Планинарскиот клуб Х20 од Скопје заедно со повеќе клубови од државата во сабота 19 октомври ги повикува жените да се приклучат на женска планинарска акција и искачување на Титов врв на Шар Планина, а по повод месецот за борба против ракот на дојката.
Ова е втора ваква акција на клубот која е предвидена само за жени. Секоја година, месец октомври се одбележува со настани за подигање на свесноста за ракот на дојка, па со таа цел жените планинарски водичи, во нивниот домен, се одлучиле да учествуваат во оваа кампања.
-Секоја на свој начин се бори во животот со предизвиците кои и се на патот, нашиот начин се планините и преку оваа наша акција Ви порачуваме дека не сте сами во борбата и заедно сме посилни! Ве покануваме да дојдете заеднички да искачиме уште еден врв и совладаме уште еден предизвик, да ја подигнеме заедно свеста за превенција и навремено откривање на опасностите од оваа закана. Денот за подигање на свеста за ракот на дојката се одбележува на 15 октомври. Значењето да се биде едуциран за оваа болест не е за потценување, бидејќи статистиките покажуваат, ако ракот на дојка се открие во рана фаза, во 9 од 10 случаи може да се излечи, па оттука и важноста на раниот скрининг, на редовните контроли и свесноста за себе и своето здравје, се вели во повикот за акцијата.
Стартна точка ќе биде хотел Конак на Попова Шапка на 1700 метри, па ќе се оди по летната Вакуфска патека се до највисокиот врв на Шар Планина, Титов Врв (2747 мнв). Се очекува од 10 до 12 часа вкупно да трае искачувањето и враќањето. Задолжителни се планинарски чевли и стапчиња, соодветна облека со капа, ракавици, јакна, долги панталони. Секоја учесничка треба да понесе храна и 2 литра вода во свој ранец.
Пријавување е задолжително, најдоцна до 17.10.2024 год, 12:00 часот кај планинарските водичи и лица за контакти и пријавување.