Израелската армија рано утринава изведе два воздушни напади во шиитски кварт на југот на Бејрут, само неколку минути откако издаде наредба за евакуација на секторот, може да се види од слики кои ги пренесе АФПТВ.
„Вие сте блиску до инсталации и интереси поврзани со Хезболах, против кои наскоро ќе дејствува израелската армија“, предупреди претходно израелската армија во соопштението.
Портпаролот на ИДФ на арапски јазик, Авичај Адрае, во 6.09 часот преку мрежата Х ги предупреди цивилите во областа Дахија – за која се верува дека е упориште на Хезболах – дека воздушните сили ќе гаѓаат зграда.
Првиот напад беше изведен околу еден час откако Израел го испрати предупредувањето, бидејќи британските медиуми наведуваат дека сведоци ја слушнале првата силна експлозија околу 6:54 часот, иако не можат да го потврдат точното време.
ИДФ соопшти дека целта била објект за оружје.
„Хезболах го складираше ова оружје во подземен магацин во областа Дахија, клучното терористичко упориште на Хезболах во Бејрут“, се наведува во соопштението.
Потоа следуваше уште еден напад, што, исто така, го погоди квартот, пренесе известувачот на АФПТВ.
Израелската армија редовно го бомбардира Либан како дел од офанзивата насочена кон неутрализирање на проиранското движење Хезболах, кое возвраќа со ракетни напади на израелска територија.