Опозициската СДСМ вчера порача дека е подготвена да оди на предвремени парламентарни избори, а предвремени избори посакува и ДУИ заедно со локалните во октомври следната година. Прашањето за предвремени парламентарни избори се отвори на првата собраниска седница посветена на пратенички прашања кога како одговор на лидерот на опозициската СДСМ, премиерот Христијан Мицкоски најави можност за такво нешто. Од коалицијата „Вреди“ која е дел од владината коалиција, пак, сметаат дека предвремени избори би биле трошок за државата и губење време, бидејќи Владата има стабилно мнозинство, а избори, според нив, ќе има на време, штом им заврши мандатот.
Претседателот на СДСМ Венко Филипче вчера на прес-конференција изјави дека се подготвени да одат на избори и оти во секој следен циклус на избори ќе настапуваат многу организирано и поуспешно.
Според Филипче, тоа што има најава за предвремени парламентарни избори само неколку месеци по формирањето на Владата, е доказ дека на Владата не и оди најдобро.
– Нашата теренска анкета укажува дека 65 проценти од граѓаните не се задоволни од работата на Владата. Тоа значи дека двајца од тројца граѓани не се задоволни од економските политики, од падот на животниот, од нашиот европски пат. Исто така, тоа е и порака дека Влен и ЗНАМ очигледно имаат маргинализирана улога и практично преполовена поддршка, рече Филипче.
Конгресот на СДСМ е закажан за втората половина на овој месец, а на него треба да се избере новиот централен одбор, од кој ќе произлезе новиот извршен одбор и идното партиско раководство.
Првиот вицепремиер и министер за животна средина Изет Меџити, кој е дел од коалицијата Вреди, вчера во изјава за медиумите дека нема логика да се организираат предвремени парламентарни избори кога има стабилна Влада, мнозинство од 78 пратеници, кое, како што вели, наскоро ќе надмине и 80 пратеници.
– Од 90-тите досега немало постабилна влада и немало поголемо мнозинство од ова – 78 и тоа расте и сигурно за кратко време ќе надмине и 80 што е две третини од Собрание. Тоа е доволен коментар. За државата и за граѓаните кога имаш мнозинство од 80 пратеници непотребно е да се размислува за предвремени избори, бидејќи тоа е само трошок за државата и губење време, рече Меџити во одговор на новинарско прашање при посетата на депонијата Дрисла во Скопје.
Според него, организирањето предвремени избори не е добро, бидејќи најмалку шест месеци пред и после изборите запираат сите јавни набавки, вработувањата и изборните циклуси влијаат на економијата и на бизнисот.
На сличен став е и министерот за европски прашања Орхан Миуртезани, кој не гледа причина за нови предвремени избори заедно со локалните при стабилна влада.Според него, тоа се несериозни изјави од страна на ДУИ за дневна политика.
– Не гледаме никаква причина за избори имајќи предвид дека Владата има скоро двотретинско мнозинство. Прво, нема ниту еден потрес Владата, ниту една криза за да идните локални избори се одржат заедно со парламентарните, рече Муртезани за телевизија Телма.
Од Движењето ЗНАМ, кое исто така е дел од владината коалиција велат дека доколку мнозинството одлучи дека треба да има избори, тогаш тие се подготвени.
– Во политиката, доколку се случат предвремени парламентарни избори, заедно со локалните избори, повеќе од сигурен сум дека и ова што во моментот го имаат од СДСМ, како број на пратеници во Парламентот, ќе се намали драстично, што е добро за државата, бидејќи тоа е една пратеничка група која што всушност цело време со своите кандидатури бркаше самоамнестија и спас за самите себе си, не водејќи сметка за партијата, изјави претседателот на ЗНАМ Максим Димитриевски за телевизија Алфа.
Лидерот на ДУИ Али Ахмети во петокот од Боговиње ја прифати идејата за предвремени парламентарни избори, а вчера од Куманово најави дека доколку загуби на изборите ќе се повлече од политиката.
Ова изјава на Ахмети доаѓа неколку дена откако коалицијата „Влен“ му порача дека ако тој навистина сака предвремени парламентарни избори, да депонира писмена гаранција дека кога ќе загуби, ќе си замине од политиката.
И од Алијанса на Албанците на Зијадин Села излегоа со став дека на земјата и се потребни предвремени избори.
– Со жалење ги следиме позициите на нелегитимната коалиција ВЛЕН кои се плашат од изборите дури и додека се дел од Владата и за апсурд се единствената политичка групација на која ситуацијата им изгледа нормална, додека сите други субјекти ја искажат потребата за предвремена избори заедно со локални избори, велат од Алијанса за Албанците.
Мицкоски како Груевски, сака избори – наместо решение за европската перспектива на државата!
– Кога станува збор за ВМРО ДПМНЕ, секогаш е можно. Бидејќи дел од нивните градоначалници немаат ништо сработено, за жал, полесно е за нив да имаат генерална реторика, квази патриотска, отколку да се дебатира за реалните потреби на граѓаните, вели за „Фронтлајн“, Јани Макрадули поранешен пратеник.
Според Макрадули тоа претставува бегање од одговорност на ВМРО ДПМНЕ и обид да се забошоти, последната изборна измама. Затоа, не би ме изненадило ако тоа и се случи, нагласи тој.
Џелал Хоџиќ – претседател на Странка на Демократска акција на Македонија (СДА) – во изјава за „Фронтлајн“ вели дека постојаното распишување на предвремени парламентарни избори го кочи развојот на државата.
– Калкулациите за нови парламентарни избори, во моментот кога владата има речиси 2/3 мнозинство, како и опозиција која се води од политики за остварување на стратешките цели на државата (со исклучок на популистичката Левица), ќе го одложи носењето на тешките и непопуларни одлуки кои Владата мора да ги усвои на патот кон ЕУ. Дали ќе има парламентарни избори со локалните, ќе зависи од Премиерот дали ќе се одлучи да носи одлуки или ќе бега од одлуките со редовно распишување на вонредни парламентарни избори, како што тоа го правеше Груевски во 2008, 2011, 2014 и 2016-та година, вели Хоџиќ за „Фронтлајн“.
Ако ги следиме скандалите, додава тој, кои се случуваат секој ден, ако го анализираме несигурното однесување и паничните одговори на Премиерот на последните пратенички прашања од опозицијата, ако ги анализираме различните тонови по однос на Уставните измени и внесувањето на Бугарите во Уставот, помеѓу ДПМНЕ и ЗНАМ од една страна и дел од ВЛЕН од друга страна, јасно е дека власта во моментов нема концепт како ќе оди понатаму.
– Тоа во моментов е индикатор дека не се на јасно дали ќе се одлучат да носат тешки одлуки или ќе одат на предвремени парламентарни избори со локалните, додава Хоџиќ.
Петрит Сарачини од Институтот за медиуми и аналитика (ИМА) во изјава за „Фронтлајн“ вели дека тешко е да се предвиди дали идната година ќе имаме предвремени парламентарни избори заедно со локалните избори, или се работи само за реторика на препукување меѓу лидерите на политичките партии која служи за одржување на мобилизацијата на партиските симпатизери и поддржувачи.
– Оваа тема ја отвори премиерот Мицкоски за време на собраниската седница за пратенички прашања во четвртокот, а потоа и лидерот на опозициската ДУИ, Али Ахмети изјави дека Мицкоски е на тест дали е човек кој стои на зборот или тоа го кажал само за да ја исплаши македонската опозиција. Дали ќе има парламентарни избори со локалните, во голема мера ќе зависи од тоа дали владејачките партии ќе успеат да ја одржат стабилноста на нивната коалиција. Во изминатите неколку месеци видовме дека меѓу нив имаше и јавни несогласувања за неколку прашања кои беа прилично доминантни во јавноста, како на пример прашањето на „балансерот“, Академијата на Албанците, законот за јазиците, па и уставните измени, анализира Сарачини.
Според него, останува впечатокот дека овие несогласувања меѓу владејачките партии се привремено стишани, но не и надминати.
– Доколку овие несогласувања продолжат и се засилат, се отвора и можноста за двојни избори идната година, подвлече Сарачини.
Последните парламентарни избори се одржаа во мај по што новата Влада ја формираа ВМРО-ДПМНЕ, коалицијата Вреди и Движењето ЗНАМ, а СДСМ и ДУИ заминаа во опозиција.
Прочитајте и…
Мицкоски како Груевски, сака избори – наместо решение за европската перспектива на државата!