Пишува: ЉУБОМИР КОСТОВСКИ
Наместо замрзнување на цените, продуктите што ќе се најдат во „есенската кошничка“ ќе бидат со ограничени маржи од бруто 10 проценти, објасни минатата недела министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши. Леб, пекарски производи, млечни продукти, овошје и зеленчук, се артиклите кои треба да се најдат во есенската кошничка.
„Оваа мерка ќе биде краткорочна и во сила еден месец. Праксата на нејзиното донесување ќе продолжи за новогодишните и сите следни празници“, рече Дурмиши. Според најавите, оваа мерка ќе се донесе неделава, на првата владина седница. Таа треба да е во вторник, но итрите трговци веќе претходно си ги поткачија цените на многу основни производи, како што е киселото млеко (претходно и со смалена амбалажа за 100 грама!).
Тука е и зголемувањето на цените на оние производи (како што е легендарната кока-кола, омилена кај некои новинари) што нема да имаат ограничување, но се добри да се намали загубата кај трговците од последиците на оваа „сакам – не сакам“ позиција на владата во однос на „спасување“ на стандардот. Истиот имено е вообичаено најранлив во овие есенски месеци. За тоа говорат редиците пред оние фирми кои даваат брзи, кеш кредити.
Тоа како процес секако нема да го видите на македонските телевизии, кои се насочени да го фарбаат резултатот од првите месеци на власта на Мицковски. Добро е што постојат и други телевизии кои се надвор од дофатот на палатата Татарчев, па ја гледаме сликата на другите околни земји: и таму единствен спас за домашниот буџет се тие зеленашки позајмици од кои боли глава.
Теми од кои боли глава
И Мицковски последните недели го болеше глава ако требаше да одговара на прашања на новинарите на оваа тема. Самите прашања не смеат да се пуштат во вестите од режијата која ги прави вестите, ама според одговорите може да подразбереме дека тоа е тема на која премиерот се подлизнува. Имено, ако тој е на гости кај коморџиите, тој се залага за слободни цени. Нели сме држава од либерален тип, а тоа со слободните цени се подразбира. И таман на трговците ќе им се испушти долга воздишка, ете го премиерот каде на друга страна ветува некаков спас на стандардот на големото мнозинство на граѓаните кои речиси плебисцитарно гласаа за она „името не го даваме“, но сега не се согласуваат на сметка на тој лозунг да го дадат и последниот денар. Особено оној кој им недостасува во буџетот.
Посебно беше интересно премиеровото појавување на работниот појадок со членовите на Македонско-германската стопанска комора каде што членови се и оние кои продаваат стоки. Тој појасни дека не е љубител на контролирани цени, сѐ нека си регулира пазарот. Трговците од тие мисли добија апетит кога се работи за појадокот, макар и работен. Но затоа на оние другите кои ги купуваат тие стоки им предизвика една голема воздишка – џабе сите свеќи и молитви, особено на синдикалците!
Потоа, надвор од просторијата за состанок и појадок, пред новинарите Мицковски изјави нешто во смисла дека сфаќа колку на народот му е тешко и дека се бараат решенија, па на крајот неговите министри се одлучија за некакво компромисно решение – ќе се замрзнат маржите за одреден број производи, но не и цените. За почеток, само на 30 дена!
Внимавај така да останам високо профитабилен
Како јас го сфаќам тоа? Па така што, ако некој производ има цена од 100 денари, трговецот си зема 10 денари на име на маржа. Ама ако цената скокне на 150 денари тој со истата замрзната маржа ќе инкасира 15 денари! Тоа е ефектот на замрзнатата маржа. Таа мерка може да биде гума за спасување за стандардот само од постојаните препродавања од трговец на трговец, што го има во практиката. Ама и тука има владина отстапница – мерката ќе се преиспитува на 30 дена… Ако трговците притиснат посилно, тие имаат сила да ги сменат работите. Како во романот „Внимавај така да останам невина“ на Звонимир Мајдак, кого го читале постарите генерации, само применет на пазарните односи и високи профити во една гранка.
Колку за синдикатите се виде – тие веќе ја изгубија борбата за нормален сооднос меѓу платите и цените. Ете, последната статистика покажа пад на просечната плата за цели 1.000 денари, особено откако премиерот кажа дека за таа работа нема да се грижи – скокот од 87 отсто на платите на функционерите, што неговите пропагандисти пред изборите на теренот највеќе го користеа во озборување на власта, сега не го споменува како можност за корекција. Напротив, со новите министерства и заменици, помошници на постојните административци го зголемува трошокот наречен – држава. Затоа, за социјалниот мир и колективните договори владината коалиција воопшто и не се грижи! Нели наставнику по ОТО, Јаким Неделков, од мнозинскиот синдикат на просветните работници? Како што илустративно објаснува – не се договорил ништо со Владата која му даде „шут-карта“ за зголемување на платите во образованието, а тој сепак реши да си молчи и да го нема во јавноста и пред членството.
Засега, за Владата тоа е повеќе од доволно.
Во основа, високите цени си остануваат
За опозициската СДСМ ова е промашена мерка, која според нив нема да даде никаков ефект. „Намалувањето на маржите само на околу 100 производи не е никакво конкретно решение, ниту ќе има сериозен ефект на намалувањето на цените. После мачкањето очи на граѓаните со намалувањето на цените за фломастерите и моливите откако започна учебната година, ова е нова манипулација без никаков ефект кое има за цел само кратко да го смири гневот на јавноста“, велат од СДСМ.
Да не излезе дека постојано ги критикувам нашите телевизии, мора да речам дека тие барем во однос на анкетите за покачувањето на цените и нивните оценки на тој „дисбаланс“ меѓу буџетот на купувачите и профитот на трговците даваат некаков поинаков визуелен впечаток.
Најпрвин бев убеден, рака на срце, дека се работи за вообичаено создавање атмосфера пред власта да се одлучи сепак на некакво повампирување на својот рејтинг во форма на – дефинитивно – чување на основната потрошувачка кошница „од уроци“. Потоа, кога тоа не се случи си помислив дека некој кој дава директиви не си ја повлекол првобитната наредба или дека истата преспала во нечија фиока (верувам дека и тие штабови се, сепак, некаква бројна партиска или парапартиска администрација). Но не. Тоа сепак некаде би се чуло. Да веруваме ли дека и уредниците се луѓе кои мора и самите да набават или направат зимница?
Па во еден неодамнешен текст, објавен на ЦивилМедиа, видовме дека речиси сите телевизии се во загуба (освен една), па малку е веројатно дека газдите ќе бидат сочувствителни со есенските тажалки кои доаѓаат од домашните кујни на новинарите (си имаат тие кујни кон кои треба да покажат респект). Јасно, постои еден „среднорочен план“ – анкетите да ги врзат, се разбира, вештачки со донесување на овие килави мерки со маржите што ќе добијат третман на „соодветен број“, кој одговара на потребите на конфекционирањето на стандардот.
А платите одат надолу
Но не е сѐ само во политиката на цените, кога говориме за заштита на стандардот – видливо е дека паѓа и просечната плата, што ВМРО и нивните компањони го премолчуваат или кажуваат некои бројки кои важеле до неодамна и не се резултат на нивната економска политика.
Така, после седум години постојан раст на просечната плата, во јули годинава има пад, според официјалните податоци од Државниот завод за статистика. Просечната месечна исплатена нето-плата по вработен, во јули годинава изнесувала 40.961 денар и е за 1.000 денари пониска од јуни, кога изнесуваше 41.939 според податоците од Државниот завод за статистика.
Во 2015 година, во времето на ВМРО-ДПМНЕ просечната плата изнесуваше 20.853 денари. Платата постојано растеше со СДСМ со години наназад, во 2020 година просечната плата беше 28.294 денари, во 2022 година беше 34.364 денари а во 2024 година достигна над 41.000 денари.
Трговијата стана „месен бизнис“
Според порталот „Бизнис лидер“ трговските куќи добро се омрсуваат. Затоа се намножуваат како печурки после дожд! Така, порталот во насловот на анализата констатира – во касите на најголемите маркети граѓаните лани оставиле над една милијарда денари. Но, македонската широка потрошувачка годинава се очекува да порасне за 260 милиони евра; во анализата се вели дека до 2025 година да порасне во обем со проценета вредност од 2,5 милијарди евра, а според последните податоци изнесува 1,9 милијарди евра до крајот на 2023 година. Впрочем, најголемиот дел од месечните примања граѓаните го трошат за секојдневна потрошувачка во маркетите. Има објаснувања и дека дури нашите потрошувачи се по малку и разгалени.
Граѓаните очекуваат од маркетите да добиваат квалитетни и безбедни производи, висококвалитетна услуга, разновидна и богата понуда, услужлив и пријателски расположен персонал. Потрошувачите стекнуваат и навики како да пазарат. Некои од нив ги следат акциите во маркетите, додека други, едноставно, се привикнуваат на одредени маркети и вообичаено пазарат таму.
Ова го користат трговските могули кои ова го прават на сметка на своите вработени. Да се сетиме само на нивниот отпор за затворање на трговијата барем во неделите?! Затоа на компаниите не им е тешко да градат цврсти врски со потрошувачите и создаваат вредности за себе.
Во десетте бизнис-лидери на маркети, тврди овој портал, каде што најмногу се пазарува, граѓаните лани оставиле над една милијарда евра, како што споменавме, а направена е добивка од речиси 38 милиони евра. Бизнис-лидер констатира дека број еден по приходите неколку години по ред е ланецот на КАМ маркети. Граѓаните таму лани оставиле 268,8 милиони евра. Како втор позициониран маркет според приходи го следи Кипер со 175,2 милиони евра. Стокомак, со промет од 138,5 милиони евра, е на трето место, како и во 2022 година, но тогаш со помал приход – 119,8 милиони евра. Веро во 2023 година го надминал Тинекс со реализиран приход од 102,6 милиони евра, во споредба со 2022 година, кога имаше остварен промет од 90,4 милиони евра и бил рангиран зад Тинекс. Кит-го веќе се етаблирал како синџир што прави добри приходи. Ланскиот вкупен приход му бил 86,9 милиони евра, а во 2022 година остварил промет од 78,1 милион евра.
Во првата десетка рангирани по приходи се пласирал и маркетот Монтенегро, за кого барем јас не сум чул. Оваа компанија лани остварила приход од 22,8 милиони евра.
Рангирање по приходот и по растот
Но не е се само во приходот. Рекордер по добивка неколку години по ред е Веропулос, со остварена заработка за 2023 година од 10,3 милиони евра, со раст од 12,79 отсто во споредба со 2022 година. Интересно е да се забележи дека според приходите, Веро е на четврто место, а според добивка е лидер со години. Јас мислам дека тоа се должи на фактот што тој прв донесе кај нас некои нови навики во понудата, но пред сѐ затоа што не ги затвори маркетите во неделите, за што му е благодарна онаа средна класа која опстана. Онака рудиментирана, таа посакува да си биде комотна и да ја растегнува неделата дури и на сметка на својот испразнет џеб. Да се живи минусите на картичката…
Под него е Кам маркет со заработувачка од 7,3 милиони евра, што е прилично повисока од заработувачката во 2022 година, кога таа изнесувала 4,9 милиони евра. Во првата тројка бизнис-лидери со највисока добивка спаѓа и Кипер, со нето заработка од 5,5 милиони евра.
Најголем раст во листата на добивки има остварено Тинекс, дури 208 отсто повеќе од 2022 година. Во 2023 година заработил 1,4 милиони евра.
Светскиот тренд на изумирање на локални продавници, со засилено темпо и без исклучок е случај и во Македонија, и тој сѐ повеќе се засилува со отворање повеќе трговски центри, а од друга страна и маркетите го следат овој тренд и отвораат поголеми и поопремени продавници коишто можат да ги задоволат барањата од потрошувачите.
Тешко дека владата на Мицковски ќе одолее на оваа офанзива на газдите од оваа гранка. Нивната офанзива која нема одраз врз бројот на вработените и висината на платите како можен репер, секако е најмал повод за владина анализа. Во најава е и доаѓањето на ланецот на наводно поевтини маркети од типот на Лидл (впрочем, македонските потрошувачи ова отсуство на тој ланец го надоместуваат со шопинзи во Врање или во Лерин).
Така, да се вратиме на почетокот – и ова мртвороденче од мерката со маржите веќе од страна на оние кои молчат, а се влијателни, веќе се наоѓа на некаков потенцијален отстрел. Мицковски нека ѕирне во поштенското сандаче да не стигнало некое ново писмо.