има предвид усогласувањето на Кривичниот законик со овој предлог на закон.
Според пратеничката Жаклина Лазаревска од СДСМ, овој закон е добра основа за, како што рече „да можеме да продолжиме во собраниска расправа и да донесеме најдобар можен текст“.
Додека, пратеникот Драган Ковачки од ВМРО-ДПМНЕ оцени дека носењето на овој закон во овој момент, во период кога имаме техничка влада, не е најсоодветно и порача дека како Собрание треба да се фокусираат на процесот на изборите.
– Мислам дека носењето на вакви закони, само да се удоволи на претседателот Пендаровски кој што е најзасегнат за овој закон кој што е негово предизборно верување е некоректно, рече тој.
Комисијата донесе одлука по првото читање на пленарна седница да организира јавна расправа за овој предлог.
Ефтимов, имаше забелешка и во врска со Предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за народниот правобранител, при што посочи да се провери и да се доанализира во однос на член 2 и член 5 став 5 во однос на продолжување на мандатот на НП за 60 дена што, според него, е во спротивно со став 1 од истиот член.
Претходно, на седницата број 70 на Комисија за политички систем и односи меѓу заедниците, Комисијата одби три граѓански иницијативи како неуредни и тоа: граѓански иницијативи за собирање на по 150 000 потписи за распишување на референдум на кој граѓаните на Република Северна Македонија ќе можат да се изјаснат со ЗА или ПРОТИВ на референдумските прашања: „Дали сте за или против донесување на Закон за државна пензија со кој сите пензионери со ист стаж ќе имаат иста пензија, а пензиите согласно стажот ќе бидат пресметани според табелата дадена во прилог“, „Дали сте за или против за донесување на Закон за обесштетување со кој се овозможува исплата на неисплатени плати за сите кои биле во работен однос во претпријатие кое пред донесување на Законот за приватизација било општествена сопственост, а исплатата ќе се изврши во рок од две години од посебен државен фонд формиран за таа намена“, и „Дали сте за или против донесување на Закон за промена на Закон за стечајци со кој се овозможува материјална помош во висина од 40 проценти од просечната плата за сите невработени на кои им престанал работниот однос врз основа на стечај, ликвидација или технолошки вишок, а имаат најмалку пет години работен однос во претпријатие кое пред донесување на Законот за приватизација било во општествена сопственост. Остварување на право го има секое лице со навршени 54 години (маж) и 52 години (жена).