– Односот на претстојната администрација на Трамп кон Северна Македонија ќе биде во рамките на односите на САД со своите сојузници и партнери во НАТО и ЕУ, како и во неговиот прв мандат. Подготвеноста за соработка изразена од сите лидери во Европската Унија и на континентот, како и подготовките на Брисел за очекуваната транзиција, оттука, не се изненадување, вели Ивон Величковски – лидер на Движењето за нова република, поранешен пратеник и лидер на Либералната партија, зборувајќи за победата на Доналд Трамп на претседателските избори во САД и неговиот пристап кон глобалната политика.
– Во однос на регионот, ако се следат искуствата од првиот мандат на претседателот Доналд Трамп, за очекување е неговата администрација да држи повеќе поглед на регионот во целост и низ таа призма да ги третира односите со одделните држави во Западниот Балкан. Во таа смисла предизвикот за нас е дали Владата ќе продолжи го држи Скопје во подреденост кон Белград и Будимпешта, останувајќи зависно од нивните релации со Вашингтон или ќе изгради и директна комуникација со центрите на одлучување преку Атлантикот. Покрај декларираните политики во кампањата, односот и приоритетите на администрацијата на претседателот Трамп како кон Европа, така и кон регионот секако ќе зависи и од кадровските решенија во самата администрација, а односот кон Украина набрзо ќе ги дефинира појдовните позиции на 47. претседател на САД и кон Европа и кон ЕУ (и нејзините членки) и кон Обединетото Кралство и кон нашиот регион. Да не заборавиме дека тука улога ќе има проектирањето на приоритетите на САД не само кон земјите од Европа, туку и кон Русија, Кина и други земји во светот, анализира Величковски.
Затоа, додава тој, ќе ги прескокнам навивачките позиции „за“ и „против“ претседателскиот кандидат Трамп кои кај нас се низ призма на дневна “партиска” ориентација или политика со две илустрации – и ќе се фокусирам на односот кон политиките на претседателот на САД.
– На пример, Коридорот 8 како значаен и за ЕУ и за НАТО и за самата Северна Македонија стана видлив транс-атлански приоритет уште од администрацијата на Клинтон, исто како што прашањето на колективната одбрана низ сојузништвото во НАТО 75 години зависи и од американската администрација и од земјите-членки и е на многу подлабоки основи. Ако зборуваме за премолчаните теми во домашната јавност, би сугерирал да ја отвориме темата која е од огромно значење за економските приоритети на Северна Македонија во односите со САД, низ призма на царините и давачките – одржувањето на статусот на повластена нација. Да не заборавиме дека ова прашање е од огромно значење и за многу поголеми економии во Европа од нашата, подвлече тој.
Затоа, потенцира нашиот соговорник, очекувам Пи-аР темата на гласноговорниците на власта колку која владејачка партија е блиска со Републиканската партија да заврши наскоро, а потоа ќе видиме колку сепак приоритетите и правците на американската безбедносна и надворешна политика се многу поголеми и подлабоки од една администрација.
Пораки со честитки за победата на републиканскиот кандидат за претседател Доналд Трамп на 47-те претседателски избори во САД упатија македонскиот државен врв и опозициските лидери. Сите со очекување да се продлабочи стратешкото партнерство меѓу двете земји.
Доналд Трамп треба да ја презеде должноста во јануари 2025 година.
Дестан Јонузи