Пишува: БРАНКО ТРИЧКОВСКИ
Некои пријатели ми велат дека не мал број Македонци сакаат да си ја отсечат главата со моторната пила на антиевропејството, антиалбанството и, во крајна линија, на антимакедонството.
Затоа што во вмро им велат дека во вратот ќе најдат злато.
Хахаха!
Јас, пак, верувам дека на 8 мај Македонецот нема да успее да се убие!
Не знам дали раката ќе му се затресе или до израз ќе дојде распоредот на неговите витални органи, толку ретко распоредени што и тунелот од некоја крстосувачка ракета ќе го преживее како убод на игла за везење на вилерови гоблени.
Македонецот е хибрид од кукавица и најголем можен опортунист. Тој може да умре како резултат на долгогодишно занемарување на своето здравје и на национална одговорност и хигиена, да скапе како куче, но не може да се убие дури и ако од вмро му речат дека кожата ќе му ја платат десет пати поскапо од кожата на теле масирано за беби биф.
Нема муда.
Така викаме во Овче Поле.
Сеедно што за Луј Вутон ташна од кожа на Македонец Ким Кардашијан би платила 1,3 милиони евра.
Пред шест години, мислам во јули 2018, година пишував дека новото геополитичко доба ја издигнува кората откако успеа да ги поремети најдлабоките ментални слоеви на македонската планета, а ние се однесуваме како дека во дворот ни рие крт.
Се преобразува историската стварност на нашиот свет како и нејзиниот секојдневен пејзаж и се уриваат најдобро обезбедените перспективи на нашата мисла и нашата култура, а ние се однесуваме како дека можеме да ги бојкотираме тие процеси или да ги затвориме во тегли за туршија.
Еве, погледнете ги кампањите за претстојните избори и ќе видите дека тука нема никакво поместување во однос на вообичаените кретенски димензии на јавниот дискурс, што е малку чудно со оглед на тоа дека на изборите ќе се решава дали Македонија ќе се втемели себе во новиот свет или ќе влезе во завршната фаза на својата дисолуција.
Има тенденција на нормализирање на ненормалното, една одвратна претстава, всушност, измама на широките народни маси предозирани од дрогата што се вика вмро.
При што забележувам една интересна појава.
На волшебен, би рекол, начин, вморонот се покажува како „по наш“ субјект од сдсмонот, затоа што тој (вмро), всушност е нашата превртена очигледност, тој е таа разделба меѓу нашите чувства и нашите ставови, тој е извадениот корен на нашиот дух. Тој е нашата негација, тој е факторот кој ни дозволува да кажеме дека Македонија е невозможна во услови на демократија ако вмро е една од алтернативите. Затоа што по природата на нештата ја покренува внатрешната дусолуција и ги активира павловите рефлекси на сите околни кучиња на ист начин како и пред формирањето на Република Македонија.
ВМРО е химничната смрт која во услови на демократија станува од гробовите за да ги повлече тие што заборавиле да умрат за Македонија.
Мора да го шутнеме назад во гробот и дупката да ја бетонираме како радиоактивните блокови на Чернобил.
Дали имате впечаток дека нешто во меѓувреме е променето?
Јас имам – на полошо, на полошо кое е појасно и на полошо кое е појасно и сега пред клучните избори полека станува повидливо, односно поспасоносно за нацијата.
Вмро ја отру нацијата со глупост, но отровот почнува да делува и на неговите бели дробови.
Глупоста, се разбира, не можеме да ја истребиме само со напори на разумот затоа што и разумот почнува да произведува глупости.
Болни сме од вмровитис.
И не се однесуваме нормално, говорот ни е тешко мумлање, плукаме во сите соговорници и во микрофоните.
Уште пред да ја освојат власта комитите и поставуваат услови на Европската унија.
Како екипата на Јане за ослободувањето на Мис Стон.
Тоа е така романтично.
Им поставуваат услови и на Албанците.
Бујар ми рече дека Албанците се усрани и дека ќе ги прифатат сите услови на вмро. Дури дека ќе бараат дополнителни рестрикции на своите права.
Лепота!
Од заебанција, нормално.
Потребна ни е страст, љубопитство, уметност, култура, спорт. И милион други работи што ќе ја разретчат присутноста на вмро во нашата национална, ментална и карактерна конституција.
Како?
Не знам.
Главниот грев на интелектуалците е во тоа што извршија замена на мислата со друштвеност, односно со теми за расправи, за дебати, за гомнојадство, за сѐ од кај што е протерана мислата. Тие се корумпирани со шансата да не бидат откриени дека се неуки или макар тенки ви паметта.
Светот без мисла е нивниот омилен амбиент.
После доаѓаат парите и претседателските кандидатурки.