Судскиот процес против девет осомничени членови на екстремно десничарската група предводена од германскиот принц Хајнрих Тринаесетти Ројс под обвинение за тероризам и предавство почна денеска во Штутгарт, јави ДПА.
Поради големиот број насобрани луѓе пред судот, судењето почна повеќе од еден час подоцна од предвидениот почеток.
На самиот принц Ројс ќе му се суди подоцна во друг случај. Деветмината осомничени од движењето „Граѓаните на Рајхот“ – организација која го отфрла легитимитетот на современата германска држава – се обвинети за членство во терористичка организација и „подготовка на иницијатива што се сведува на предавство“.
Еден од нив е обвинет за убиство во обид. Судењето во Штутгарт е прво од трите против групата околу принцот Ројс и е еден од најголемите криминални случаи на државната безбедност во германската историја.