Директорите на ФЗО до вработените праќаат партиски флаери со кои ја фалат владаДвајцата директори на Фондот за здравствено осигурување, Сашо Клековски и Бранко Аџигогов, на своите вработени утрово им испратиле циркуларна пошта проследена со порака за тоа што направила владата во првите 100 дена од нејзиниот мандат, објави „Независен“.
Клековски и Аџигогов напишале до вработените: „Благодарност до раководството и вработените кои го прават тоа возможно. Поттик да за 1 година влада постигнеме уште повеќе. За нашите осигуреници, за граѓаните, за Македонија“.
А подолу во пораката објавен е и партиски флаер со најголемите постигнувања на Владата.
Дел од вработените можеби се израдувале што од директорите добиле ваква порака, но на најголем дел од нив не им било пријатно да добиваат пропагандни меилови од своите директори, особено затоа што во пораката се наведени проекти кои немаат поврзаност со работата на Фондот.
Клековски пред да стане директор на ФЗО долги години раководеше со голема граѓанска организација која мал милион пати организираше кампањи, обуки и истражувања околу партизирањето на институциите, но денес и самиот тој прави одредена партиско владина пропаганда внатре во државни институции.