„Гоу Грин“- Скопје, на 29.10.2024, вторник, од 13 до 15 часот во Младински центар Матично, Скопје (спроти Градски Парк), организира Конференција за потребата од донесување на Правилник за велосипедска инфраструктура.
– Сведоци сме како изминатите години секој пат кога се изведуваат улици дека или недостасува велосипедска инфраструктура или истата се изведува без посебни стандарди. Рабниците се високи и по нив не можат да се движат велосипеди, инвалидски или бебешки колички. Некаде патеките се пошироки, некаде од бехатонки, некаде од нерамен асфалт, реагираат од Здружението за одржлив развој и заштита на животната средина „Гоу Грин“- Скопје.
Ако сакаме да може секој да вози велосипед секаде, велат од Здружението, потребно е да има еден унифициран пристап во проектирањето на велосипедската инфраструктура.
Гоу Грин, бара од Министерството за Транспорт, предлог Правилникот за велосипедска инфраструктура да го прифати и донесе на национално ниво.
„Со таа цел Гоу Грин, во склоп на Националната вело-мрежа, спреми предлог Правилник за велосипедска инфраструктура кој бара од Министерството за Транспорт да го прифати и донесе на национално ниво. Ако се донесе овој правилник секоја наредна сообраќајна инфраструктура низ Македонија ќе мора да има велосипедско решение. Независно дали е булевар, маалска уличка, обичен паркинг или велопат кој поврзува градови. Македонија е меѓу последните 3 земји на Балканот кои немаат ваков Правилник и оставено е на секој планер самостојно да смислува решение. Да не дозволиме секоја улица да е „приказна за себе“ и наместо тоа да покажеме дека се грижиме за одржливиот транспорт преку планирање на просторот и изведување на квалитетна велосипеска мрежа. Бараме од Министерството за Транспорт што побрзо да донесе ваков правилник.
А ги покануваме сите заинтересирани (стручни и нестручни лица) на конференцијата каде ќе го презентираме“, соопштуваат од Здружението за одржлив развој и заштита на животната средина „Гоу Грин“- Скопје.