Заедничката понуда на компаниите „IKARUS Electric Zrt“ и „EVN“ понуди најниска цена на електронската аукција за набавка на 150 електрични автобуси и 75 станици за полнење, соопштија денеска од Министерството за транспорт.
Како што информираат од ресорното министерство, на јавниот повик пристигнале вкупно четири понуди од реномирани компании, меѓу кои и „Xiamen Golden Dragon Bus“, „YES-EU DENMARK A/S YUTONG“, „BMC Otomotiv“ и конзорциумот „IKARUS Electric“ со „EVN“. По спроведената евалуација на документацијата, Комисијата за јавни набавки утврдила дека согласно критериумите, условите за учество на електронската аукција ги исполниле два економски оператори.
Ценовни детали и динамика на испорака
Од Министерството за транспорт соопштуваат дека на одржаното јавно надавање најниска цена доставила заедничката понуда на „IKARUS Electric Zrt“ и „EVN“, во вкупен износ од 3.120.956.004 денари без ДДВ.
„Според одржаната електронска аукција, најниска цена достави компанијата ‘IKARUS Electric Zrt’ во заедничката понуда со ‘EVN’ и тоа 19.796.924 денари без ДДВ по единица автобус и 2.018.899 денари без ДДВ по единица станица за полнење. Комисијата надлежна за спроведување на јавната набавка предложи избор за најповолен понудувач, по што утврден е законски рок за жалба од десет дена“, соопштуваат од Министерството за транспорт.
По евентуалното склучување на договорот, избраниот оператор ќе има обврска да ги испорача возилата етапено. Првите 30 електрични автобуси и 15 полначи треба да пристигнат во рок од шест месеци, следните 60 автобуси и 30 полначи во рок од една година, додека преостанатите 60 автобуси и 30 станици за полнење треба да бидат испорачани најдоцна во рок од 18 месеци од потпишувањето на договорот.






