Пишува: БРАНКО ТРИЧКОВСКИ
Да ја заборавиш Шекеринска на престижната функција, тоа е како да ја прескокнеш свадбата на синот. Или да те нема на сопствениот погреб затоа што си скаран со смртта. Да не му честиташ на Ковачки кого Путин го именувал за начелник на окупациските сили на Руската федерација во Украина.
Има нешто подлабоко во поведението на премиерот во врска со именувањето на Шекеринска за заменичка на ген секот на НАТО.
Мислам подлабоко од конфликтот меѓу сдсм и вмро.
Како да се објасни немоќта или неспособноста да изрази задоволство од нејзиниот успех во името на државата што ја води?
Да и честита.
Да и се обрати на јавноста како што се обраќа за се и сешто, да речеме, за претворањето на некоја ливада во селско игралиште за деца и возрасни.
Нешто поголемо ја исполнува огромната дупка меѓу отсуството на домашно воспитување и елементарна граѓанска пристојност и култура и декларациите за благородните намери во однос на општото добро, од другата страна.
Па, тој ќе се расчепи над таа дупка дури и со кондурите „Зења” или „Прада”, ја заборавив марката што ј носеше.
Емоционална фригидност, скинати синапси, еднодневно пореметување на свеста, шизофренија која е индицирана во повиците за обединување и отсуството на гест кон госпожата која стана втор човек на НАТО со референци од државата што ја раководи, страв од реакциите на масата што ја запали на темите за предавниците кои, со негова согласност, слушам, стануваат важни личности во западната номенклатура.
Зошто студентите би правеле деца ако знаат дека ќе ги растат во вакво политичко и културно окружување какво што секој ден демонстрира премиерот.
Што ќе биде со децата што тој ќе ги прогласи за предавници, било според неговиот поглед на нивните поведенија, било според досиејата за семејните истории и традиции што ги има вмро?
Имаме, значи, работа со фосилизиран човек од кој може да се очекува промена на земјата, но не и промена на себе, што значи дека општествените промени ќе ги прилагодува на себе. Тоа е движење во спротивен правец од движењето на времето. Како исчезнувањето на човекот во сперматозоидот од кој бил направен.
Пред да го направи.
Македонецот би се претворил во дупката на зурлата или на некоја шупелка.
Во ништо.
Во сета оваа извалканост охрабрува само фактот дека неговата релативна моќ ќе опаѓа. Тоа е закономерна судбина на типовите кои кон времето и потребите на општеството се однесуваат како камен покрај пругата на брзиот воз на Историјата.
Вморонското „ура” нема повеќе никакво ехо. Луѓето ја симнуваат маската на гордоста што им ја залепија комитите и почнуваат реална комуникација со сонародниците, со продавниците, со времето и просторот.
Вмро останува стар хит кој во јавниот простор нема да може да се пушта.
Нема да е згодно.
Тоа е.