На верскиот празник Цветници, во пресрет на Велигден, денеска беше осветен крстот во Драчево, висок 63,5 метри и е втор по големина во државата. Церемонијата на осветување на крстот ја предводеше поглаварот на МПЦ-ОА г.г. Стефан. На настанот присуствуваат градоначалникот на Кисела Вода Орце Ѓорѓиевски, претседателот на Светскиот Македонски Конгрес Тодор Петров, како инвеститор на објектот, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски и голем број на граѓани.
– Од денес погледот кон небото нема да е ист. Од денес, над нас, тука во Драчево стои еден моќен симбол на верата, надежта и љубовта. Крстот е икона на верата, симбол на возвишеноста на човекот пред бескрајната моќ на небото. Во неговите контури е собрано целото значење на христијанството, каде се преплетуваат симболиката на жртвата, спасението и вечната љубов кон Бога. Осветувањето на овој Македонски крст е чин на почитта кон минатото, вера во иднината и мост кој нè спојува сите нас. Тој ќе стои тука, како светилник на нашата заедница, потсетувајќи нè на човековите вредности, на моралот и на нашиот пат кон почит и човекољубие, рече градоначалникот Ѓорѓиевски.
Тој им се заблагодари на Светскиот Македонски Конгрес, на МПЦ-ОА и г.г Стефан и на сите кои дале свој придонес за изградбата на крстот. Настанот беше дополнет со музичка програма од музичари: Огнен Здравковски, Миле Кузмановски, Бојана Скендеровски како и мешаниот камерен хор „Свети Климент Охридски“ и дечињата од КУД „Китка“.
На голем црковно-народен собир, што денеска се одржа кај филтер станицата за вода во Зрновци, беше осветен Македонскиот крст на чие поставување се работеше во текот на овој месец.
Чинот на осветувањето го изведе митрополитот брегалнички Иларион во сослужение на свештеници од кочанското архиерејско намесништво, а крстот е поставен по барање на жителите на Зрновци со донација од нивен сограѓанин.
-Крстот е изработен од метална решетка, има височина од 18,5 метри, а ширината на краците изнесува 14 метри. Материјалите и поставувањето се донација од семејството на Јоце Гоцев. Јас и Советот на Општината помогнавме со усвојување на соодветна одлука за локацијата, за пробивање на сообраќајниот пристап и партерното уредување на целиот простор, како и за обезбедување електрична енергија и осветлување на крстот. По чинот на осветувањето тој е предаден во владение на МПЦ ОА и нејзината Брегалничка епархија, истакна градоначалникот на Зрновци, Борчо Коцев.