Израелскиот министер за одбрана Јоав Галант синоќа му кажал на својот американски колега, американскиот секретар за одбрана Лојд Остин дека Израел нема друг избор освен да почне офанзива во градот Рафа на југот на Појасот Газа.
Галант во телефонски разговор го информирал Остин за вчерашниот смртоносен ракетен истрел од Рафа на позициите на израелската армија, соопшти неговиот кабинет.
Тој изјавил дека се прават сите напори од страна на државата Израел да се постигне договор за ослободување на заложниците и привремен прекин на огнот и оти Хамас го отфрла секој предлог што ќе го овозможи тоа.
Галант му рекол на Остин дека „нема избор“ и дека тоа значи „почеток на израелска операција во Рафа“.
Притоа, тој се заблагодарил за блиската соработка и истакнал дека САД имаат важна улога во унапредувањето на дијалогот за ослободување на заложниците кои ги држи Хамас, пренесоа израелските медиуми.
Израелските одбранбени сили (ИДФ) денеска почнаа да го евакуираат Рафа во јужниот дел на Појасот Газа пред планираната воена операција во градот.
– Почнуваме операција со ограничен опсег за привремено евакуирање на жителите на источен Рафа, изјави портпаролот на ИДФ.
ИДФ ги повикаа жителите на источниот дел на градот на границата со Египет да се преселат во кампот Ал-Маваси на Медитеранот неколку километри северно. Според портпаролот на ИДФ, се проценува дека се погодени околу 100.000 луѓе. Тие биле информирани преку СМС порака, телефон, летоци и преку медиуми на арапски јазик.
Луѓето треба да одат во „проширена хуманитарна област“ во областа Ал-Маваси. Таму има храна, вода и лекови, рече портпаролот на ИДФ. Армијата исто така постави теренски болници. Портпаролот не можеше да каже колку време имаат луѓето да се евакуираат.
Тој нагласи дека доставувањето хуманитарна помош за населението ќе продолжи непречено за време на операцијата за евакуација. Таа може да се донесе до крајбрежниот појас преку различни рути, на пример преку пристаништето во Ашдод.