На вчерашната 158 седница, Владата на Република Северна Македонија го утврди текстот на Предлог – законот за субвенционирање на придонесите од задолжително социјално осигурување поради зголемување на плата, објави на својот Фејсбук профил министерката за труд и социјална политика Мила Царовска.
Целта на ова законско решение е да се поттикне растот на плати во РСМ, а истовремено да се овозможи поддршка за покачување на платите на работодавачите од приватниот сектор. Со него се овозможува уплата на придонеси од Буџетот на РСМ во име и сметка на работниците кај работодавачите од приватниот сектор.
Со овие средства ќе се субвенционираат до 100 евра придонесите од задолжително социјално осигурување во случаи на исплата на повисока плата. Притоа, осигурениците непречено ги остваруваат правата од социјално осигурување, а работодавачите немаат обврска да плаќаат придонеси за социјално осигурување за износот на зголемена плата.
Предлог – законот за субвенционирање на придонесите од задолжително социјално осигурување поради зголемување на плата беше донесен во консултација со сите засегнати страни, со цел да се земат предвид нивните потреби, да се подобри животниот стандард и да се поттикне економскиот раст во Република Северна Македонија.