Шпанецот Карлос Алкараз ќе игра за титулата во сингл на тенискиот турнир на Олимписките игри во Париз.
Вториот носител немаше проблеми во полуфиналниот меч со Канаѓанецот Феликс Ожие-Алијасим и го победи со 6:1, 6:1 за само 76 минути. Алкараз забележа 12 винери за победа на натпреварот наспроти пет за Ожие-Алијасим, а исто така направи десет помалку неизнудени грешки.
Во финалето, Шпанецот ќе се сретне со победникот од второто полуфинале меѓу Србинот Новак Ѓоковиќ и Италијанецот Лоренцо Музети кое на програма е подоцна денеска. Доколку го добие следниот меч, Алкараз ќе направи „дабл“ ова лето на терените на Ролан Гарос, откако ја освои титулата на Отвореното првенство на Франција во јуни. После тоа, тој освои уште еден Гренд слем турнир – Вимблдон.
За Ожие-Алијасим останува утехата што ќе игра во мечот за третото место против поразениот од мечот Ѓоковиќ – Музети.