Следната недела започнува учебната година. Со новата власт и доаѓањето на новата министерка за образвоание, Весна Јаневска, дојдоа и нови најави за реформи во образованието и креирање нова национална стратегија за образование. Меѓу првите мерки беше и укинување на пролетниот распуст. На изненадување на јавноста, министерката соопшти дека од оваа учебна година ќе нема ниту учебници за странски јазик и на јазиците на заедниците. Таа најави дека тие ќе бидат онлајн.
Независно од критиките или поддршката за новитетите во образованието, родителите и учениците, барем во основно образование, се тие кои ја споделуваат и возбудата, но и проблемите и разочараноста. Иако секое доживување и искуство е индивидуално, а и секоја нова учебна година е нов предизвик, во изјавите на родителите со кои разговараше ЦивилМедиа, се слушна и ставот дека проблемите „не се од сега, туку се влечат со години наназад“.
Разочараност и неизвесност, тоа се чувствата кои преовладуваат кај еден родител на ученик во 9-то одделение со кој разговараше ЦивилМедиа.
„Оваа, последна година од основното образование, моето дете ќе ја започне во ново училиште, бидејќи претходното се реновира, што дополнително го зголемува стресот кој и онака е присутен, и кај учениците и кај нивните родители. Сето ова е надополнето со, во нашиот случај изгледа традиционално, менување на класниот раководител. Не знам дали ваков случај постои во некое друго училиште, но на моето дете досега, за четири години пет пати му се сменија класните раководители. А да не ги заборавам бесплатните учебници, кои се под секое човечко достоинство, и изгледаат како да се земени од некој отпад за стара хартија, која единствено може да послужи за потпала. Проблемот не е од сега, се провлекува години наназад, без разлика кој е на власт. Мислам дека нашите деца тоа не го заслужуваат“, вели родителот во разговор со ЦивилМедиа.
Проблемот со учебниците и нивната состојба ги загрижува сите родители. Иако учебниците се нудат како бесплатни од државата и МОН, се поставува прашањето дали некој води сметка за физичката состојба на учебниците. Искуството на друг родител со кој разговараше ЦивилМедиа, покажува дека тоа дополнително го оптоварува семејниот буџет.
„Учебниците се стари, користени и во лоша состојба, со решени задачи. Често ако е оштетен толку, така што на наш трошок купуваме нов. Има страници кои недостасуваат, а другиот работен материјал сами го купуваме. Финансискиот притисок врз родителите е голем пред почетокот на учебната година. Тука се и другите подготвителни трошоци за работен материјал од чанта, тетратки, потоа облека и обувки и трошоци за храна. Сето тоа е огромен издаток“, вели загрижениот родител за ЦивилМедиа.
Предизвиците децата да бидат соодветно опремени за училиште за една мајка со три деца е голем предизвик. Дополнително, стравот од новите бројки заболени од Ковид-19 ја враќаат во времето на онлајн наставата, за која вели нема финансии за три компјутери доколку тоа се случи.
„Оваа учебна година имаме нов предизвик, едно од трите деца ќе тргне во средно, и не знам како ќе се адаптира и како ќе биде прифатена од наставниците со оглед на тоа дека се запиша со потешкотии, односно ‘не се запиша во средното во Шутка’ како што ни беше ‘посочено’ од надлежните во училиштето кое нема да го спомнам од оправдани причини. Дополнителни предизвици ќе бидат обезбедувањето храна, обувки, облека, училишен прибор, бидејќи имам три деца. Се надевам дека нема повторно да имаме некоја корона, бидејќи немаме средства да набавиме три лаптопа или компјутери“, вели таа.
„Друг проблем е превозот до и од училиште. Да не зборувам за безбедноста во училиштето, автобусите, улиците“, додава мајката за ЦивилМедиа.
Но, ако учебниците се „чиста лотарија“, за една мајка, проблемот е уште поголем со хигиената во училиштата.
„Не знам од каде да почнам. Имам две деца во основно училиште, едното во четврто, другото во седмо одделение. Да ги спомнам учебниците? Чиста лотарија! Може еден учебник да биде и релативно нов, но има и толку распарталени учебници, што не може да се употребат. Каков мотив ќе има детево да учи, ако фалат страници, ако се измастени и искинати? За глупостите во учебниците и да не зборам! Башка што нема учебници за сите предмети. Онаа па, нека учат децата од серии! Па нека седат дома тогаш децата! Уште поголем проблем – хигиената во школото е катастрофа. Ние плаќаме за тоалетна хартија и што уште не. Ништо реално не прават за да го спречат булингот. Да набројувам уште? Мислам, стварно ми се превртува утробата мене, а камоли на децава пред да тргнат на школо. Се менуваат влади, ама школството останува или исто или само полошо“, вели нашата соговорничка, мајка на две деца која не сакаше да го открие својот идентитет.
„Мислам дека причините се разбирливи, немој да ме пишеш со име и презиме“, рече таа.
Сепак, ако за некои финансискиот товар не е посебно загрижувачко прашање, тогаш немањето услови за целодневна настава секако е голем проблем. Целодневната настава им го олеснува проблемот за згрижување на децата додека родителите се на работа, но таа услуга не е доволно достапна.
„Учебниците редовно ни се предаваат од наставниците за годината која претстои. Материјалите за вежби во училиштето се со коректна цена во книжарите, училиштето е блиску до местото на живеење, генерално не се соочуваме со потешкотии. Еден проблем би адресирал за оваа учебна година, а тоа е немањето целодневна настава за 4-то одделение“, изјави родител на четвртоодделенец.
Дури и кога учениците имаат среќа да добијат можност за целодневна настава, условите не се секогаш добри.
„Целодневната настава навистина помага на нас родителите, но таму децата само престојуваат и чекаат да помине време. Нема доволно простор, многу ученици се и наставничките не можат да им помогнат во решавање домашно или дополнително да ги едуцираат“, изјави еден од родителите со кои разговараше ЦивилМедиа.
Овие состојби, како што рекоа повеќето родители, соговорници на ЦивилМедиа, се хронични и ги погодуваат сите, а најмногу децата. Досега, сè останува само на празни ветувања за „стратегии“ и „реформи“, но стандардите остануваат исклучителни ниски.
Биљана Јордановска во соработка со тимот на ЦивилМедиа
Преземено: Цивил Медиа