Пишува: ЕЛИ ПЕШЕВА
Норвешка е една од најбогатите држави на светот. Иако не изгледа така. Норвешка е како (покоен) Стив Џобс со неговата црна ролка. Со БДП кој се очекуваа оваа година да стигне околу 80.000 евра, Норвежаните го имаат секое право да бидат опуштени, задоволни со малите работи (како на пример 25 степени во мај и танга сунчање на искосен тревник) и константно, секоја година да бидат рангирани меѓу најсреќните нации на светот.
Норвешка вчера наполни 210 години, (просечна возраст на обичен Јапонец), но во Осло прославата се чувствуваше цела недела порано. Горди на својата нација (прегорди, ако се разбираме) за инат на Швеѓаните кои според нив најмногу лажат за одредени скандинавски рекорди, празнуваат во традиционални носии цел викенд порано.
Сончева и топла пролет, ведро небо, чудно чувство за естетика и неверојатна смисла за хумор е она што ги исполни моите норвешки денови.
Осло е поразличен од сите скандинавски главни градови (со него, сум посетила 4 од 5. Исланд ми е на листа на желби за следнава сезона). Поразличен затоа што од кој агол и да се обидов да фотнам, сликите беа како поминати низ монохроматски филтер. Просто, нема многу боја. Денот е долг, се стемнува околу 23 часот, се разденува веќе околу 4, и додека сфатив зошто мора да се затвораат дебелите драперии, станав како Ал Пачино во Insomnia.
Норвежаните работат до 5. Не до 5 и 5. Имаат исклучителен баланс меѓу работа и приватниот живот, со великодушни политики за породилно отсуство кои им дозволуваат да поминуваат квалитетно време со своите семејства и да усовршуваат хобија, од нордиско скијање, тријатлон до плетење на сложени џемпери. (скијаат и во пролет, на скии со тркала…мммм, да). Како што самите велат, останувањето на работа после работно време не те прави добар работник, туку лош родител или партнер.
Веруваат во тролови.
Можеш пешки да се качиш на кровот на националната опера. Архитектонски уникат. Црно – бел.
Сите скијаат, но ски скокови се само за најдобрите. Во пролет и лето кога нема снег, може да се проба симулаторот на најпознатата скокалница. Слушнав врисоци, па си отидов во Нобеловиот музеј за мир, исклучителен „хаха“ момент на Норвежаните врз Швеѓаните, бидејќи Нобел во својот тестамент инсистирал оваа награда да се доделува во Осло, а не како останатите во Стокхолм.
Просечната густина на население е само 14 луѓе на квадратен километар, што значи има многу простор за дишење, размислување и избегнување на, за нив, непријатен откачи – закачи муабети – вистински рај за интровертите!
Најгорди се на модерната зграда музеј во чест на норвешкиот уметник Едвард Мунк (не Манч, за што ги опоменаа сите од англиско говорно подрачје). Се наоѓа во ултра модерниот „баркод“ кварт Бјорвика и е прогласен за најгрдата нова зграда во 2021. Но, Норвежаните велат, и тоа е рекорд.
Кралот им е увезен од Данска. Скаутирале, си го одбрале, си го потврдиле на референдум, човекот си земал норвешко име, дошол со дете, династијата загарантирана, Норвежаните го обожаваат своето кралско семејство.
80% од возниот парк се електрични/хибридни возила, бидејќи државата е дарежлива, давајќи субвенции од околу 30% од сумата. Кога сфатиле дека така само богатите ќе можат да ги купуваат, ја ограничиле вредноста за симнување на ДДВ-то на 50к евра. Остатокот од градскиот сообраќај е под земја, во тунели.
Алкохол може да се конзумира само во ресторани и барови, за домашна употреба треба да се оди до специјализираните продавници/магацини речиси на периферијата од градот.
Осло го има Фрогнер, можеби најубавиот градски парк што го имам видено, во кој има повеќе од 200 брилијантни скулптури на Густав Вигеланд, со трогателна идеа за Кругот на животот, и нежна порака на излез со десетината прекрасно дизајнирани лампи: на крајот, сите ја наоѓаме својата светлина. Ние го најдовме нашиот водич и удобниот автобус. Без нив приказните за Осло ќе останеа сиви.
Го прашувам водичот, среќни ли се навистина? Нема директно Да, само вели, да речеме насмеани сме како ирваси на трамполина. Ох, ок.
Преземено со дозвола на Авторката.