Светски познатата оперска мегаѕвезда, еден од најголемите тенори на денешницата – но и врвен диригент, Пласидо Доминго првпат доаѓа во Скопје. Концертот е закажан за 14 март 2025 година, во арената „Борис Трајковски“. Освојувачот на 12 „Греми“ музички награди, во македонскиот главен град го носат „Прагма продукција“ и Македонската опера и балет.
Пласидо Доминго го заслужи своето место во аналите на операта со ѕвездената кариера што се протега низ околу 50 години. Како уметник, но и како еден од Тројцата тенори, тој стана едно од најпочитуваните имиња во класичната музика, освојувајќи безброј признанија, вклучително и 12 „Греми“ награди. Тој продолжува да ја зацврстува својата репутација до денес пред публиката ширум светот. И како извонреден пејач, но од неодамна и како диригент. Карактеризиран како ренесансен човек од страна на критичарите, награден со почесни титули и престижни одличја, Доминго е и основач и претседател на престижниот меѓународен натпревар за пеење „Опералија“, којшто има за цел да открива млади таленти и да ги претставува пред светот.
Неговиот репертоар вклучува повеќе од 150 улоги, со над 4.400 настапи. Потврда за неговиот уметнички статус е фактот што тој е и почитуван диригент со повеќе од 600 настапи. Бил почесен уметнички директор на Стогодишниот фестивал Арена ди Верона, како и генерален директор на Операта во Лос Анџелес и Националната опера во Вашингтон.
Заедно со него, на сцената во арената „Борис Трајковски“ ќе настапат и Марија Жозе Сири – една од водечките сопрани во светот, и Жорди Бернасер – еден од врвните шпански диригенти денес.
Влезниците се во продажба преку продажната мрежа на „Купи карта“, „Розе Веро 2“ и „ЈК травел“ во „Бисер“.