Министерот за економија и труд Бесар Дурмиши денеска по посета на маркети во Скопје оцени дека цените на производите од новогодишната кошница што почна на 15. месецов се намалени за 10 проценти и повеќе. Државниот пазарен инспекторат, пак, како што соопшти директорот Влатко Стојаноски, регистрирал ситни забелешки во однос на означувањето на производите и ситни корекции кај цените на два-три трговски субјекти. Инспекторите не регистрирале отстапување од договореното за поевтинување на производите за 10 проценти во однос на нивната најниска цена во последните 30 дена пред почетокот на акцијата. Листата со производи од акцијата, како што соопштија, од стартните 600 надминала 1.100 и е отворена.
Денеска бевме во посета на маркетите за да видиме дали се ставени прозиводите во маркетите што беа понудени од трговците, проиозводителите и дистрибутерите во Новогодишната кошница. Видовме дека се означени со ознаката, тие производи што се ставени на листата намалени се за 10 проценти и повеќе. Ме радува фактот што за многу кратоко време бројката на производи достигна над 1100 од 95 трговци на 42 ланци на маркети, изјави Дурмиши, кој беше придружуван од заменик министерот за економија и труд, Марјан Ристески и директорот на Државниот пазарен инспекторат, Влатко Стојкоски.
Дурмиши апелира трговците да ја почитуваат мерката како што рече, до крај, а покрај Државниот пазарен инспекторат посочи дека граѓаните се најголеми инспектори и ги повика да пријават неправилности.
– Оваа мерка беше на иницијатива на трговците, производителите и дистрибутерите, поддржана од страна на Владата. Државниот пазарен инспекторат е на терен за да види дали се спроведува. Апелирам до сите трговци да ја почитуваат мерката додека трае до 15 јануари 2025 како што ја почнаа првите денови затоа што ова е нивна мерка. Најголеми инспектори се граѓаните, ако забалежат изигрување на цените да се јават на бесплатниот број 191 или а ве страната на ДПИ, рече Дурмиши.
Директорот на ДПИ Стојкоски изјави дека не се забележани неправилности во поголеми размери и оти постапуваат и по поплаки од граѓани.
– Во овие пет дена ДПИ регистрира ситни забелешки во смисла на означувањата и ситни корекции на цените кај два-три трговски субјекти. Не се забележани неправилности во поголеми размери. Можам да заклучам дека сите чинители во овој процес го почитуваат договореното, изјави Стојкоски.
Според него, мониторингот што го спроведе ДПИ пред стартот на акцијата, покажал дека серозно се почитува договорнео и трговците на дело покажуваат општетсвена одговорност.
И според Законот за заштита на потрошувачите како Пазарен инспекторат имаме право и ја контролираме најниската цена во последните 30 дена, односно на најниската цена минимум 10 проценти намалување. Го контролираме тоа, во тек сме и немаме некави драстични разлики, рече Стојкоски, прашан за коментар на критиките од граѓаните дека трговците пред да стапат во сила мерките и за есенската и за новогодишната кошница ги зголемиле цените и подоцна во пракса нема никакво намалување.
Акциската листа опфаќа леб и житарици, пекарски производи, месо и преработки од месо, риба, млеко и млечни производи, кондиторски производи, свежо, замрзнато и конзервирано овошје и зеленчук, безалкохолни (газирани и негазирани) напитоци, алкохолни пијалаци (вино и пиво) и друго. Тие производи на полиците во трговските ланци треба да бидат обележани со налепница и лого „Помалку трошоци, повеќе за тебе“, како дел од кампањата на Владата.
За заштита на стандарот на граѓаните поради покачувањето на цените што е особено карактеристично пред празниците, покрај новогодишна кошница, Владата најави и велигденска и рамазанска.