Кампањата на кандидатите за претседателските избори што ќе се одржат на 24 април, влегува во втората седмица. Кандидатите продолжуваат со претставување на своите програми, со потсетувања на минати изборни процеси и политики водени од опонентите или партиите кои ги поддржуваат, на собири низ различни општини во земјата.
Пендаровски: Кандидатката на Мицкоски за претседател, не си ја знае земјата
Претседателскиот кандидат Стево Пендаровски поддржан од Коалицијата предводена од СДСМ вчера на митинг во Кавадарци му порача на претседателот на ВМРО – ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, да набави џи-пи-ес за нивната кандидатка за претседателка Гордана Силјановска Давкова.
– Кандидатката на Мицкоски за претседател, не си ја знае земјата. Да не ве враќам на сцени од пред пет години, изјави Пендаровски, алудирајќи на настанот од претходните избори, кога таа го згреши името на градот, обраќајќи се пред присутни граѓани на Тиквешијата, во рамки на тогашната изборна кампања“, порача вчера на митинг во Кавадарци претседателскиот кандидат Стево Пендаровски поддржан од Коалицијата предводена од СДСМ.
Силјановска Давкова: Ќе слезам меѓу вас, преку народни канцеларии како што направи Ѓорге Иванов
„Прво, ќе слезам меѓу вас. Како преку народните канцеларии. Ќе ги вратам назад. Мислам дека претседателот Ѓорге Иванов добро направи кога отвори народни канцеларии. И јас во иднина можеби најпрво исто така ќе ги повикам бившите претседатели да ги чујам.
Ќе иницирам континуирана соработка со претседателите во регионот. Ние можеме да имаме регионален пристап во било кој начин на каков бил начин Отворен Балкан, економија, соработка , раст итн. И да си ветиме дека ќе ги помагаме оние зад нас, а нема да ги блокираме со вето“ рече кандидатката за претседател од ВМРО ДПМНЕ и коалицијата, Гордана Силјановска Давкова на вчерашниот митинг во Струмица.
Османи: Економскиот раст не смее да биде на сметка на животната средина и идните генерации
Кандидатот за претседател од коалицијата „Европски фронт“ предводена од ДУИ, Бујар Османи, денеска на прес конференција најави основање на борд за валидација, составен од домашни и меѓународни експерти, кој ќе врши ветинг на сите проекти и закони за заштита на животната средина и ќе гарантира дека сите закони се одржливи.
„Овој борд ќе гарантира дека нема да потпишам ниту еден закон што е штетен за животната средина. Не смее економскиот раст да биде на сметка на животната средина и идните генерации. Мора да оставиме не само европска и економска, туку и зелена и одржлива држава“, порача Османи.
Ванковска: Ние се бориме за себе, за Македонија, за Македонците
Билјана Ванковска, кандидатка на Левица, на средба со граѓаните во Долно Лисиче ја промовираше претседателската програма. И пред граѓаните на Лисиче ја истакна цврстата определба за раскинување на трите договори кои според неа, не и донесоа ништо добро на Македонија, како и за носење на нов Устав.
„Да не бидеме потстанари во сопствената татковина. Да си ја вратиме Македонија. Со сите поделби што ни ги направија ние станавме потстанари во сопствената држава. Ние се бориме за себе, за Македонија, за Македонците. Ние веќе мораме на сите да им се извинуваме за тоа што сме Македонци“, рече Ванковска.
Димитриевски: На Македонија и е потребен претседател којшто ќе биде обединител и на Македонците и на сите етнички заедници во државата
„На Македонија и е потребно обединување, на Македонија и е потребен претседател којшто ќе биде обединител и на Македонците и на сите етнички заедници во државата.“, порача кандидатот за претседател на РСМ, Максим Димитриевски, на вчерашниот собир во Штип.
Јакимовски: Да се затвори бугарското прашање
Кандидатот за претседател на РСМ, Стевче Јакимовски во интервју на Телевизија Телма изјави дека е дециден за комплетно затворање на бугарското прашање.
„Не сум децидно против внесувањето на бугарите во Уставот, но сум децидно за комплетно затворање на бугарското прашање. Тоа значи целиот тој пакет да се затвори. Јас и на лидерската средба го поставив прашањето: ќе дадете ли одговор за тоа дали сме нација од 1944, или сме биле откако постоиме?
Второ, дали нашиот јазик е бугарско наречје, или е посебен македонски јазик? Дајте одговор на овие две прашања, а за историските личности нека вадат документи, нека вадат докази дали некој бил Бугарин, дали бил Македонец, можеби и никогаш нема да се договорат, но тоа не може да биде услов за наш влез во ЕУ, вели Јакимовски.
ИНИЦИЈАТИВА НА ЦИВИЛ – „Ти одлучуваш. Гласај!“
ЦИВИЛ со нова веб страница – ГЛАСАЈ: Релевантни информации за изборите и граѓанска едукација за правото на глас и важноста на граѓанското учество
ЦИВИЛ ја лансира веб страницата ГЛАСАЈ. На оваа веб страница се објавуваат релевантни вести и информации за изборите, линкови до официјални извори, како и текстови и видео содржини за граѓанска едукација за правото на глас и важноста на граѓанското учество во изборните процеси.
Интересна новина е алатката за планирање на гласањето. Таа има цел да им помогне на граѓанките и граѓаните да го планираат своето гласање.
Иницијативата на ЦИВИЛ носи наслов „Ти одлучуваш. Гласај!“ и обединува голем број јавни личности, јавни интелектуалци, уметници, универзитетски професори и активисти кои пред камерите на ЦИВИЛ говорат за важноста на гласањето и ги повикуваат граѓанките и граѓаните да излезат на гласање и да гласаат слободно и по сопствен избор.
Скопската невладина „Wake Up“ со кампања за излезност на изборите: Не е до нив, до тебе е
Покрај иницијативата на ЦИВИЛ „Ти одлучуваш. Гласај!“ за граѓанска едукација за правото на глас и важноста на излезноста на изборите, стартуваше и кампањата „Не е до нив, до тебе е“. Тоа е кампања што повикува на излезност на изборите, а ја води невладината WakeUp (во превод: Разбуди се) од Скопје.
Главната порака на кампањата е „Ќе гласам затоа што дефинитивно не е до нив, до мене е“.
Подготви: Д. Тахири во соработка со ЦМТ
Преземено: Цивил Медиа