ПРВ ДЕЛ | ВТОР ДЕЛ | ТРЕТ ДЕЛ | ЧЕТВРТ ДЕЛ | ПЕТТИ ДЕЛ | ШЕСТИ ДЕЛ | СЕДМИ ДЕЛ | ОСМИ ДЕЛ
ТИНА ИВАНОВА
Квалитетот во постојан растеж
Директор на Македонската филхармонија од 2003 до 2006 година ќе биде уште еден реномиран пијанист, Валери Стефановски. Да потсетиме, тој ќе биде и првиот македонски промотор на концертниот клавир „стенвеј“, на кој ќе ја изведе „Рапсодија во сино“ од Гершвин. Тој прв ќе ја почувствува магијата на црно-белите клавиши на инструментот што за многумина, токму во тоа време на работењето на Филхармонијата, ќе значи живот. „Тоа беше огромно задоволство, а чувството беше посебно“, вели тој. Потоа, клавирот самиот ќе ја плете сопствената историја.
Но, за време на позицијата како еден од раководителите на оваа институција, неговата намера, како што и самиот ќе каже, била да ја згусне програмата, да го подигне нивото на музицирање и со тоа на публиката да ѝ овозможи редовен концертен живот. „Тоа ќе биде остварено“, вели тој. Филхармонијата ќе реализира повеќе од 60 концерти во годината, ќе работи со полна пареа, музичарите ќе чувствуваат постојан индивидуален, но и колективен растеж. „Мојата концепција како раководител на Филхармонијата, земајќи го, се разбира, предвид сè она што моите претходници го работеа и го работеле, беше опусот да се зголеми оптимално“, се сеќава Стефановски. „Тоа беше голема обврска, но намерата од минимум 60 концерти во годината се оствари. Знам дека на оркестарот му паѓаше тешко со таква густо конципирана програма, но и покрај тоа, музичарите сфатија дека можат да чекорат со крупни стапки, а резултатите беа видливи. Бев убеден дека на тој начин растеше квалитетот на институцијата.“
За квалитетното оркестарско музицирање, Стефановски го споменува и податокот кога откако некои менаџери слушнале снимка од настап на Филхармонијата при изведба на една од симфониите од Густав Малер, оваа институција добивала покани за настапи во престижни концерти сали, како „Медисон сквер гарден“ во Њујорк или „Тиволи“ во Копенхаген. „Но, за жал, нашиот хендикеп беа средствата. Не можевме да си ги дозволиме патувањата. Сепак, тие моменти за мене беа значајни. Успеавме да реализираме крупни и голем број проекти со врвни имиња од сферата на светската музичка ризница“, вели Стефановски. Тој не може да ги заборави, за време на неговото раководење со Филхармонијата, изведбите на голем број дела од светската и од домашната литература, меѓу нив и бројните гостувања на реномирани уметници. Еден од настапите што ќе остават трага во концертниот живот на Филхармонијата е и гостувањето на светски познатиот тенор Хозе Карерас на „Охридско лето“ или концертот на Македонската филхармонија во соработка со Бољшој театарот од Москва, на кој под диригентство на Саша Николовски-Ѓумар ќе настапат тројцата врвни тенори од прочуениот театар – Пастер Максим, Сергеј Гајдеј и Николај Василев – проект што ќе се повтори и во Бугарија.
За Стефановски, од особено значење ќе биде работата на Камерниот оркестар на Македонската филхармонија, особено кога тој ќе реализира концерти надвор од земјата. „Треба да истакнам дека овој ансамбл беше мошне ангажиран во тоа време. Настапи во Португалија, беше на турнеја во Шведска, потоа одржа неколку концерти и во Турција… Акламативни беа сите настапи на тоа тело на Филхармонијата, а се сеќавам дека по концертите во Шведска бевме прогласени за најмузикалната нација на Балканот, што е потврдено и во шведските дневни гласила. Мислам дека успеавме да го подигнеме квалитативното ниво на оркестарот и затоа бевме барани“, се сеќава тој.
Но, Стефановски вели дека покрај убавите нешта, се случувале и некои непредвидени работи, кои имале тенденција да го нарушат угледот на институцијата. „Не беше сè розово. Се случуваа и неубави работи. На пример, францускиот диригент Патрик Сујо, кој и претходно соработуваше со Филхармонијата, откажа еден од концертите само ден пред неговото одржување. Но, за само еден ден, нашата институција го реши проблемот. Се обидувавме професионално да ја заштитиме Македонската филхармонија. Маестро Саша Николовски-Ѓумар тогаш ни излезе во пресрет и благодарејќи на неговата професионалност, концертот се одвиваше на висококвалитативно ниво.“
Ќе каже дека за време на неговиот мандат Филхармонијата нема да има шеф-диригент. „Но“, се сеќава тој, „тогаш имавме постојан диригент, а тоа е Борјан Цанев, кој беше голема поддршка за оркестарот. Многу од проектите тој ги подготвуваше. Иако, неколкумина диригенти правеа напори да дојдат кај нас на функцијата шеф-диригент, тоа се косеше со тогашната наша постојана програмска политика. А и нашите диригенти беа застапени често, освен Цанев, со оркестарот диригираа и Александар Лековски, Саша Николовски-Ѓумар, Ле Фи Фи…“
Како пијанист, Стефановски ќе биде еден од оние уметници што редовно ќе концертира со Македонската филхармонија. „Освен како првиот што концертирал на ’стенвејот‘, нема да ги заборавам ниту македонските дела што ги изведов, меѓу нив и Концертот за пијано и оркестар од Љубомир Бранѓолица, но и еден редок настан кога изведов два концерта во една вечер – ’Рапсодија во сино‘ и Концерт во фа од Гершвин со диригентот Станко Шепиќ“, додава Стефановски.
Нови визии
Македонската филхармонија по заминувањето на Стефановски ќе се соочи со низа проблеми што ќе бидат надминати, но ќе опстојува еден период во амбиент во кој ќе се постави на работ на својата уметничка егзистенција, без постојан директор, а со тоа ниту уметнички директор или уметнички совет. Посетеноста на концертите ќе се намали, а ниту програмската политика нема да има јасно зацртани планови. Со Македонската филхармонија, кусо, во период од една година, до 2007-та, ќе раководи истакнатиот флејтист Страшо Темков, но како в.д. директор, сè до назначувањето на Маја Чанаќевиќ. Темков е еден од македонските солисти, кој во текот на својата уметничка кариера многупати настапувал со овој оркестар. За неговото кусо раководење со институцијата, ќе каже дека тоа било време кога во Филхармонијата, но и генерално, ќе се чувствува беспарица. „Но, успеавме да ги реализираме оние концерти што беа претходно испланирани. Морам да споменам дека во тој период околу хонорарите на солистите и на диригентите во пресрет ни излезе Авторската агенција.“ Неговата идеја била во Филхармонијата да има добра хармонија. „Се трудев колку што можам да ги стимулирам моите колеги во тој период. Имавме околу 20-ина млади музичари, кои шест-седум години работеа хонорарно. Се работеше многу, со Министерството за култура и со Министерството за финансии, да се најде начин како да се вработат тие луѓе. Таа процедура ние ја започнавме, а реализацијата се случи во времето на директорувањето на Маја Чанаќевиќ.“
По неколкумесечно исчекување на новиот директор, а со тоа и на нов менаџерски тим, по тој вакуум простор што, барем во тој период, нема да навестува светла иднина за оваа институција, амбиент во кој и публиката полека ќе се намалува, на чело на Македонската филхармонија ќе застане обоистката Маја Чанаќевиќ. Тогаш почнува и новиот живот на Македонската филхармонија. Но, не во онаа смисла да се покрие минатото, туку напротив, живот што ќе претставува фузија од она што значи основна, класична поставеност на една институција каква што е Македонската филхармонија, земајќи ја предвид, пред сè, програмската политика на оваа куќа која ја гради од самите свои почетоци, со современите естетски струења што го интригираат денешниот човек. Чанаќевиќ ќе ѝ донесе нов здив на првата музичка куќа, ќе постави современи стандарди на функционирање, ќе го приспособи репертоарот за сите профили на музички консументи, ќе донесе нова публика, и што е најважно, ќе реализира проекти што првпат во историјата на Македонската филхармонија во себе ќе соединат разновидни звучни изрази, стилови, жанрови, и со тоа ќе отвори нови патеки за размислување, за креативно делување.
Нејзината приказна како прв човек на оваа институција започнува во не толку далечната 2007 година. „На некој начин, пораснав во овој оркестар и можам да кажам дека добро ги познавав состојбите во институцијата и менталитетот на музичарите, па затоа веднаш ’стапив во акција‘. Мораше брзо да се реагира и веднаш да се стави ред во институцијата, да се подобри квалитетот на солистите, диригентите, изведбите, и да се подобри имиџот на Филхармонијата. Со еден збор, да се создаде нова слика за Македонска филхармонија што ќе ја врати публиката на концертите. Со оглед на долгогодишното постоење на оркестарот, неговото огромно значање за нашата култура, огромна беше честа за мене што можам да направам нешто подобро, но тоа создаде и уште поголема одговорност како прв човек на оваа институција. Како личност што има јасни визии за сè, која трипати ќе измери пред да пресече, одлучив дека ќе се зафатам со оваа работа, за која знаев дека нема да биде лесна. Исто така знаев дека имам и енергија и знаење, но и поддршка од колегите како да се справам со она што ме очекува. И така е, не беше лесно!“, вели Чанаќевиќ. „Не е лесно да се биде претпоставен на другарите со кои сме заедно од училишните денови, на колегите, но работата си е работа и сите ние моравме да го разграничиме пријателското од професионалното. Авторитетот се гради со давање личен пример како треба да се работи, но и со многу труд и часови посветеност на она што сакаме да го оствариме. Хиерархијата во институцијата е стара колку и поимот за оркестар, но сепак беше потребна соодветна стратегија, одредена временска рамка и динамика како истата ќе се спроведе.“
На сите овие промени што сме ги направиле, денес сме горди и со задоволство се навраќаме на тоа од каде сме почнале и каде сме сега
Чанаќевиќ ќе каже дека уште на почетокот не случајно поставила строги принципи на работа. „Почнав прилично строго, бидејќи ми пречеше што бевме премногу олабавени и не беше лесно да врати оркестарот на вистинскиот пат, онаму каде што сме денес. Имаше секакви ситуации, многу луѓе, многу карактери, па не се погодуваше секому во секој момент, но сето тоа за кус период го надминавме и денес нема повеќе доцнење на проба, нема повеќе недисциплина, нема неподготвеност… Постоеше и негодување околу одредени распореди и прераспределба во седењето на музичарите, но затоа ни се случуваа подобри концерти. Имаше и уште бројни други ситуации што се решаваа брзо, се надминуваа, сè со цел што подобро да се подготви еден концерт. Во Вашингтон имав чест да го запознаам Мајкл Кајзер, значајна личност во светот на музиката, кој знае да каже: ’Сонувајте, сонувајте за големи проекти, бидејќи без големи соништа нема да имате ниту големи проекти!‘ Несвесно водејќи се од неговата максима, себеси си поставив големи задачи, големи соништа, многу барав и од себе и од другите. Знаеја моите пријатели да кажат: ’Немој толку строго, не може да се направат толку крупни промени, многу бараш, не сме ние со германски менталитет‘. Јас тоа го слушав, но воопшто не го перцирпирав. И тогаш, а и сега, верувам во овој оркестар и знам дека има голем капацитет и огромен потенцијал. Со добра стратегија, дисциплина, работа и соодветна поддршка од државата, институцијата треба да се гради и за да чекори кон висините на уметноста. На сите овие промени што сме ги направиле, денес сме горди и со задоволство се навраќаме на тоа од каде сме почнале и каде сме сега. Со блага насмевка се потсетувам на почетните сезони кога колегите ќе видеа што ги очекува во следната концертна сезона и колку тешки програми се пред нас. Бидејќи, мојата улога е и уметнички директор во исто време. Пред себе имав уште еден предизвик, за мене најубавиот, највозбудливиот и најкреативниот. Да се креира една концертна сезона е веројатно најкомплексната, но и најубава страна од мојата работа како директор. Од тој аспект, се чувствував како архитект. Да се направи еден објект што ќе биде стабилен, функционален, издржлив и естетски прекрасен. Ете, тоа треба да биде Македонската филхармонија.“
Чанаќевиќ вели дека ниту изборот на делата за одреден концерт, ниту, пак, изборот на солистите и на диригентите не бил случаен. „Во концепцијата на секоја сезона одделно, јас точно знаев што сакам да постигнам/предизвикам со секоја композиција, диригент или солист, ништо не беше случајно ставено на програмата. Бидејќи како музичар веќе десетина години бев дел од тој оркестар, ги знаев преференциите на колегите за тоа каков диригент повеќе им одговара, сепак, беше важно да се донесат и нови имиња, со кои оркестарот имаше одлична соработка, но и прекрасни концерти. Работата ми ја олеснуваше тоа што ги знаев слабостите, предностите, проблемите, но и предизвиците на оваа институција. Се сеќавам, на почетокот музичарите знаеја да кажат дека е премногу тешка програмата и дека нема шанси да се отсвири, ама јас знаев дека не е така, и среќна сум што не попуштав во своите одлуки.
Се отсвиреа капитални симфонии, кои македонската публика дотогаш ги немаше слушнато,
Се отсвиреа капитални симфонии, кои македонската публика дотогаш ги немаше слушнато, како третата симфонија од Лутославски, втората симфонија од Хачатуријан, Римската трилогија на Респиги, Симфониските метаморфози на Хиндемит, Симфониа да реквием од Бенџамин Бритн и многу други дела што ја доживеаја својата македонска праизведба. За кус период веќе почнаа и да се менуваат коментарите меѓу колегите, па да кажат дека со нетрпение чекаат да дојде концертот кога ќе се свири, на пример ’Жар птица‘ и ’Посветување на пролетта‘ од Стравински, четвртата симфонија од Брукнер, Бартоковиот Концерт за оркестар, Малеровата втора симфонија ’Воскресение‘, Штраусовиот ’Дон Жуан‘ или ’Кавалер со роза‘… и од проблем, всушност се претвори во предизвик. Тоа е тоа што сакав да го постигнам! И на најтешкото да гледаме како предизвик, со жар во очите и подготвеност да се предадеме себеси и своите емоции на публиката и на музиката.“
Градот зборува за Македонската филхармонија
Секое време си носи нови проблеми, носи нови предизвици. Македонската филхармонија и во првите години на новиот милениум ги прифаќа, се соочува со нив и се обидува да ги надмине. Таа понекогаш е огледало на општествените состојби, но во исто време и мотор што ги придвижува нештата напред. Чанаќевиќ вели дека сега, во 21 век, се живее многу поинаку од порано. „Конкуренцијата на нашиот музички пазар е голема, застрашувачка. Од нас се бара сè повеќе, да се биде уште подобар. Така, затекнав еден куп проблеми, со кои бев свесна дека ќе се занимавам, но секојдневно искрснуваа и нови, неочекувани. Но проблемите се за решавање, некои се решија, со некои сè уште се бориме. Со таков ентузијазам и позитивна енергија, всушност, ја започнавме сезоната 2007/2008. Веднаш направивме сезона со познати солисти и диригенти, поканивме уметници што дојдоа за ’наш атер‘, на програмата ставивме дела што премиерно се изведоа или, пак, композиции што не биле одамна изведени. И уште на отворањето, преполна сала. И така секој следен концерт.“
Се сеќава дека новите идеи не често наидувале на одобрување од страна на критиката. „Мораше нешто да се критикува, да не биде дека сè е одлично, и веќе започнаа скептичните критичари да пишуваат за нестандардните симфониски концерти кои, според нив, не доликувале на еден ваков оркестар, кој треба да се занимава само со класична музика, всушност да не работи по нови светски стандарди, туку веројатно да се врати назад во 80-тите. Но, мене тоа не ме поколеба, особено што на тие концерти беше преполно, а многу од посетителите и за првпат дојдоа на концерт на филхармонија.“
Чанаќевиќ вели дека градот почнал да зборува за Македонската филхармонија повеќе од кога било. „Почнаа да ни доаѓаат млади луѓе на концертите, да се интересираат што ќе биде следно на програмата, со воодушевување поминуваше секој концерт. Тоа беше поттик за уште поголема посветеност кон она што беше замислено, но и уште поголем апетит за поголеми проекти, подобри солисти, подготовка на следната сезона, но сега веќе и објавена во каталог, и тоа за првпат во историјата на Македонска филхармонија.“
Македонска филхармонија – бренд на Македонија
Еден од покрупните проекти во новиот период на Македонската филхармонија е нејзиното излегување надвор од институцијата, надвор од шематските стеги, со цел класичната музика, или поточно симфонизмот да се доближи до што поширок круг слушатели, до што повеќе профили на луѓе, до различни генерации. Така ќе се оствари грандиозниот мултимедијален проект „Види музика, слушни слика, добиј книга“, кој во себе ги соединува музиката, сликарството и литературата. „Таа сезона за првпат Филхармонијата ја извадивме на градскиот плоштад и тоа под мотото ’А сега… уметност‘. Инспирирани од предизборните кампањи, си рековме, ајде доста веќе политика, сега дајте уметност! Така настана големиот спектакл што веќе прерасна во традиционален и го доби името ’Види музика, слушни слика, добиј книга‘. Сè уште понекогаш ќе се насмееме кога ќе се сетиме на првата година од овој настан, кога на генералната проба што се одвиваше преку ден на плоштадот Македонија, трчавме и баравме да зајмиме чадори за сонце од луѓето што продаваа сладолед, бидејќи сонцето им пречеше на музичарите и инструментите. Се смееме и кога се сеќаваме дека пред концертот минувачите нè прашуваа од каде доаѓаме, да не сме од некоја друга земја, бидејќи голем број од нив и не знаеле дека и во Скопје има филхармонија, што, всушност, беше поразителен факт. И тогаш повторно си реков: Мора да бидеме бренд во Македонија што ќе го знаат сите, бидејќи ние сме една и единствена филхармонија, Македонска!“
Концертните сезони почнуваат и завршуваат, се редат прекрасни концерти. „Публиката уживаше, ние уште повеќе. Во меѓувреме ја подготвивме и новата концертна сезона, за која веќе изработивме и каталог, во кој беа објавени сите концерти од почеток до крај. Тоа се објави, но требаше и да се реализира, што беше потешкиот дел од нашата работа“, вели Чанаќевиќ. Таа додава дека условите за работа нема драстично да се променат, некои нешта дури ќе станат и потешки, но сепак, вели, оркестарот треба да свири, концертите се закажани, уметниците букирани, а публиката веќе се навикна да слуша само она што е најдобро.
Македонската филхармонија од самите свои почетоци се бори за свој, сопствен концертен простор. Преселбите од една во друга сала што таа ќе ги направи во текот на седумдецениското постоење во амбиенти што нема да соодветствуваат на институција од таков калибар, особено не од акустички аспект, ќе претставува една од нејзините најголеми маки. Во последните години таа е лоцирана во Домот на Армијата, но повторно како потстанар. Конечно во 2009 година ќе се удрат темелите за изградба на нова концертна сала, и тоа стриктно наменета за Македонската филхармонија, која треба да го облагороди т.н. музички простор помеѓу Средното музичко училиште „Илија Николовски-Луј“ и Македонската опера и балет, и што е најважно, ќе се создадат услови за високопрофесионално музицирање.
„Конечно, во 2009 година, Премиерот, министерката за култура, јас и сите уметници со голема радост ги ставивме првите лопати во темелите на новата концертна сала на Македонската филхармонија. Пресреќни дека конечно ќе се спасиме од провевот и од очајното светло во Домот на армијата и дека ќе добиеме дом во кој ќе можеме навистина да се чувствуваме како во еден храм на хармоничност и возвишеност“, вели Чанаќевиќ. „Концертната сала што со нетрпение ја чекаме толку долго, се надевам дека ќе биде готова за помалку од две години. Таа беше планирана да биде подарок од Владата на РМ за нашиот 70-ти роденден, но поради низа објективни причини, тоа не се случи. Сепак, се работи интензивно на нејзиното завршување, и кога конечно ќе ни се предаде, од тој голем ден за нас веројатно ќе настапи нов живот, во кој единственото нешто за што ќе зборуваме, ќе биде музиката. Салата е проект на архитектот Виктор Михајлов, а проектот за акустика го изработи светски реномираниот акустичар и архитект Јорг Кумел.
Големата концертна сала ќе биде наменета за нашите концерти, средби со великаните на музичката уметност и нашата верна публика. Малата сала, пак, ќе биде храмот на камерното музицирање, различни мултимедијални проекти и отворање на вратите за современиот израз и авангардата на времето што треба допрва да го запознаеме. Во овој објект ќе има место за сите, простории за индивидуална работа на музичарите од оркестарот, простории за солистите, посебни катчиња и за публиката. Едноставно, секој ќе си го пронајде своето место и момент на среќа во овој храм на хармонијата и музиката. Прекрасниот поглед на кејот на Вардар надополнет со звуците на Македонската филхармонија ќе биде новата точка на многу нови средби и љубови во нашиот град, а за нас музичарите од Македонската филхармонија ќе биде центар на нашиот имагинарен музички свет.“
Во очекување на новиот дом, сè уште ќе се престојува во несоодветен концертен простор, но, за среќа, сите концерти ќе поминуваат одлично. „И тоа не само од аспект на концертна изведба, туку и преку одличната соработка со сите уметници што гостуваа на сцената со овој оркестар. Не е лесна соработката со уметниците, особено не со оние што не ги познаваме лично. Но, од денешна перспектива можам да кажам дека имавме огромно задоволство да соработуваме со прекрасни луѓе, фантастични, врвни уметници што ги краси скромност, огромна посветеност на уметноста и исклучителна желба да се даде сè од себе за музиката.
Провевот си беше неизоставен сегмент од нашето секојдневие
Минуваа концертите, провевот си беше неизоставен сегмент од нашето секојдневие (знаеме со диригентите и уметниците, а и со колегите да се насмееме дека е тоа збор што постои веројатно само во македонскиот јазик), изгор лето – кочан зима, во вистинска смисла, но нашата концертна сезона со секој концерт беше сè подобра. Публиката веќе се навикна на тоа дека од нас ќе го очекува само најдоброто и секој концерт треба да донесе уште поголема возбуда и да биде ново музичко патување, ново доживување.“
Чанаќевиќ нема да го заборави ниту мигот кога во Македонската филхармонија ќе се вработат нови, млади луѓе, кои ќе донесат нова енергија, младешки дух, современ пристап, а со тоа и нов здив во редовите на оркестарот. „Во овој период започнаа и вработувањата што ни ги додели Владата, па така многу музичари си го најдоа местото токму во нашиот оркестар. Често ќе слушнеме коментари дека е оркестарот подмладен, и тоа е навистина така, бидејќи речиси половина од музичарите во оркестарот се вработија по 2008 година. Нешто што беше насушно и мораше да се случи, беше и зголемувањето на платите на уметниците, бидејќи беа навистина недостојни за нашата професија. Ни тргна добро, но провевот, топлото лето, немањето простор за работа, остана и понатаму голем проблем“, вели таа.
Уште една новина што во овој период ќе спроведе Македонската филхармонија, е промена на нејзиниот целокупен визуелен имиџ. „Уште во првата сезона го сменив визуелниот имиџ на сè што значеше печатен материјал за Македонска филхармонија и она што во јавноста ја градеше сликата за нас. Од цветните плакати што ги имавме, одеднаш добивме плакати со рафиниран и минималистички естетски изглед. Некои од плакатите беа и уметнички изрази, кои само навестуваа за што станува збор, го привлекуваа вниманието на минувачите да видат што, всушност, претставува сликата или објектот. И во таа смисла растевме секоја следна сезона, за да дојдеме до оној препознатлив естетски и визуелен израз, кој ја одразува модерната и современа Македонска филхармонија. Го заменивме и логото, кое веќе си ги отслужи своето. Во потрагата по изглед што ќе го отсликува времето во кое живееме, а од друга страна, пак, ќе биде безвременски, го најдовме во она што денес е нашето ново лого.“
Светски уметници, нови жанрови, нови циклуси
Следната концертна сезона ќе биде уште повнимателно конципирана. Чанаќевиќ вели дека нивото на уметниците што гостуваа во тој не толку далечен период, ќе стане уште повисоко, желбите поголеми, очекувањата огромни. „Почнаа да доаѓаат навистина големи светски имиња, уметници што беа недостижни дури и за оркестрите со поголемо реноме и традиција во регионот.“ Репертоарот на Македонската филхармонија ќе доживее големи промени. „Уште повеќе станаа присутни концертите на кои ги отворивме вратите за другите музички жанрови, џезот, филмската музика… Дури и критичарите уживаа на овие настани, а Македонската филхармонија цврсто чекореше по патот за да стигне онаму каде што сме денес“, вели Чанаќевиќ.
Важен чекор во програмските концепти ќе биде и враќањето на концертите за најмладите
Таа додава дека мошне важен чекор во програмските концепти ќе биде и враќањето на концертите за најмладите, кои Филхармонијата ги изведувала многу одамна, но сега, во поинаква форма, т.е. замислени како семејна активност. „Не само децата, туку и бабите, и дедовците, и родителите внимателно го слушаа музичкиот бонтон. Обично на тие концерти со колегите од продукција стоиме најгоре во салата и навистина уживаме во глетката колку децата се заинтересирани да слушнат приказни за различните инструменти или, пак, композиции. На програмата го вративме ’Петре и волкот‘, ’Водич низ оркестарот‘, а ’Волшебникот‘ наш стана омилен лик на децата. И на овие концерти имаше различни анегдоти, но всушност, нема поубаво нешто од моментот кога еден родител сред концерт тивко ќе му се обрати на детето да го праша нешто, а тоа со прстето на уста му вели: ’Шшш… Па, нели слушна дека додека оркестарот свири, не смееме да зборуваме, треба да ги затвориме очињата и да ја слушаме музиката‘. Ова дете сигурно ќе се сеќава на тоа што го научило на нашите концерти и јас верувам дека ќе биде дел од нашата публика кога ќе биде возрасен.“
Иако сега е на функцијата директор на Македонската филхармонија, Чанаќевиќ нема да ја заборави обоата, ниту англискиот рог како нејзина основна професија, како неизоставен дел од оркестарот на Македонската филхармонија. „Јас многу време поминував во оркестарот, и иако сум директор, не престанав да свирам секогаш кога тоа беше возможно. Контактот со колегите ми беше и сè уште ми е од големо значење, но и голема помош. Така сум најблиску до нив, па точно можам да ја почувствувам работната атмосфера, каков е диригентот, како работи, со какви проблеми се соочува… Од друга страна, пробите ми беа малку одмор од сето она што морам да го направам во текот на еден работен ден. И веројатно е тешко да се поверува, но од денешна перспектива, кога сум на проба, нештата ги гледам од поинаков агол. И во минатото, но и сега, на проба сум посветена само и исклучиво на музиката, бидејќи нема поубаво нешто од тоа да ја имаш привилегијата да бидеш музичар. Вистинска привилегија е, всушност, да си платен да го работиш она што го сакаш и што ти било сон од детството“, вели таа.
Маја Чанаќевиќ ќе постави одредени цели кога ќе застане на чело на оваа институција, и вели дека исполнувајќи ги, веднаш ќе ѝ се родат нови идеи и желби да се биде уште подобар. „Во тоа несебично помагаа сите членови на Управниот одбор и во првиот и во овој тековен мандат, вработените во администрацијата и секако оркестарот. За многу програми секогаш се добредојдени советите на концерт-мајсторите, водачите на групите и диригентот Борјан Цанев. Се чини дека на сите почна да им се допаѓа вкусот на успехот и сјајот на концертите на нашиот оркестар, се создаваше прекрасна енергија меѓу изведувачите и публиката, и сите беа среќни после добар концерт. За музичарите прекрасно е чувството да свират пред полна сала, со добар диригент и одличен солист. Кога на крајот на концертот има овации и извици на браво, кога споделувањето на музиката носи неизмерна радост, за мене претставува најголемо признание.“
Млади уметници, гостувања, аплаузи
Откако ќе ги постави основите на она што била нејзина тенденција во програмска смисла, Чанаќевиќ ќе направи стратешки кадровски промени во оркестарот. „Дојдоа младите сили, се мотивираа и поискусните, се зголемија платите, започна градбата на новата сала, време беше да се направат нови чекори за вистински конкурентен оркестар што ќе излезе на европскиот пазар и таму ќе се бори рамноправно со другите оркестри.
Ниту во минатото не сме оделе на големи турнеи како што одат врвните оркестри, па затоа веројатно секое претставување надвор од државата било и е многу значајно. Пребирлива сум кога се работи за квалитет, па така и за гостувањата. Националниот оркестар треба достоинствено да се претстави себеси, а со тоа и државата. И веројатно од 2007 година до денес направивме доста гостувања, сите успешни и забележани и од странската критика. Драго ми е што кога одиме надвор од нашата држава за концерт, секогаш се враќаме со најпозитивни критики и со изненаденост од промоторите и од публиката, дека е ова сега комплетно нов звук на оркестарот. Ќе ги споменам успешните гостувања како она на НОМУС во Нови Сад во 2008 година со големата музичка ѕвезда, виолинист Дејвид Герет, и неговата незаборавна интерпретација на концертот за виолина и оркестар од Е. Елгар.
Потоа следеа настапите во Полска и во Франција, но секако запаметено ќе остане гостувањето во султанатот Оман во главниот град Мускат, во 2012 година. Отпатувавме со приватен авион специјално ангажиран за нашиот оркестар, во јануари, кога во Скопје беше многу студено, а во Мускат 25 степени Целзиусови. Сите бевме воодушевени од новоизградената опера, од нејзиниот раскош и сјај, од можноста што ќе настапиме во сезона кога настапуваат и најдобрите светски оркестри. Концертот беше навистина посебен и верувам ќе остане долго во нашите сеќавања. Денот кога требаше да си заминеме, сите на шега велеа дека не е фер да се дојде во прекрасниот Мускат толку кратко и дека требало барем двојно повеќе да се остане. Знаат колегите да се пошегуваат па на Фејсбук да ме потсетат со фотографии од ова наше гостување.
Сега сум уште поблиску до она што сакам да го постигнам, до она ниво на кое сакам да биде нашиот оркестар!
Сè уште се свежи и импресиите од последното гостување на Македонската филхармонија во Загреб (2014) каде што оркестарот се надмина себеси во буквална смисла на зборот. И додека седев и слушав, си реков: ’Сега сум уште поблиску до она што сакам да го постигнам, до она ниво на кое сакам да биде нашиот оркестар!‘ Исклучително тешка програма – Дон Жуан од Штраус, Танц свита од Барток, Концерт за виолончело од Лало со врвниот светски виолончелист Даниел Милер-Шот, сето тоа под раководство на маестро Цанев. Беше вистинско уживање да се биде во полната сала на Лисински, чија акустика многу помогна во оформувањето на вистинскиот звук на оркестарот. И да се добие овации во Загреб, уште и да се свири бис на концерт во рамките на циклусот ’Светот на музиката‘ каде што гостуваат оркестри како Берлинска филхармонија, Штаатскапеле Дрезден, Филхармонијата на Лос Анџелес…, нема поубаво признание за долгогодишната работа, вложување и посветеност на сите нас. На концертот присуствуваа и моите колеги од Словенечката и од Загрепската филхармонија, многубројни музичари… Организаторите и некои од колегите што го слушаа оркестарот пред точно пет години, не можеа да веруваат во неговиот прогрес, не можеа да веруваат дека тоа се истите луѓе и дека свират на истите инструменти.“
Изминуваат сезони, никогаш досега во континуитет толку многу музички ѕвезди и врвни музичари. Веројатно долго ќе се паметат концертите со диригентите Емил Табаков, Урош Лајовиц, Тимоти Редмонд, Стефан Лано, Јануш Пшибилски, Борјан Цанев, Саша Николовски-Ѓумар, како и со виртуозите Готје Капусон, Акико Суванаи, Изабел Фауст, Мајуко Камио, Јоханес Мозер, Алексеј Огринчук, Емануел Пају, Алексеј Володин, Сергеј Накарјаков, Радован Влатковиќ, Ан Халенберг, Јулијана Авдеева и уште многу други.
Филхармонијата како институција има големо влијание во музичката средина во нашата држава
Никогаш досега толку многу простор и внимание на македонските уметници и македонската современа музика. „Филхармонијата како институција има големо влијание во музичката средина во нашата држава. Имаме одлични македонски уметници, треба да им се даде простор да ја искажат својата музика, и жалам што не може тоа почесто да го правиме, но сепак, ние имаме само еден концерт во неделата. Многу се радувам на секој концерт на моите колеги, на македонските уметници како Симон Трпчески, Ана Дурловски, Ѓорѓи Димчевски, Олег Кондратенко, Игор Дурловски, Емилио Перцан, Владимир Костов, Ана Кондратенко, Ана Гацева, Александар Коловски, Марија Ѓошевска, Нинослав Димов и уште многу други.
Започна уште поголема творечка активност и на композиторите, особено на оние од помладата генерација. Многумина од нив, кога ги повикав на средба и кога од нив побарав композиции што се напишани за симфониски оркестар, видно изненадени дури и немаа што да понудат. Оние, пак, што веќе имаа искуство и композиции за симфониски оркестар, со големо задоволство ги ставивме на програмите на нашите концерти. Но оттука, всушност, произлезе и потребата за нови конкурси, на кои се пишуваат и се откупуваат нови дела, а ние сме тука за да ги изведеме“, вели Чанаќевиќ.
Таа ќе додаде дека признание за нивната работа е аплаузот на публиката. „Но, започнаа да се нижат и други признанија и награди, па така, добивме признание за најдобра културна институција во државата, наградата ’Виртуози‘ за најдобра организација и најдобар ансамбл, а потоа уште една за настан на годината.
На нашиот роденден, 70-ти по ред, добивме и медал за заслуги за Македонија, највисокото признание што се доделува во нашата држава.
Оваа година ја добивме и државната награда „23 Октомври“. На нашиот роденден, 70-ти по ред, добивме и медал за заслуги за Македонија, највисокото признание што се доделува во нашата држава. Сето ова навистина нè прави да се чувствуваме задоволни од вложениот труд и горди на постигнатите резултати, но и на сето она што го вложија и нашите претходници, основачите на оваа наша филхармонија и бројните музичари што го сочинуваа оркестарот во овие седум децении.“
За неа, работата во Македонска филхармонија е една голема шаховска партија. „Како и во шахот, треба умешност и добра стратегија, распределба на сите фигури за напад и добра одбрана, ако тоа се постигне, партијата сме ја добиле! Во оваа наша 70-та година од симфониско музицирање, ние нашата шаховска партија ја добивме! Останува на нас и на следните генерации уште многу игра со музиката и добивка во форма на магични концерти. И сега, по толку време поминато како директор на оваа институција, кога ќе се завртам зад себе и кога ќе се запрашам што остварив од она што си го поставив како цел, најсреќна сум кога ќе видам дека оркестарот е на друго, многу повисоко ниво, кога ќе ги погледнам годишните каталози и ќе се потсетиме на сите оние концерти за кои со воодушевување и денес зборуваме, кога ќе погледнам дека денес сме достоинствени на својата професија и почитувани од сите во нашата држава. Тоа е добар почеток на остварувањето на големиот сон за светското реноме на Македонската филхармонија.
Оние што не ме познаваат и ме прашуваат каде работам, јас со гордост одговарам: свирам англиски рог во Македонската филхармонија (бидејќи тоа е мојата животна определба, па претпочитам така и да се претставувам, освен кога морам официјално да си ја кажам функцијата), а тие ќе одговорат: Аааа, дааа, знаеме, ги следиме концертите во парк, па бевме на концертите на филмската музика, бевме и на оној ’Бродвеј‘ и оние ’Љубовните‘ и на детските концерти и така со ред ми ја раскажуваат програмата што ја слушале. И тогаш ќе ме погледнат убаво и ќе ми се обратат со зборовите: ’Ама Вие сте, всушност, директорката на Филхармонија‘. На тоа секогаш одговарам со насмевка, гордеејќи се на тоа што успеавме сите ние да го направиме, генерациите пред нас и овие сега, кои во моментов го даваат најдоброто од себе!“, вели Чанаќевиќ.
На крајот, како директор што е на оваа функција најдолг период во историјата на институцијата, вели дека има уште многу да зборува за Македонската филхармонија, но сепак, претпочита за нив да зборуваат концертите, публиката и критиката. „Затоа, веќе неколку години го имаме слоганот со кој ги најавуваме нашите концертни сезони, ’Без зборови‘, всушност кажува сè!“
Фотографии: Од архивата на Филхармонија.
Продолжува…
(На Frontline.mk, по повод 80 годишниот јубилеј на најстарата културна институција – Македонската филхармонија, кој го одбележува токму оваа 2024, ќе бидат објавувани неколку текстови за нејзиниот историјат, со цел читателите подобро да се запознаат со нејзиното функционирање. Текстовите се преземани од монографијата „70 години Македонска филхармонија“, на авторките Тина Иванова и Роза Нолчева)