пишува: БИЉАНА ЈОРДАНОВСКА
„Не е сега времето за меѓусебни пресметки или добивање на ситни политички поени“, вели Христијан Мицкоски на денешната прес конференција.
И во право е. Но, за да не се игра на добивка на било какви политички поени, и тој и неговата партија треба да тргнат самите од себе. Самиот прес на Мицкоски беше „најавен“ со лаеж на кучиња во позадина, а тој лаежот несвесно го продолжи во целиот негов петнаесетминутен говор, сосе новинарските прашања. Паралелата е добро позната.
„Загриженоста“ на Мицкоски за здравјето на граѓаните, вклучително и за неговото, нема потреба од коментар. Колку тој се грижи за здравјето и колку сериозно ја сфаќа опасноста од коронавирусот, покажа на 11 март, кога тој и неговата партија одржаа конвенција за промоција на кандидатите за пратеници на претстојните избори.
Но, ситните политички поени… „Реалноста налага да предочиме дека имаме сериозен предизвик“, точно, барем што се однесува до здравјето на граѓаните кое нема цена. А, што се однесува до економската криза… Мицкоски е последниот што има што да каже за економијата.
Нормален човек и добар политичар најмаку што размислува е како во моментот ќе преживее бизнисот. Изгледа како тој да ја става економијата пред здравјето.
За среќа, нашето Министерство за здравство се покажа доволно силно и стабилно и покрај сѐ, да ја држи состојбата под контрола, според Светската здравствена организација, најдобро од сите во регионот. За разлика од СЗО, Мицкоски, неговата партија и медиумите под нивна контрола, континуирано шират лажни вести и бараат оставка од Министерот за здравство, Филипче. Можеби сметаат дека Никола Тодоров, попознат како Министерот за смрт, ќе се справеше со ситуацијата подобро…
Доколку Мицкоски е искрен, тој би ги поздравил напорите на Министерството за здравство, Владата и институциите. Не, наместо тоа, тој зад флоскулата дека „нема да зборува за политика и одговорност“, продолжува индиректно да се расфрла со закани дека ќе изнесе докази како сѐ било катастрофа. Само партијата на Мицкоски (читај Груевски) може да ја извлече земјата од кризата со коронавирусот. Истата партија што го закопаа македонското здравство, како што ги закопаа демократијата и економијата.
Мицкоски се лути што веќе никој не го слуша него и неговата партија, ниту ги сфаќа сериозно, независно што зборуваат, затоа што никогаш нивната „помош“ не е бесплатна, а искуство вели дека државата има уште една болест која бавно убива – вмровштина.
И кога Мицкоски вели дека неприфаќањето на нивните предлози значи дека самопромоцијата е важна, а не грижата за заштита на граѓаните, во изразот на лицето му се чита дека му е криво што не може да се самоиспромовира како „спасителот“.
Мора да е разочарувачки, кога ти бега последната шанса да се истакне дека без ВМРО-ДПМНЕ не се може.
„Мора брзо да се дејствува, и за мене како човек, но и за ВМРО-ДПМНЕ како партија воопшто не е важно од каде и кој ги предлага мерките, важно е да се делува за заштита на граѓаните и помош во економијата“, вели Мицкоски. Тогаш зошто не ги прифати веќе донесените мерки без да фрла дрвја и камења и по Владата и по Филипче, а со тоа и по граѓаните. И дали навистина верува дека некој треба и во вакви ситуации да ги слуша нив, при сиот успех на надлежните?
Мицкоски бара прогласување на кризна сосотјба во целата земја. Затоа што само тогаш ќе се презеле итни и неодложни мерки. Во старт ги анулира сите досега воспоставени механизми во борбата за санирање на ширењето на корона иврусот.
Да беше паметен, како што не е, барем ќе апелираше до граѓаните да бидат свесни и одговорни кон сопственото здравје, затоа што така ќе ги заштитат и другите и да ги следат и почитуваат веќе воспоставените мерки. А потоа нека ги каже и сопствените предлози.
Итно замрзнување на обврските на компаниите кон државата, чија што работа е погодена со настанатата ситуација со корона вирусот за месец март, итно замрзнување на обврските на компаниите кон банките и заемодаваталите за месец март, чија што работа е погодена со состојбата на корона вирусот, државата да ги плати трошоците за вработените во компаниите погодени од состојбата со корона вирусот во висина од 50-тина проценти се мерките што ги предлага Мицкоски.
Колку ваквите мерки всушност ќе ја доведат државата во економски колапс и уште побитно, колку на тој начин ќе се покријат загубите на бизнисите на ВМРО-ДПМНЕ? Или ако веќе смета дека компаниите страдаат, нека наведе листа од најпогодените, па да пресметаме колку од нив се нивни. Нели солидарноста и човечноста пред сѐ, а за алчност, ако нешто остане. Само во случајот на Мицкоски алчноста за моќ е посилна од грижата за граѓаните и државата.
Три пати кажа дека нема да тера кампања, а го искористи пресот за кампањски говор, користејќи ја опасноста од ширењето на коронавирусот за да ја нападне власта.
И наместо да ја редуцира паниката, тој ја засилува велејќи дека паниката е оправдана.
На сите „предлог-мерки“ од Мицкоски, фер ќе биде и нему да му се даде еден предлог: да седне и да ги исчита владините мерки, мерките на Министерството за здравство и други релевантни институции пред да излезе на прес и да каже дека тој мерки нема, туку само празни пароли. Уште подобар предлог за него би бил да #СедиДома, ако ништо друго, да се одмори државата од него барем до 22 март.