Градоначалници на седум германски градови потпишаа апел до германската Влада барајќи можност за прифаќање малолетни мигранти сместени во Грција. Тие решија да го сторат тоа откако германскиот Парламент го отфрли предлогот Германија да прифати деца од бегалски кампови.
Градоначалниците на Келн, Дизелдорф, Потсдам, Хановер, Фрајбург, Ротенбург и Франкфурт, и министерот за внатрешни работи на северната провинција Долна Саксонија, Борис Писториус, потпишаа јавен апел.
Апелот е доставен два дена откако во Бундестагот беше одбиен предлогот за сместување во Германија на неколку илјади малолетни баратели на азил кои моментно се наоѓаат во бегалските кампови во Грција.
„Ситуацијата во грчките острови драматично се влоши во последните денови“, се вели во заедничката изјава објавена од германската мрежа РНД во Хановер.
„Особено за жени и деца, преполнети кампови – немаат основна инфраструктура, немаат медицинска нега или болнички пациенти – се неодржливи“.
Со отворено писмо се наведува дека околу 130 германски градови кои се прогласиле за „безбедно засолниште“ сакале да им помогнат на новите бегалци.
Сојузот на тие места, во кој има околу 130 градови и општини низ Германија, веќе изрази подготвеност „веднаш да смести до 500 деца бегалци до 14-годишна возраст“ според итни прописи, во моментов „сместени во неприфатливи услови на грчките острови”.