Мандатарот Христијан Мицкоски го достави предлогот за новиот владин состав во Собранието денеска. По разгледувањето во пратеничките групи се очекува предлогот да биде изгласан, проследен со расправа која може да трае не повеќе од три дена.
Во меѓувреме, во пресрет на формирањето Владата, на свечената церемонија посветена на 34-годишнината од формирањето на партијата, нејзиниот претседател Христијан Мицкоски порача дека нема да дозволи ВМРО да стане СДСМ како што било и е сега, а ниту ВЛЕН да стане ДУИ.
„За неколку дена Македонија ќе има нова Влада, предводена од ВМРО-ДПМНЕ. Во изминатиот период кога се договараше оваа влада, внимателно ги следев оние пораки од одредени политички центри од новата опозиција дека премногу им се дало на коалицијата ВРЕДИ, што е ноторна измислица. Замислeте, тие што коленичeа во Речица и кои што седум години беа измеќари на ДУИ нам кои што повративме најмалку ¾ од функциите што ги изгубија, ни велат дека сме дале премногу. Но, нека биде и така, сакам да кажам ниту даваме ниту земаме, затоа што Македонија е заедничка држава“, изјави Мицкоски.
„Развластие“ или природно преземање на тоа што им следи на Албанците
По усвојување на законот за реорганизација на владата (измени и дополнувања на Законот за организација и работа на органите на државната управа) донесен на 8 јуни, со што се создадоа услови за формирање на новата влада, следеа реакции од албанските политички сега опозициски фактори како во текот на расправата за овој закон, така и сега.
Кренар Лога, генералниот секретар на Алијансата за Албанците, која е и дел од Европскиот фронт, воедно и министер за правда, чија партија не гласаше за законот, постојано го критикува учеството на коалицијата ВЛЕН во владата на Мицкоски, велејќи дека го немаат легитимитетот на Албанците, а добиените министерства ги нарекува декор.
„Создавањето на Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини го прави Министерот за економија неважен и само декор, односно министер без ресор. Истото се очекува да се случи и со Министерството за труд и социјална политика, одземајќи ги надлежностите за предучилишното образование, односно градинките и префрлувајќи ги тие надлежности во Министерството за образование, што ќе направи уште едно министерство водено од Албанци безвредно“, велеше Лога пред гласањето на Законот за реорганизација на министерствата.
На иста линија беше и пратеникот на Европскиот фронт Блерим Беџети, за подоцна истиот закон и да го гласаат, a за возврат во договор со ВМРО-ДПМНЕ добија ад-хок комисија.
Одлуката на ДУИ и „Европскиот фронт“ Беџети ја образложи велејќи дека пренесувањето на надлежности од една на друга може да има логика за ефикасност.
„Предлогот на мандатарот Мицкоски е пренесување на надлежност од една во друга институција и може да има логика за ефикасност. Но, цениме дека еден ваков упад треба да биде сериозно разгледан, но ова ќе го оставиме на времето, дали ќе биде постигната таква ефикасност“, рече на собраниската говорница Беџети.
ЦИВИЛ Медиа побара став од ДУИ околу тоа дали Албанците добија премалку со коалицискиот договор, но и зошто го гласаа за Законот за реорганизација, но до објавување на овој текст не добивме одговор.
Муртезани: Понекогаш едно министерство или институција што работи ефикасно е подобро од 10 министерства
Портпаролот на партијата Алтернатива, воедно и кандидатот за министер за европски прашања од ова партија Орхан Муртезани вчера за ЦИВИЛ Медиа изјави дека коалицијата ВЛЕН во идната влада ќе раководи со важни ресори бидејќи, како што истакнува, понекогаш едно министерство или институција што работи ефикасно е подобро од 10 министерства.
„ВЛЕН во преговорите за распределба на ресорите се водел од нашите програмски принципи, затоа што тргнуваме од принципот дека понекогаш едно министерство или институција што работи ефикасно и е во служба на граѓаните е подобро од 10 министерства, чие раководство злоупотребуваше за лични интереси и политичка корупција, како што се случуваше досега. ВЛЕН ќе управува со исклучително важни институции испреговарани во исклучително сложено политичко опкружување“, рече Муртезани.
Зеќирија Ибрахими од коалицијата ВЛЕН, на прашање на ТВ21 дали проценуваат дека албанскиот блок добил доволно министри, рече дека процентуално Албанците во целата извршна власт се застапени со околу 27 до 30%. Според него, застапеноста на Албанците во извршната власт е зачувана и дека тие се на истите позиции што ги имаше претходната власт СДСМ-ДУИ-АА. Ибрахими исто така изјави дека треба да се земе предвид и фактот што сега ВМРО сама успеа да создаде мнозинство од 61 пратеници и без Албанците.
„Видете, ние би сакале да ја земеме целата влада, но во однос на тоа дали Албанците се застапени во оваа извршна власт, можам да ве уверам дека Албанците се доволно добро застапени, и секаде дури и таму каде што нема да имаме министер ќе имаме други позиции кај министерот, со кои ќе бидеме претставени и ние како Албанци“, изјави Ибрахими од ВЛЕН.
Што доби ВЛЕН
Коалицијата ВЛЕН која на последните парламентарни избори освои 107 илјади гласови или 14 пратеници, во Владата на мандатарот Христијан Мицкоски ќе раководи со 5 министерства и 7 заменици министри и неколку државни секретари, а исто така од ВЛЕН е и претседателот на Собранието, Африм Гаши.
Алтернатива која е дел од коалцијата ВЛЕН го предлага Орхан Муртезани, за министер за европски прашања. Движењето Беса го предлага Фатмир Лимани за министер за социјална политика, демографија и млади, а Бесар Дурмиши за министер за економија и труд. Арбен Таравари од Алијанса за Албанците е кандидат за министер за здравство, а Изет Меџити, претседателот на Демократското движење – вицепремиер и министер за животна средина.
Со новиот закон, бројот на министерства се зголемува од 16 на 20 бидејќи се воведуваат нови: Министерство за енергетика, рударство и минерални суровини; Министерство за спорт; Министерство за дигитална трансформација и Министерство за европски прашања – кое досега беше на ниво на секретаријат.
Назми Абдурахмани / Цивил Медиа