Просторот наменет за промоција на книги во книжарницата на издавачката куќа „Гутенберг“ во центарот на Атина беше премал за да ги собере сите оние кои вчера дојдоа на презентацијата на грчките изданија на книгите „Мојот маж“ и „Не одам никаде“ на македонската авторка Румена Бужаровска, кои се повеќе ја освојуваат грчката читачка публика, јави дописничката на МИА од Атина.
За помалку од осум месеци ова е втора промоција на книгите на Бужаровска во грчката престолнина, а пред само две седмици беше и премиерата на претставата „Мојот маж“ според истоимената книга.
За делата на Бужаровска на промоцијата во Атина говореа преведувачката Александра Јоаниду, режисерката на претставата Мариа Маганари и новинарката Анастасиа Јамали.
Македонската авторка во разговор со дописничката на МИА од Атина вели дека со книгите веќе се скршени бариерите и табуата, а Грците се многу поотворени кон нашата земја.
-Книжевноста е секогаш многу поотворена и луѓето кои читаат книги воглавно не се националисти, многу е тешко кај читачите да најдете националисти и мислам дека се многу отворени кон една култура кон којашто претходно биле многу затворени, а меѓу другото дознаваат работи, сличности за Балканот преку книгата. Другата работа е што мислам дека како и на други места низ светот, жените повеќе читаат, објаснува Бужаровска.
Она што книгата „Мојот маж“ ја прави особено популарна во Грција, според авторката е фактот што станува збор за современо дело, а читателите учат: учат за себе, учат за Балканот, но и за Северна Македонија.
– А очигледно и преводот е многу добар, затоа што речиси без измени се игра на театар, потенцира авторката.
Пред две седмици беше и официјалната премиера на претставата „Мојот маж“ во театарот „Тисио“ во центарот на Атина и ќе се игра до средината на март, а Бужаровска вели дека според режисерката Мариа Маганари интересот е голем, салата исполнета, а карти тешко се наоѓаат.
Меѓу две посети на Атина, по премиерата на претставата и пред вчерашната промоција на книгите, Бужаровска беше во Аргентина, за тамошните читатели да се запознаат со „Мојот маж“.
-Станува збор за шпанскиот превод што во Аргентина се испечати посебно, бидејќи финансиската ситуација во земјата е апсурдна и тажна на многу начини и имаат неверојатна инфлација. Со оглед на тоа дека имаат многу големи даноци не можат воопшто да ја увезат книгата и поевтино ги чинеше да ја испечатат таму. Имав многу успешна промоција, се изненадив. Инде Помераниец, која го водеше читањето, е една од жените која го има покренато нивниот „me too“, многу интересна авторка и новинарка. И таму помина многу добро, беше многу интересно да се разговара со луѓе од Латинска Америка за работи што се исти, објасни македонската авторка.
„Мојот маж“ е една од најпреведуваните македонски книги објавен на над 13 јазици, промовирана во исто толку земји, Бужаровска вели дека не може да одвои место што и е најдраго каде што биле презентирани делата.
Но, во Грција доаѓа често, постои добра конекција меѓу авторката и читателите, нешто што беше очигледно на сите досегашни промоции.
-Грција за мене има посебна драж и многу се радувам секојпат кога сум тука и поради политичките проблеми што сме ги имале и заради кршење на едно табу, но и фактот што секогаш кога доаѓам на вакви промоции, тие постојано велат „македонски“, а досега беше табу да се каже тој збор и гледам дека се многу поопуштени и тоа ми значи на некое политичко ниво, но и лично. Меѓутоа немам некое место, секаде публиката е навистина прекрасна, бидејќи луѓето од книжевниот свет се отворени и се космополити, истакнува авторката за МИА.
Оние кои веќе ја прочитале првата преведена книга „Мојот маж“ сега ја купуваат втората „Не одам никаде“, а велат дека со нетрпение ја очекуваат и третата.
-Сега има план и „Осмица“ да се преведе, ги имаат купено правата но мојата преведувачка е многу зафатена, а и јас мислам дека треба малку време да помине затоа што двете книги излегоа многу брзо една по друга, но секако и „Осмица“ ќе биде издадена на грчки јазик, открива Бужаровска.
Преводот на грчки јазик и на „Мојот маж“ и на „Не одам никаде“ е на професорката Александра Јоаниду, која ја продолжува соработката со авторката и за третата книга.
Во изминатата година Бужаровска два пати ги промовираше делата во Атина, а беа претставени и пред читачката публика во Солун и на островот Крит.