Инфо центарот за евроатлантски интеграции започна со организација на НАТО Караван низ неколку градови во државата, започнувајќи во Штип.
Целта на Караванот е да се понуди можност на граѓаните да се запознаат со процесот и важноста на евоинтеграциските процеси на РСМ и улогата на НАТО во одржување на мирот и стабилноста на Балканот.
Во Штип се одржа панел дискусија „Улогата на Република Северна Македонија во НАТО“ на која учествува Никола Димитров, Министер за надворешни работи на Република Северна Македонија и Рејчел Галовеј, Амбасадор на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска.
„Започнавме еден многу важен историски процес на спријателување и зближување, ама основата за да успее тој процес треба да биде разбирање на тој другиот. За нас многу е важен македонскиот идентитет, македонскиот народ, ние зборуваме македонски јазик. Тоа разбирање за заедничката историја мора да оди заедно со разбирањето за денешнината. Јас не мислам дека ова може да биде доведено во прашање или да биде услов за нашиот пат кон Европа, не смее да биде, не во 2019 година и не во Европската унија“, изјави минстерот Димитров на панел дискусијата во контекст на дополнителните барања на Бугарија.
Рејчел Галовеј, амбасадорката на Велика Британија истакна дека оваа година во Лондон ќе се одржи голем состанок на НАТО алијансата и очекува Република Северна Македонија да ја види таму како членка.
Инфо-центарот за евроатлантски интеграции е проект што го спроведува Граѓанската асоцијација МОСТ, со поддршка на Секторот за јавна дипломатија на НАТО, Министерството за надворешни работи на Кралството Холандија, Британска амбасада Скопје и Министерството за надворешни работи на РСМ.
С. М. Ж.