Видео, споделено на социјалните мрежи, изгледа го прикажува моментот кога пејџер експлодира во супермаркет во Либан во вторник попладне, објави Би-Би-Си.
На снимката се гледа мала експлозија која повредува едно лице кое паѓа на подот.
Иранскиот министер за надворешни работи Абас Арагчи ги осуди експлозиите на стотици пејџери во Либан, при што загинаа најмалку 11 лица, опишувајќи ги како „терористички акт“ за кој, според него, е виновен Израел, пренесува ДПА.
Пејџерите, кои се претходници на мобилните телефони, се користат од „Хезболах“ затоа што не можат да бидат искористени за лоцирање, што го отежнува нивното следење, посочува ДПА.
Пејџерите што биле користени во вчерашните напади во Либан ги произвела компанија со седиште во Будимпешта, која имала овластување да ја користи трговската марка на тајванската компанија Голд Аполо.
Пејџерите ги произвела BAC Consulting KFT, со седиште во главниот град на Унгарија, соопшти денеска Голд Аполо, која истакна дека за производството исклучиво е одговорна BAC.
Експертите сметаат дека експлозивниот материјал бил ставен во пејџерите пред нивната испорака и употреба. Претседателот на Голд Аполо, Хсу Чинг-куанг, изјави дека компанијата имала договор за овластување со BAC во последните три години.
Според последните податоци, во вчерашните експлозии бројот на загинати достигна 11, а повредени се 4000 луѓе.
Ј. Ѓ.