Претставниците на Косово и Србија на трипартитната средба во Брисел се договорија целосно да се спроведе заедничката изјава за исчезнатите лица за време на војната. Средбата беше со посредство на пратеникот на Европската унија за дијалог Мирослав Лајчак. Заедничката изјава за исчезнатите лица е дел од договорот меѓу Косово и Србија постигнат минатата година во Брисел и во Охрид, Северна Македонија, пренесуваат косовските медиуми.
„Двете земји се договорија за заедничката комисија за исчезнатите. Среќен сум за договорот на страните. Ова е важен чекор, додека наскоро ќе се организира првиот состанок на заедничката комисија за исчезнатите“, напиша Лајчак во платформата Х. Тој потсети дека „нормализацијата на односите значи интеграција во ЕУ и дека нема поделба меѓу овие две работи“ за Косово и Србија.
Во мај минатата година, лидерите на Косово и Србија потпишаа заедничка изјава за исчезнатите лица за време на војната во Косово, преку која се обврзаа на „целосно спроведување на обврските за расветлување на судбината на околу 1.600 лица“, за кои ништо не се знае и 25 години по последната војна.
Главниот преговарач на Косово во дијалогот Бесник Бислими изјави дека првиот состанок на мешовитата комисија ќе се одржи веќе следниот месец.
„Има ветувања од Србија дека нема да има тенденција да ја попречува работата на оваа комисија во иднина“, рече Бислими, додавајќи дека „страните во декември минатата година се договориле со конечната верзија на задачите за активирање на мешовитата комисија.
Но, имаше тенденција од Србија да интервенира во текстот и да вметне параграф кој повеќе или помалку ја зајакнува улогата и присуството на УНМИК, но ние не прифативме такво нешто“, вели Бислими.
Главниот преговарач на Србија, Петар Петковиќ, изјави дека е направен последниот чекор неопходен за прашањето на исчезнатите лица и оти сега е отстранета и последната пречка околу спроведувањето на декларацијата за исчезнати лица.
„Ја имаме декларацијата, ја имаме регулативата за работа и сега договоривме заедничка комисија која ќе ја поддржи работната група со која претседава Меѓународниот комитет на Црвениот крст“, рече Петковиќ.
Д. Тахири/Цивил Медиа