Нема веќе машки, женски професии, жени има веќе и во столарството. Имаме жена-столар доста активна, има завршено архитектура и дизајн и се регистрираше кај нас како жена претприемач занаетчија. Ме радува фактот што веќе немаме поделба на професиите и нема предрасуди дека мора жена да води на пример еден одреден бизнис, како козметичар, а маж да води друг бизнис, како на пример автомеханичар. Веќе се менуваат и ставовите, меѓутоа треба уште долго време да дојдеме до вистинскиот пат во делот на женското претприемништво.
Ова го истакна денеска Анета Атанасовска, извршна директорка во Занаетчиска комора – Скопје, во изјава за МИА.
Таа појасни дека најголемите проблеми на жените претприемачки се големите административни обврски што треба да ги водат во водењето бизнис.
– Треба да ги вршат, а тие имаат дополнителни обврски во делот на семејството, навистина мора да дадат сѐ од себе да биде бизнисот успешен, а да се направи баланс меѓу семејството и водењето бизнис. Исто така, имаат потреба од дополнителни обуки во делот на водењето бизнис, формирање цена, затоа што, дефинитивно, жените кои влегуваат во занаетчискиот сектор, немаат дополнителни обуки во економскиот дел од водењето на бизнисот. Вакво нешто им е неопходно, за да можат успешно да продолжат со вршење на дејноста. Потребна им е и финансиска поткрепа, ваучерски да бидат помогнати од страна на државата. За обуки за преквалификација, доквалификација, за водењето бизнис, нагласи таа.
Притоа, посочи дека дел од жените кои се во рурални средини, сѐ уште се соочуваат со традиционални сфаќања, во однос на тоа дека жената треба да излезе од дома и да биде самостојна финансиски. Треба, додаде, да се разбијат тие бариери и жената да се осамостои, да може слободно да излезе на пазарот на трудот и да го работи тоа за што е спремна, да направи економска бенефиција за себе и семејството.
За среќа, рече, се зголемува бројот, голем број од жените се охрабруваат да отворат бизнис преку дел од програмите за самовработување преку Владата на државата, што ги спроведува Агенцијата за вработување секоја година.
– Се зголемува процентот на жени во тој дел, така да можеме слободно да кажеме дека процентуално се зголемуваат регистрирани бизниси во сопственост на жени, соопшти таа.
Атанасовска се осврна и на денешната меѓународна конференција на тема, поддршка на женското претприемништво во земјава и во занаетчиството воопшто.
– Ние сме организација што го поддржува занаетчиството, изминативе години се појави потреба од поддршка за развој на женското претприемништво. Голем број жени се охрабруваат да отворат занаетчиски бизниси во одредени занаетчиски услужни дејности, во производство храна, голем дел во креативни занаети. Затоа денеска ќе се зборува на тема проблеми со кои се соочуваат жените претприемачки, како и потребите за успешно водење на бизнис, информираше таа.
Гости на конференцијата се претставници на организации од државава, од Црна Гора, Албанија, Косово, Украина и од Србија. Конференцијата е поддржана во рамките на проектот „Поддршка за женско претприемништво за земјите од Западен Балкан и Украина“. Ќе се споделуваат искуства меѓу учесничките, ќе има и панел-дискусија, ќе се доделат и мајсторски дипломи за две квалификации, мајстор фризер и мајстор козметичар, со што се стекнува формално образование. Атанасовска соопшти дека деведесет проценти од мајсторите, се жени претприемачи, изразувајќи задоволство од спроведувањето на проектот.
Валентина Манева, работи 17 години како козметичарка од Кавадарци, има сопствен бизнис, а денеска добива мајсторска диплома.
– Тоа е една врвна титула што секој успешен козметичар занаетчија треба да ја поседува. Жените покажаа дека можат да бидат успешни во водењето бизнис. Мојата порака до жените е да се надоградуваат, да го пренесуваат знаењето на следните генерации, подвлече таа во изјава за МИА, заблагодарувајќи се на Занаетчиската комора.
На меѓународната конференција на тема „Предизвиците и потребите на жените претприемачки“ на која учествуваат жени претприемачки, ќе се разменат искуства во областа на занаетчиството, со споделувања на искуства за справување со кризите со кои се соочивме изминатиот период, здравствена, економска и воена криза.
На настанот ќе се доделат и плакети на три жени претприемачки во занаетчиството.
– Жените занаетчии секојдневно се судруваат со низа проблеми во своето функционирање, дефицит на кадар, подршка за водење на бизнис, економската, здравствената и воената криза дополнително ги оптеретува занаетчиите при вршењето на дејноста. На дводневната меѓународна конференција ќе се дискутира за проблемите со кои се соочуваат.