Полицијата во Тирана до Специјалното обвинителство за борба против корупција и организиран криминал, СПАК, поднесе кривични пријави против 7 пратеници од опозицијата, кои вчера предизвикаа хаос и насилство внатре и надвор од Собранието.
По извршените истражни дејствија, материјалите ги доставивме до СПАК. За пратеничката Елда Хоти (32) за сторено кривично дело „Заплашување“ и „Повреда на правилата за отровни материи“, за пратениците Фламур Нока (53), Бледион Налбати (38), Газмент Барди (39), Дашнор Сула (55), Луан Бачи (61) година и Саимир Кореши (43) за сторено кривично дело „Спротивставување на полициски службеници“, соопшти полицијата.
Вчера во собраниската сала на пленарна седница, пратеничката Елда Хоти фрли пиротехнички средства и шише со течност, но обезбедувањето успеа навреме да ја неутрализира состојбата. Веднаш потоа претседателката на парламентот Елиса Спиропали ја исклучи од седницата Хоти и уште двајца нејзини сопартијци. А поради мирисот на бензин во салата, Спропали, даде подолга пауза.
Останатите осомничени пратеници истурале бензин и насилно се спротивставиле на полицајците и гардистите пред собраниската зграда.
Реагираше, Газмент Барди, координатор на пратеничката група на демократите, наведувајќи дека „опозицијата не е обвинета дека за само една година украла 180 милиони од државниот буџет“ индиректно обвинувајќи ја власта.
-Опозициските пратеници не се обвинети дека за само една година украле 180 милиони од државниот буџет од незаконската купопродажба на енергија. За ова е формирано Специјалното обвинителство, да се бори против корупцијата и кражбите од државниот буџет, изјави Барди.
Според него, деградацијата на сите нивоа на МВР, е очекувана затоа што „полиција која не може да се бори против организираниот криминал се занимава со пратениците од опозицијата“.