Говорејќи на 24.Конгрес на СДСМ, претседателот Зоран Заев се осврна и на опозициската ВМРО ДПМНЕ според кого партијата на Христијан Мицкоски се залага за мрачното минато на државата.
„Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ имаат одбрана на криминал, лажни вести и стара режимска матрица. Ние имаме визија, работа и резултати. Тие се за полошо, ние сме за подобро. Тие се за назад, ние сме на напред. Тие се за мрачно минато. Ние сме за сигурна иднина. Тие не можат, не знаат, не умеат за подобро“, направи споредба на концептите, претседателот Заев.
Затоа граѓаните на 12-ти април имаат вистински избор за кого да гласаат и да изберат опција која е посветена на европската иднина на државата и која со сигурност ги носи граѓаните напред.
„И денеска уште еднаш покажуваме дека не сме и никогаш нема да бидеме исти со ВМРО-ДПМНЕ. А таму се е исто. Мрак, манипулација, враќање назад, минато и страв. Мицкоски и понатаму е извршител на Груевски. Тоа е партија пред стечај, која брани криминали додека во неа се уште седат стари и познати ликови кои креираат мрачни политики. Тие се против ЕУ и НАТО. Тие се фабрика за лажни вести. Со своите криминални политики, крадејќи го народот ја донесоа државата на работ на сиромаштијата. Со години газеа врз сиромашните, врз работниците, врз пензионерите, стечајците. Тепаа студенти, уценуваа наставници,затвораа медиуми“, потсети Заев на режимското владеење на ВМРО ДПМНЕ.
Затоа е јасно дека определбата на гласачите ќе биде ЕУ и НАТО и просперитетна иднина.
„Денес, се уште го бранат криминалот на Груевски, уште се против повисоки плати и пензии, противејќи се на напредокот кон ЕУ и НАТО. За таквите нема гласови, нема поддршка, нема иднина. Нека си седат во минатото. Самиот Христијан Мицкоски знае дека го чека пораз на 12 април. Затоа побегна од изборно соочување со мене, побегна од Изборната единица 4, побегна од пратеничките листи на неговата партија. Се плаши да се соочи со граѓаните, се плаши да се соочи со мене. Бега, исто како неговиот шеф. Но, за овој кукавички потег на Мицкоски граѓаните ќе му го дадат одговорот на 12 април. Можеш Мицкоски да бегаш од изборните листи, можеш да бегаш од соочување со мене, знаеш дека ќе изгубиш, но од волјата на граѓаните и од правдата нема да избегаш“, порача претседателот Заев од Конгресот на СДСМ.